Девалвирање и елиминирање на македонските државни празници

Пандемијата на ковид-19 во светот и во Република Македонија е добредојдено алиби за оправдување на актуелната марионеточна коалиција на нејзините неуспеси управувањето/владеењето со државата. Ја продолжува својата национална катастрофална политика врз Република Македонија и македонскиот народ, беспрекорно исполнувајќи ги директивите на нивните западни ментори, како и отстапките на ултимативните барања од страна на нашите „добри“ соседи, брише и бруси сè што е македонско и води политика на целосна демакедонизација, односно процес на американизација и албанизација на државата.
Денес на удар се државните празници на Република Македонија, 11 Октомври – Денот на востанието на македонскиот народ против фашизмот, 8 Септември – Денот на независноста на нашата држава, како и 9 Мај – Денот на победата против хитлеровскиот фашизам, кој го прославуваат сите народи од антихитлеровската коалиција, со исклучок на САД, кои на 4 јули одбележуваат Ден на независноста, но не и Ден на победата, од причина што Американците сите војни ги воделе и ги водат на туѓи територии и сите ги губат.
Како што е познато, по распадот на Југославија, поранешната СР Македонија, како и сите бивши југословенски републики, својата независност и сувереност ги стекна по мирен пат и на 8 септември 1991 година на референдум, на кој над 95 отсто од граѓаните се изјаснија позитивно, првпат прогласи своја слободна, независна и суверена држава под името Република Македонија.

Со тој чин се реализира сонот на илинденците, борците од НОБ и на сите наши предци, односно се оствари долгата борба на националната ВМРО, односно идеалите на Илинден 1903, на АСНОМ 1944 година и на сите Македонци. Оттогаш 8 Септември се прославува како Денот на независноста на Република Македонија и е неработен ден.
Сите претходни влади државните празници ги прославуваа мошне свечено, масовно и на највисоко државно ниво. Се одржуваа свечени академии, со пригодни поздравни говори, а свечено се доделуваа, исто така, државни награди на истакнати личности за нивниот придонес во науката, културата, образованието, здравството, економијата, спортот итн. На плоштадите во Скопје и во други градови се организираа масовни прослави и забави, украсени со празнични транспаренти и иконографија на истакнати личности, а се организираше, исто така, богата културна програма, во која познати пејачи настапуваа со патриотски и народни македонски песни. Насекаде се организираа празнични свечености и забави, а народот традиционално одеше на излети во познатите излетнички места. Граѓаните прославуваа весело, со ентузијазам и гордост за својата слободна татковина.
Меѓутоа, со насилното донесување на власт на предавничката политичка партија СДС (без М бидејќи таа секогаш дејствувала и дејствува против македонската кауза), е наследник на комуњарите (повторувам на комуњарите, а не на комунистите), во Република Македонија настанаа големи промени во негативна смисла.

Државата буквално е превртена наопаку, а граѓаните мизеруваат и се доведени до питачки стап. СДС со помош на странски тајни служби прво ја растури Југославија, а денес и Република Македонија. Од меѓународен политичкоправен субјект Македонија е редефинирана во обезличен географски објект (провинција), со статус на протекторат на НАТО-сојузниците. Денес на ред се државните празници, на кои актуелната власт по секоја цена се труди да им го минимизира значењето и да ги девалвира, за да ги избрише од меморијата на македонскиот народ.
Актуелната марионеточна владина коалиција, која, за жал, по последните вонредни избори повторно е донесена на власт, годинава државните празници 9 Мај, 2 Август, 8 Септември, 11 Октомври и други ги одбележа нетрадиционално и без каква било прослава. Протоколот во врска со ковид-19 (кој, впрочем, не важи за седниците во Собранието, како и за работата на обложувачниците и на забавни објекти на сопственици блиски до власта) беше искористен како алиби празниците да се одбележат на отворено, нетрадиционално, несвечено и со минимален број поканети гости. Од церемонијата на одбележувањето на 8 Септември на платото пред зградата на Владата, имавме чест да дознаеме дека претседателот на државата, С. Пендаровски, во придружба на З. Заев, со ниско кимнување со главата е врховен командант на вооружените сили на државата. Потоа и двајцата со голема тежина на срцето и со очигледно лицемерство, преку сила и низ заби ни го честитаа „Денот на независноста на Република Македонија“, при тоа честопати избегнувајќи го името Македонија, не пропуштајќи ја можноста 8 Септември да ни го претстават и како „Ден на независноста на Република Северна Македонија!?“ Наместо да нѐ информираат за хронологијата и трнливиот пат на борбата на македонскиот народ за своја слободна и независна држава, говорницата ја злоупотребија да ни ја раскажат приказната за „големите успеси“ на Македонија за време на нивното владеење.

Која беше причината празниците 8 Септември и 11 Октомври да не се прослават масовно и празнично на отворено на плоштадите на градовите низ државата како во минатото, почитувајќи го протоколот за ковид-19?
Фактот што по празниците немаше речиси никакви одгласи и реакции од страна на медиумите е доказ за тоа дека граѓаните ваквото „одбележување“ на празниците не го признаваат и не го прифаќаат. Во услови на денешната катастрофална политичка и социјална ситуација во државата, на луѓето не им е до прослава и веселба. Граѓаните се во очај и разединети. Со свои колумни се огласија само режисерот Јани Бојаџи, кој конфузното и нетрадиционално одбележување на 8 Септември го нарече парастос на Денот на независноста на Република Македонија, и колумнистот Александар Димовски, кој, покрај другото, потенцира дека резултатите од референдумот одржан на 8 Септември 1991 година за независна Република Македонија и утврдувањето на нејзините државни празници не може да бидат ниту анулирани и ниту поништени со каков било друг акт, освен со нов референдум. А тоа што на 30 септември 2018 година ни го променија уставното име и сосила нѐ втурнаа во НАТО е дивоградба, бидејќи тоа е извршено незаконски и под политички притисок на западни центри на моќ, спротивно на волјата на граѓаните. Триесетти септември е ден на погребување на Република Македонија и на македонскиот идентитет, ден на губење на нејзината независност и на политичка окупација од страна на НАТО-сојузниците.

Вангел Качев, Скопје