Две укажувања за господинот Миша Глени

Почитуван господине Миша Глени, на еден портал во Скопје, на 28.5.2019 г. ја прочитав оваа Ваша изјава: „Ако му речам на Макрон примете ја Македонија во ЕУ, ќе ме избрка од кабинет“. Потоа следува многу убаво претставување за Вас: „Миша Глени е политички аналитичар од Британија, одличен познавач на работите на Балканот, кој редовно е консултиран од владите на Балканот и на Источна Европа, особено за транснационалниот организиран криминал и сајбер-безбедноста“.

Јас сум активист по „влашкото прашање“ над 40 години, па затоа си дозволувам да Ве замолам да го прашате господинот Емануел Макрон за две работи. Првото нешто е: „Кога Франција ќе ја ратификува Европската конвенција за малцинските права?“ Во тој контекст не е лошо да ја разгледате работата и за тоа што остана и што се применува денес во Франција од паролата исфрлена уште во 1794 година во времето на Француската револуција: „Либерте, егалите, фратерните?“ Уште во далечната 1992 година, проф. д-р Петар Атанасов, од Катедрата за романистика при Филолошкиот факултет во Скопје, ми укажа на ваква една работа: „Во Амбасадата на Франција им се крева косата на главата од две работи, малцинство и малцински права, па затоа немојте таму да ги споменувате овие две работи“. Јас добро се знаев со него и никогаш не побарав прием таму. Сепак, во мај 2017г., самиот си го погазив зборот и побарав средба со неговата екселенција, амбасадорот Кристијан Тимоние. Разговаравме за многу работи, ама од сето тоа ништо не се виде. И така, се потврди укажувањето на г. Атанасов. Франција е една од малкуте земји од ЕУ која не ја има ратификувано споменатата Конвенција, за чие донесување гласале нејзини пратеници. Ова значи дека не признава речиси никакви малцински права за Баските, Окситанците, Бретонците и др. Како навистина стојат работите проверете Вие, господине Миша Глени. Па така ќе утврдите дека од тие три многу значајни збора повеќе од 50 години во Франција не се почитува речиси ништо.

Втората работа што сакам да Ве замолам да го прашате господинот Емануел Макрон е: „Дали смета дека Европската Унија знае што значи зборот демократија штом ја толерира Република Грција, која до денес нема признаено дека таму живеат неколку малцинства – Власи (2,5 милиони), Македонци, Турци, Албанци, Роми, Помаци и др. ако ги има? Дали е праведно тоа што една божем демократска Европска Унија ја толерира Република Грција која води систематски осмислена јазична и културна асимилација до јазичен и културен геноцид, односно етнички холокауст, на Власите, Македонците, Турците, Албанците, Ромите и др. кои живеат таму? Дали е хумано и демократски сите тие малцинства, во овој 21 век да немаат ниту една секунда програми на ЕРТ? Дали е хумано и демократски сите тие малцинства, а мене најмногу ме боли за Власите, да немаат ниту еден час образование на својот мајчин јазик во националниот систем за образование? Дали е хумано и демократски тие малцинства да немаат право да се организираат по малцинска основа и да им се финансираат културни активности од буџетот, за кој и тие придонесуваат? Дали е хумано и демократски Власите и Македонците да немаат право на богослужба на својот мајчин јазик? Дали не се гледа од далеку дека во Грција владее отворено фашистичко однесување кон сите малцинства?“

А за жал, Република Грција си дозволува да држи лекции за малцински права кај соседните држави! И сето тоа, проверете па ќе се уверите, започна уште во далечната 1926/1927 година кога беше донесен Законот за топонимите, со кој сите топоними од влашко, турско, македонско и друго потекло беа заменети со грчки. Со тој Закон за топонимите беше започнат жесток и безмилосен прогон и имаше ригорозни казни за сите кои не ги почитуваа новите топоними.

Почитуван господине Миша Глени, еве, само со овие две работи, ако убаво ги анализирате и проучите, а за тоа во Англија има податоци, ќе видите и уште една работа: Со кои лаги и паралаги Грција ги има зграбено Тесалија и дел од Епир на Берлинскиот конгрес од 1878 година и најголем дел од Македонија и дел од Тракија на Мировната конференција во Букурешт од 1913 година.

Дури откако ќе ги видите и ќе ги ставите на кантар сите овие три работи, можеби ќе биде добро Вашиот авторитет да го вложите во една акција за решавање на правата на малцинствата во Република Грција до автономија за секое малцинство.
За дополнителни информации за некои состојби Ви стојам на располагање. И уште едно мало укажување: За овие работи јас Ви пишувам од Скопје, затоа што тие од Грција се плашат заради фашистичкиот однос на Грците кон претставниците на малцинствата, кои се осмелуваат да прозборат за малцински права. Јас верувам дека ова писмо ќе си го најде патот да допре до Вас, сигурно и со помош на господата од порталите од Скопје.
Ако некогаш дојдете во Скопје, Ве молам да ме побарате, заедно да се напиеме по едно пиво и да си поразговараме за уште многу други работи и проблеми на Балканот. А такви ги има колку сакате!

Димо Н. Димчев