Двајца „за“, тројца „против“, или обратно

Деновиве многу од луѓето со кои се среќавам, дали на улица или во продавница, ми го поставуваат истото прашање: „Комшија, што е ова што ни се случува со државава, дали ќе ја изгубиме?“А јас, како што ме дал господ, прост и неук се правам недоветен, па ги прашувам: „Како тоа мислите ќе сме ја изгубеле државата, па јас немам поим што се случува, а и нигде немам прочитано ниту видено на македонските ’национални телевизии’, иако секој ден читам независен ’Слободен печат’, исто така независен неделен ’Фокус’ и ги гледам ТВ Телма,ТВ 24 и МТВ.“ „А, бре, комшија, ти гледаш погрешни телевизии и читаш погрешни весници.“ „Аман бре, што ми кажувате, нели до вчера ме убедувавте дека тие се најобјективни, а ’Дневник’, ’Нова Македонија’ и ’Република’, т.е. телевизиите Сител, Алфа и ТВ Нова го лажат народот.“ „А, бре, комшија, дури сега прогледавме.“ Како, бре, сега прогледавте, кога човекот се раѓа опулен, а повеќето од животните прогледуваат отпосле.

Деновиве прочитав една изјава на некојси австралиски интелектуалец, која приближно гласи вака: жално и тажно е народот што му ги дал јазикот, писмото и верата на сиот славјански народ, и не само славјански, последен добива право на него, а и тој му е оспоруван.

И за крај, едно прашање за нашите интелектуалци. Што мислат, кој ќе биде вториот Вранишковски во полза на Бугарската црква, а третиот во полза на грчката, како за време на Балканските војни, додека нашите таканаречени интелектуалци и црковни големодостоинственици со разни награди и признанија т.е. дебели пензии спијат длабок зимски сон.

(Благоја Филиповски-Бојанче)