Да ги задржиме чистите води на Вардар – да бегаме од „Белене“

Потребно е да се задржиме на нашата основна идеја на изградба на Проектот на искористување (задржување) на вардарските води во нaшата држава, кои сѐ уште си течат неискористени. Тоа е перспективата на нашата Македонија дури и за соседот. Таа идеја е стара и е поставена во стратегијата за развојот на нашата земја. Новиот пат Демир Капија – Удово, кој го изградивме надвор од Вардарската долина, е почеток на реализацијата на искористување на вардарските води.

Продолжувањето на реализацијата на тој проект на искористување на вардарските води нѐ носи кон изградба на систем на хидроцентрали по долината на Вардар. Со тоа ќе се подигне нивото на подземните води на терените од Удово до Солун, проект за кој би требало да биде заинтересирана и Грција. Со вградување систем за наводнување би мoжело да се наводнува целото Солунско Поле. Нивото на Вардар во долниот тек, кај Гевгелија е паднато најмалку за 4 метра. Преку ваков заеднички проект би можеле повеќе да изградиме во нашата држава, а не во инвестиции на проекти во други соседски држави, на пример „Белене“, од кои непредвидлива е користа за нашата земја.

Во некои европски анализи за количествата на слатките води сме посочени како држава што за скоро време ќе има проблеми со недостиг од слатки води. Нашата држава има искуство со инвестирање во изградба на заедничка електроцентрала во соседна земја (косовските термоцентрали). За лошото искуството со таа инвестиција имаме евиденција во нашите архиви, а и некои постари се сеќаваат на проблемите што настанаа?!

Државата нема да ја чини поевтино учеството во нуклеарката „Белене“ во Бугарија отколку инвестирање во свои хидроелектроенергетски проекти. Тоа ќе значи развивање и градење во нашата држава, развивање сопствени капацитети, а користа ќе биде важна од повеќе аспекти.
Изградбата на хидроенергетски капацитети е класичен метод на екоенергетски капацитети и инвестицијата од аспект на добиена електроенергија е со долг период на враќање (фидбек), но користа за развојот во другите гранки на стопанството е исто важна и од витално значење на развојот на државата. Хидроенергетски капацитети не претставуваат високоелектроенергетски извори, но тие обезбедуваат постабилен и посигурен еколошки развој на земјата, вклучувајќи го развојот и на други гранки од стопанството.: земјоделство, вода за пиење, туризам, микроклима, вегетација и сл.

Од еколошки аспект не требаше да се покаже интерес како држава за проектот „Белене“. Затоа што на тој начин поддржуваме проекти што ќе ја загрозуваат животната средина во регионот. Како земја со земјоделско производство, не ни е од интерес да поддржуваме изградба на нуклеарни централи во соседството. Се покажа дека нуклеарните технологии не зависат само од совршеноста на технологијата туку најмногу од човечкиот фактор. Неизвесностите во такви технологии никогаш не престануваат и секогаш постојат. Иако тоа не зависи од нас, сепак треба да имаме јасен став и во согласност на нашата стратегиска определба. Освен тоа, ја покажуваме неодлучноста да инвестираме во свои државни витални проекти за земјата.

Ни треба ли инвестирање во нуклеарната централа „Белене“ во Бугарија? Ако Бугарија продолжи да нѐ третира како држава и во проектот „Белене“ како што го прави тоа со нашата македонска историја, ѝ благодариме, не ни треба Белене. Се плашам да не продолжат мегаломанијата и понижувањето што тие ги покажаа спрема нас и нашата држава. Ајнштајн рекол: „Потешко е да се уништат предрасудите отколку да се дезинтегрира атомот“. И затоа, понастрана со такви ризични проекти, кои имаат огромен број неизвесности. Ние во таков проект секогаш ќе бидеме последната дупка на свиралото и најголемата жртва. Користа од тоа што ќе го договориме, последни ќе ја добиеме. А ако има потреба од депонирање нуклеарен отпад, што секако ќе има, нема да зависи од тоа како сме се договориле, работите ќе се менуваат прекуноќ и, далеку од тоа што е договорено, ќе мораме да прифатиме и отпад.

Порано, кога работеше топилницата за олово и цинк во Велес, странците ни префрлуваа: „Имате чисти земјоделски производи, а со фабрика за тешки метали во центарот на државата“, а уште и до реката Вардар вие си ги загрозувате основните производи. Тоа беше реалност за нашето земјоделско производство и за екологијата во земјата, поради можноста на загадувањата на земјиштето, како и на водите на реката Вардар. Од тој проект осознавме што значи лошо еколошко решение. Видовме оти народот ги затвора таквите фабрики, независно од тоа колку инвестирала државата. Поради таквите искуства, треба добро да размислиме каде ќе инвестираме.

д-р инг. Стефан Поцев, проф. во пензија