Јавно ги повикуваме премиерот Зоран Заев, министерот за здравство Венко Филипче и директорот на ФЗОМ, Ден Дончев, да примат делегација на Здружението на приватни стоматолошки здравствени установи, на итна и официјална средба како легитимни претставници на стоматолошките приватни здравствени установи, за да се почнат преговори во насока на решавање на катастрофалната ситуација на стоматолозите во државава.

Ги поставуваме прашањата:
– Дали еден од друг доктор може да се разликува толку многу, така што државата за едниот создава услови да заработи плата од 100.000 ден., а за другиот 12.000 ден.?
– Дали стоматолозите имаат право да бидат третирани како доктори стоматолози, како што се третирани другите доктори што работат во јавното здравство или како што се третирани општите матични лекари?

– Дали ќе се престане стоматологијата, која е дејност од јавен интерес, да се третира како стопанска дејност, што води до несовесно работење?
– Дали ќе се прекине со непланирано производство на стоматолошки кадар спротивно на сите принципи и потреби на државата и на штета на сите: на државата (губи млад квалитетен кадар што би можел да заврши друг потребен факултет), на стоматолозите (создавање нелојална конкуренција) и на крајот на пациентите (кои на крајот можат да добијат неквалитетна услуга).

– Дали стоматолозите имаат право на одмор и боледување, а притоа да не стравуваат дека може да им пропадне ординацијата?
Општите стоматолози во моментов се наоѓаат на дното на општеството, со тешки егзистенционални проблеми и ризик од банкрот. Голем дел општи стоматолози се со минимална плата од 12.000 ден. Голем број од колегите што ќе одат во пензија, ќе заминат со минимални пензии.

Новите дополнителни финансиски обврски што им се наметнуваа од година на година на приватните здравствени установи, како и покачувањето на платите, материјалите и сите редовни трошоци на ординациите, а притоа не водејќи сметка дека од 2005 до 2018 година цените на услугите, како и капитацијата што ја исплаќа ФЗОМ по пациент се непроменети, поради големиот одлив на жители во странство, основата „0“ што се појавува кај огромен дел од нашите пациенти за кои не се исплаќа капитација, несоодветниот надомест за дадените услуги на пациентите, се доаѓа до заклучок дека овој систем на финансирање кај општите стоматолози е неодржлив и мора да се промени.

Поради континуираното зголемување на стартните месечни трошоци на една стоматолошка приватна здравствена установа, кои во моментот изнесуваат од 55.000 до 70.000 ден., а во оваа сума се вкалкулирани: минимална плата за доктор и сестра од 12.000 ден., режиските трошоци на ординацијата и дополнителните финансиски обврски за одржување на ординацијата според законите во РС Македонија, потребни се итни и неодложни промени за обезбедување на минималните средства за сите тимови што се под оваа сума.

Потврда на ова се и официјално објавените податоци во извештајот на ФЗО на Македонија за 2017 год., каде што просечните приходи по еден стоматолошки тим исплатени од Фондот изнесуваат 46.700 денари. Споредено со нашите колеги од другите области на здравството, исплатените приходи за еден стоматолошки тим заостануваат два, па и трипати. Потрошувачката на лекови и други материјали што одат на товар на Фондот од страна на докторите стоматолози е минорна, боледувањата издадени од страна на стоматолозите се исто така занемарливи, а токму за овој вид потрошувачка со право се констатира дека е нереално висока и се трошат милиони евра непотребно. Според ова, стоматолозите се штедната книшка на Фондот за здравство, а се најмногу оштетени сите овие години.

Затоа Здружението на приватни здравствени стоматолошки установи, заедно со огромен број основачи и претставници од приватните здравствени стоматолошки установи, изработи платформа во која насока треба да се одвиваат промените за решавање на проблемите на стоматолозите, кои се итни и неодложни.

Здружение на приватни здравствени стоматолошки установи