Дали статуата „Воин на коњ“ требаше да се демонтира и треба ли помирување меѓу соседите?

За народот таа статуа беше украс во ентериерот на аеродромот и нема никаква врска со Александар Македонски, тоа е статуа воин на коњ. Такви статуи има секаде по светот, тие претставуваат украс и никаде не се забранети. Тоа го направиме да му го исчистиме патот на Коѕијас, крајно понизно и бедно.
Ако Зоран Заев ветил да го брише името на Александар, тој треба да го брише таму каде што е напишано. Но не е должен да ги менува и ентериерите на нашите институции, На споменикот не пишуваше Александар Македонски? Ние Македончињата сме мизерија од народ. Не знаеме да се спротивставиме, немаме достоинство и понизни сме на секој од кого зависиме. Ќе дадеме сѐ да му погодиме само да нѐ не „кочи“. „Аман да не се случи да не нѐ примат во ЕУ и НАТО“, каква е таа мизерија.
Нам ЕУ и НАТО ништо нема да ни дадат ако не го заработиме тоа според нивните критериуми. Нас НАТО нѐ искористуваше како да бевме нивна членка. За време на КФОР на Косово, сѐ што требаше направија, а нашите патишта останаа растурени. Подлога на пат и мост не се поправа и не може да се поправи. Тоа што направија на мостовите е залажување.
Според ова што е направено со статуата на аеродромот, значи ли и ние што имаме такви статуетки по дворовите, дома, да ги однесеме на топење за да не ги видат Грците, оти сега ќе станеме пријатели. Ќе ни доаѓаат во Скопје по автопатот „Пријателство“. Мизерија и целосна понизност.
Ако не се брзавме да го смениме името на автопатот, на тоа име и да го додадеме хеленистички крал ќе беше помала понизност отколку да се смени името Александар Македонски.
Во нашата држава се откриени голем број археолошки локации од периодот на Филип и Александар Македонски. Откога ќе се спријателиме, Грција ќе бара да ги „запретаме“ или да ѝ ги дадеме нејзе или да напишеме тие се археолошки наоди од хеленистичките Македонци? Оти ние не сме Грци, а сѐ што е хеленско и од Филип и Александар Македонски нам ќе ни е забрането.
На Грција ѝ пречи што ги имаме Хераклеја, Стоби, Скупи, Охрид и сл. и нашиот Археолошки музеј. Грците кога ќе го видат тоа, ќе бараат да ги затвориме, да не го гледаат странци, Европејци и Американци, оти сѐ што е старо е на хеленските Македонци. А веројатно во договорот ќе треба да влезе да не вршиме археолошки ископувања отсега натаму во нашата земја кога ќе биде северна Македонија. Веројатно тоа со закон ќе биде забрането (регулирано), или да се напише оти тоа е од периодот на хеленските Македонци. А доколку продолжиме со археолошките откопувања, ќе дојдеме до значајни откритија. Па, не дај боже на наша територија да го најдеме гробот на Александар. Катастрофа за Грците. А во една таква ситуација, покрај Грција (јужна Македонија) и северна Македонија ќе бидат еднакво интересни за туризмот и археологијата. А таа реалност би била Македонија на Филип и Александар.
Каква е таа мизерија! Грција земја со стара демократија најстара во светот? И најстара членка на ЕУ?
Луѓе мои, каде се спремаме да влеземе! Не знам дали ќе успееме да се снајдеме, оти многу предуслови мораме да исполниме. А бидејќи ќе имаме многу предуслови, многу тешко ќе биде, а да не погрешиме.

Се прашувам себеси, а го прашувам и градоначалникот Шилегов дали е нон сенс да го симнеш споменикот „Воин на коњ“, а да ги имаш Хераклеја, Стоби, Охрид, Скупи и др.? Па, во тие антички градови од периодот на Филип Македонски има статуи, делови од статуи, амфитеатри речиси во секој археолошки локалитет од тој период. Ако немаме право на тие личности немаме, право и на такви археолошки откривања. Па, тоа што ја имаме Хераклеја, господине Шилегов, на Грците повеќе им пречи отколку споменикот на плоштадот или оној што го симнавте од холот на аеродромот. Уште колку такви понижувања ќе ни правите, сменивме знаме, еднаш сменивме и име. Сега пак почнавме, името на автопатот, па на аеродромот и не знам уште што. До каде? Па, не знам како не се срамите кога одите на посета во странство. Бевте во Загреб, Хрватска, па тие луѓе се горди, тие не би си го дозволиле тоа што го направите вие како градоначалник. Па, што мислите, како ве гледаат тие луѓе, понизно, мизерно и ве сожалуваат, а сигурно и ви се потсмеваат. Само вие тоа не го чувствувате. Нели нешто не е во ред со желбите на соседите и нашата сегашна власт за влез во ЕУ и НАТО? Да те обезименуваат, обезличат и таков да те примат понизен.
Европа треба да е заинтересирана и за квалитетот на решенијата на меѓусебните спорови, ако решението е под притисок на една од членките, тоа нѐ би требало да биде решение и за ЕУ и за НАТО. Оти Европската Унија со такви јазли (напрегната) внатре ќе се распадне како „шофершајбна“.
Европската комисија не може да не гледа дека Грција како членка си дозволува да не ги применува сите донесени меѓународни правни акти. Повелба на ОН, склучена спогодба во ОН, Одлука на меѓународен суд и на крајот со уцената – ерга омнес.
ЕУ го наведува случајот на помирување меѓу Германија и Франција по Втората светска војна, но тие тоа го направија достоинствено. Не помирување меѓу Заев и Ципрас, туку меѓу народот. За разлика од тоа како Европејците го прават, кај нас на Балканот тоа не го направивме со достоинство. Со прескокнување на тој достоинствен чин на помирување меѓу народот, тензиите не се решени и проблемите нема да се решат.
Без официјално покајување за минатото на Балканот (Бугарија и Грција) не може да се оди напред во меѓусоседските односи. Што, зарем (1) Бугарија за тоа што го направи во Втората светска војна на територијата на Македонија и (2) Грција што ги направи за време на Граѓанската војна (1947-1949) врз македонското население во Егејска Македонија може да се заборави. Без заедничко и официјално помирување меѓу народите преку еден заеднички собир на кој ќе се бара заборав на тоа што поминало, постојано ќе има расправии и кошкање, префрлувања и сл. Без еден таков достоинствен чин на Балканот, како што направија Германија и Франција за злоделата во Втората светска војна, не можеме да се помириме, тоа постојано ќе тлее.

(проф. Стефан Поцев)