Прашањето од насловот им било поставено на учениците учесници во Третата меѓународна студија за знаењата по математика и природните науки на учениците од осмо одделение, односно ученици на возраст од 14 до 15 години од 38 земји, што била спроведена во 1999 година.
Ученици од Македонија учествувале во овие студии, што се повторуваат секои четири години, уште во 2003 и 2011 г. и повторно во 2019 г. во категоријата ученици од 10 до 11 години, односно од петто одделение. Во тестирањето спроведено во 1999 г. учествувале 4.096 ученици од 149 случајно избрани македонски училишта, застапени со по едно одделение. Поставените прашања биле од шест области: геологија (географија), биологија, физика, хемија, екологија и природни ресурси, и научното истражување и природата на науките. За поголемиот дел прашања требало да се избере точниот одговор меѓу предложените 4-5 одговори, а за околу една четвртина од прашањата се барал одговор со две-три реченици. Неколку дополнителни прашања имале цел да овозможат согледување на домашните услови во кои живеат учениците. Во најдобрите случаи се очекувало децата дома да имаат барем 100 книги, компјутер, работна маса, речник и барем еден родител со високо образование. Прашањето, дали дома имате речник, во различни земји нема иста смисла доколку не е допрецизирано. Така, 83 отсто од нашите ученици одговориле дека поседуваат речник. Прашање е и тој одговор колку е веродостоен дури ако под речник се подразбира каков било двојазичен речник. Реално во тоа време тие не можеле да имаат на располагање толковен речник, бидејќи таков просто не постоел, ниту за македонскиот ниту за албанскиот јазик.

Сомнеж во искреноста на одговорите предизвикува и прашањето колку време се употребува на учење дома на природните науки, над еден час секојдневно, под еден час или воопшто не е посветено време на таа работа. Распределбата на одговорите на нашите ученици е 72 проценти, 25 проценти и 3 проценти, што претставува екстремен случај на посветеност на учењето, додека светскиот просек е соодветно 36 отсто, 50 отсто, 14 отсто. Слично, во студијата од 2019 г. со учество на ученици од 58 земји, на прашањето за желбата за учење математика, нашите ученици изјавиле дека многу сакаат да ја изучуваат (66 отсто), дека сакаат да учат (29 отсто) и дека не сакаат (5 отсто), и се високорангирани на деветтото место, додека соодветните изјаснувања на финските ученици, 28 проценти, 41 процент и 31 процент ги рангираат многу подолу на 55-то место. Во студијата од 2019 г. за наставниците било поставено прашање, колку се задоволни од работата во училиштето и биле предложени три можни одговори: многу задоволни, задоволни и помалку од задоволни. Одговорите на нашите наставници меѓу трите можности биле распределени на следниов начин, 80 проценти, 20 проценти и 0 проценти, додека соодветните податоци за Јапонија се 30 отсто, 59 отсто и 11 отсто. Повеќе податоци за студијата од 1999 г. може да се најдат во статија објавена во Билтенот на Друштвото на физичарите на Македонија 44, стр. 131-145 (2000-2001).
„Толковен речник на македонскиот јазик“ во шест тома подготвен од страна на 21 автор, соработници на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“ е издаден во периодот 2003-2014 г. Неодамна, на 5 мај годинава, беше промовирано неговото електронско издание што е достапно преку интернет и сега секој може да каже дека од дома, на работа или во библиотека, има достапност до речник на македонскиот јазик. Приказ на речникот од хрватскиот академик Марко Самарџија (1947-2019) е објавен во списанието „Македонски јазик“ LXVI, стр. 285 (2015). Во позитивно интонираната статија, тој укажува на мали пропусти од технички карактер за ознаките на некои хомоними, на пример зборот сложен, кои не се целосно отстранети ни во електронското издание. Поволна околност е што тоа дополнително може да се направи.

Меѓу потребните корекции од суштински карактер што треба да се внесат ќе наведам неколку примери. (1) Поимот гас е дефиниран како „Воздушесто тело чии честици се стремат да го исполнат сиот слободен простор; плин“. Бесмислено е да се зборува за тело, може да се каже „флуид со агрегатна состојба како воздухот“. (2) Електроника – „Наука што се занимава со движењата на атомите во електричното и во магнетното поле и со практичната примена на тие процеси“. Тоа не е точно, главната улога ја имаат електроните. (3) Лимфа – „Безбојна или бледожолтеникава течност составена од крвна плазма и леукоцити (бели крвни зрнца), која тече низ крвните садови и овозможува размена на материите меѓу крвните садови и ткивото“. Неточно. Лимфата циркулира низ сопствен систем. (4) Меридијан – „Замислена кружна линија што минувa низ двата пола на Земјата“. Меридијаните ги поврзуваат половите, но не ја обиколуваат Земјата. (5) Радиоактивност – „Својство на некои хемиски елементи при распаѓањето да испуштаат невидливи честички и зраци со силна енергија“. Факт е дека сите елементи имаат радиоактивни изотопи, а не само некои. Радиоактивноста се должи на нестабилноста на јадрата на атомите што доведува до нивна трансформација. (6) Симетрала – „Правец што го дели геометриското тело на два еднакви дела“. Тело може да се подели со површина, на пример рамнина, но не и со линија. (7) Ултразвук – „Лилјаците се движат со помош на ултразвук“. Точно е дека лилјаците се ориентираат со помош на ултразвук, а се движат со своите крилја. (8) Комета – „Небесно тело со мала маса и густина; се состои од глава и сјајна опашка; ѕвезда со опашка, опашеста ѕвезда“. Опашката на кометите не е постојана и се формира само кога тие се блиску до Сонцето. Освен тоа, при оддалечувањето од него, опашката е пред телото на кометата. (9) Русо – „Главен град на Доминика, русојанец, русојанка, русојани, русојански“.

Главниот град на Доминика се вика Розо, а не Русо, па според тоа и името на неговите жители не е тоа што е претставено. Имињата на главните градови на Нигерија и Мадагаскар не се коректно дадени. Некоректно и застарено е објаснувањето на терминот килограм. Очевидно, со голема увереност може да се претпоставува и тврди дека толкувањата на наведените примери не се единствените што треба да се коригираат. Присутна се и одредени недоследности. На пример во делот со топоними се среќава шпанската провинција Гранада, но не и Навара, присутна е Прованса, а Алзас не, вклучена е Калифорнија, ама Масачусетс не е итн. Сите примери на вакви пропусти немoжно е да се наведат поради ограниченоста на достапниот простор. За Крим се вели дека е полуостров во Украина, иако реалноста не е таква. Вклучен е поимот Африканер, но не и поимот Африканец! Наведени се некои хемиски елементи, а некои не.
Во 2005 г. е објавен еднотомен „Речник на македонскиот јазик“, всушност толковен речник, подготвен од професорот Зозе Мургоски како единствен автор. Речникот покрај своите достоинства има и понекој недостаток. Во речникот, симетрала се дефинира како „линија што поминува низ центарот“, што е бесмислено. Второ значително проширено издание со наслов „Толковен речник на современиот македонски јазик“ е објавено во 2011 г. На интернет е достапен уште еден македонски речник со толкувања на македонски јазик на адресата drmj.eu.
Во кои библиотеки ги има речниците за кои стана збор? Поновото издание на речникот на Мургоски, според cobiss.mk е достапно во три библиотеки и една институција во Скопје, и уште во библиотеките во Битола, Велес, Куманово, Охрид и Струга со вкупно 35 примероци, од кои 20 се во скопската библиотека „Браќа Миладиновци“. Речникот на Институтот за македонски јазик го има во 16 библиотеки и две институции. Само на три места постојат комплети од сите шест тома, по еден комплет во кумановската библиотека и Институтот за македонски јазик и три комплета во МАНУ.

Со меѓусебна размена уште некои од библиотеките би можеле да се стекнат со целосна колекција. Библиотеката од Делчево може да ги отстапи петтиот и шестиот том на библиотеката во Струга, а за возврат оттаму да ги добие првите два тома. Ми изгледа сосема апсурдно дека по толку изминати години по појавата на шесттомниот речник, отстрана треба да се предлага нешто очевидно. Постојат и други наслови на речници и лексикони што можат да бидат од голема полза за учениците, студентите и сите граѓани, но од негрижа нив ги нема во библиотеките, односно се присутни само спорадично во мал број библиотеки и училишта. За да се стекне населението со навика за употреба на речник, треба да се изработи и толковен речник наменет за младите од основните и од средните училишта. За да се оствари тоа не постојат некои посебни препреки, но треба да се ангажираат компетентни и посветени луѓе.

Виктор Урумов, пензиониран професор на ПМФ