Дали сонувате да нема безработица, да ја видите Македонија со прекрасни патишта, најмодерни интернет-комуникации, квалитетен туризам што носи многу повеќе пари отколку денес, Македонија што произведува техника со светски квалитет, не само храна или вино, туку софтвер или некоја иновација што светот ќе ја бара? Знам, ќе речете – научна фантастика. Но ова е можно! И тоа во многу кратко и скоро време, за 5-10 години или порано, дури и пред ЕУ да ја прими Македонија! Јас велам – можно е и не е научна фантастика. Единствено од што зависи е – Македонците од Македонија, без разлика која партија симпатизираат, да се разбудат од илузорниот и поделен свет на партиски банди во кој сите тонат. Ќе ви кажам како мислам дека тоа е можно малку подоцна во текстов, ама најпрвин да ви ја дадам мојата слика за Македонија, видена од другата страна на светот. Јас сум роден во далечната 1956 г. во Социјалистичка Република Македонија, а емигрирав за Австралија во, исто така далечната, 1987 година. Значи роден сум во Република Македонија и нема да дозволам никој да го промени тоа. Причината за моето заминување беше доброволна, иако и јас и сопругата имавме работа, сметав дека со моите професионални квалитети имав подобра професионална иднина во некоја од поразвиените земји, а јас ја одбрав Австралија затоа што на основа на моите квалификации Австралија ми нудеше виза. Значи во 1987 г. мојата одлука не беше политички мотивирана, туку чисто професионална.

Мојот заклучок од неколкуте работни места, кои дотогаш ги искусив во бившата татковина (работев во три фирми), беше дека моите способности беа на повисоко ниво од тоа што ми се нудеше. Откако сум во Австралија, редовно доаѓав и сѐ уште доаѓам во Македонија, каде што секако имам роднини, другари и пријатели. Кога велам редовно, мислам барем еднаш во годината, иако во почетокот немав средства да доаѓам толку често, но подоцна тоа стана поредовно. Не е многу битно за поентата на овој текст, ама сепак би напоменал дека денес сум врвен стручњак во мојата област, со многу производи и иновации, публикувани книги што се бестселери, преведени на многу јазици, со безброј патувања низ целиот свет на кои ги одржувам моите семинари и презентации каде што мојата експертиза се вреднува и цени. Сите знаат дека сум од Австралија, и Австралијците се горди со мене, ама исто така сите знаат дека потекнувам од Македонија. Едноставно, во мојата индустрија го имам достигнато она за кое верував дека го можам кога заминав – авторитет број еден во светот. А сето тоа, јас го научив во мојата Македонија. Секако, сакал или не, гледам, слушам и читам што се случува во мојот родна земја. Доживеав многу шокови во таа смисла, од распаѓањето на Југославија, кое беше неочекувано во 1987 г., до војните што се случија, кои беа незамисливи, бомбардирањата, тероризмот на УЧК, па некаквиси квазидоговори за смирување и последната трагедија од сите – доброволната промена на името, распродажба на историјата, идентитетот, јазикот… Целосно неочекувано, разочарувачки и за мене лично многу навредливо. Секако дека често разговарам со моите пријатели, школски другари и роднини од Македонија, читам разни портали, гледам добри дебатни емисии и што уште не за да разберам што се случува. Еден коментар што често го слушам од моите добри школски другари е: „Лесно ти е тебе, ти живееш во земја што е богата и каде што има закон. Ние овде немаме што да јадеме, затоа мораше да се направи тоа што се направи.“ Зарем навистина мислите дека ние што сме решиле да излеземе од Македонија за подобар живот ни било лесно? Па на многумина и сега не им е лесно. Барем за една секунда ставете се на нашето место.

Мислите ли дека е навистина лесно кога ќе дојдете во туѓа земја, никого не познавате таму, немате пријатели ниту „врски“, јазикот ви е туѓ, а треба да почнете нов живот од нула. Нема тате, нема бате, ниту чиче да ви помогне. А имате само доволно пари за авионска карта да се вратите назад – ако не најдете никаква работа. А со вас се жена и мали дечиња, и одговорноста ваша е десет пати поголема. Дали навистина мислите дека е, или било, лесно? Ако сѐ уште мислите така, значи дека немате капацитет да се ставите на местото на иселеник што оди во непознато. Не е ни најмалку лесно!
И сега за Македонија. Една од најголемите грешки што се прави во Македонија е партиската поделба и сѐ што значи живот да го поврзувате со тоа. Тоа е најголемата грешка, и на претходните власти и на сегашнава, и искрено се надевам дека нема да биде на новата власт, која и да е. За мене и за сите мои македонски колеги во Австралија, една од најболните работи е поделбата во Македонија на партиски симпатизери и тимови. Никој не ѝ простува на другата страна – и секој мисли дека е во право. Колкава илузија е тоа луѓе – немате поим. Зарем не гледате дека токму таа поделба е искористена од тие што ја манипулираат малата Македонија да нѐ сотрат, да нѐ избришат? Ако поделеноста на „наши“ и „ваши“ продолжи – Македонија ќе ја снема. Партиска поделеност и партиски вработувања во Австралија нема! Значи за овие 32 години што ги живеам и работам овде – никој никогаш и никому не му побарал или условил со партиска припадност каква било работа, бизнис или каква било услуга.

Никој и никогаш!!! Дури е и казниво по закон ако некој те дискриминира по каква било основа, вклучувајќи ги расната, етничката, сексуалната или политичката припадност. Ниту мојата сопруга, ниту децата, не знаат ниту ме прашале, за која политичка опција или партија сум гласал или ќе гласам. Ако сакам да им кажам, тоа е моја одлука, а не нивно право да знаат. Симпатизирањето една, друга или трета политичка партија нема – ама баш никакво влијание на животот во Австралија, иако гласањето е задолжително. Не е воопшто чудно ако ја промените лојалноста од една во друга партија, ако и воопшто сте заинтересирани за политиката. Бидејќи секое гласање е задолжително – ако не гласате ќе си платите казна од 55 долари, а ако и таа не се плати во рок од неколку месеци, ќе добиете дополнителна казна од 65 долари. Па вие не гласајте. Промените на раководители на големи фирми, училишта или што уште не во Македонија, базирани на тоа која владејачка партија е на власт, се најголемата глупост и најштетното нешто во сегашното македонско општество. Која е таа логика со секоја промена на власта да се менуваат раководители само затоа што „другиот тим“ дошол на власт. Треба да се менуваат само неспособните раководители, или кога ќе им помине мандатот, и тоа вработените ќе си одберат нов на конкурс, или газдата на таквата фирма ќе одлучи, а не некојаси владина политичка гарнитура. Понатаму, политичка партија на основа на етничка припадност е втората најголема глупост. Политичките партии треба да се борат за гласови со платформи за подобрување на животот на сите што живеат во Македонија, а не да застапуваат одредена етничка група и да се борат само за таа етничка група. Тоа не е ништо друго туку поделба. Потребна е агрегација, а не сегрегација.

Следно, за договорот од Преспа. Не се согласувам со оние Македонци што ја убедуваат јавноста дека немало друг начин и тоа сме го направиле, иако болно, со една цел – да влеземе конечно во НАТО и во ЕУ. Тоа е измама, примитивен, неуставен и недостоинствен чекор. Тоа е една од најголемите навреди што повеќето од дијаспората ја чувствуваат како таква. Да не зборувам за нелегалноста на сѐ што му претходеше на овој предавнички и погрешен чекор, промената на Уставот итн. На пример една од можните опции со Грција јас лично сугерирав до властите, и до сегашната и до претходните!

Сега конечно да преминам на темата со која почнав – дали мислите дека Македонија може да биде нешто како Швајцарија на Балканот. Јас велам дека може, а ќе објаснам како. Дали некој знае колку живи Македонци има надвор од Македонија денес? Како што прочитав неодамна, над половина милион млади Македонци се иселени само во последниве две-три години. Сигурен сум дека вкупно има над еден милион низ целиот свет. Најмалку еден милион. Можеби се два или три, ама, еве, да бидеме конзервативни во пресметките за да ви ја образложам идејата. Еве, да речеме дека вкупно не се повеќе од еден милион (иако сме многу повеќе…) Дали мислите дека на тие еден милион Македонци, докажани работници, бизнисмени, патриоти, ќе им биде тешко да одделат илјада долари во годината за подобра иднина на Македонија? Просечната плата и на најслабо платениот работник е доволна да, ако сака, може да одвои илјада долари за подобра иднина на земјата во која се родил и ја посетува. Најмалку еден милион иселеници, барем по една илјадарка, тоа се над милијарда долари (или евра ако сакате) годишно! Ова би биле неповратни средства за изградба на вистинската Македонија, а не како заем! Ако јас знам дека во Македонија има правична влада, нема корупција и владее правото, и се направат транспарентни механизми, отворена база на податоци, каде што ќе се внесува секој што дал придонес за подобра Македонија – ќе дадам и повеќе од илјада долари, и тоа не еднаш – секоја година!

Ако новата влада, можеби и широка коалиција, почне со млади и нерасипани кадри, можеби довербата дека нешто ќе се промени на подобро ќе се врати. Сите меѓународни заеми во кои Македонија сега се дави, постепено би се вратиле. Ова би биле нови фондови што доаѓаат од самите Македонци надвор од Македонија. Охрабрена од вакви можности, новата економска политика би креирала можности за младите, и постојната работна сила, да не заминуваат надвор. Неповратни средства, од барем милијарда долари годишно од иселениците. Ако ова проработи како што би можело, донаторството би се случувало повеќе години во низа, не само една. Ако се работи позитивно, без крадење, лажење и корупција, транспарентно за сите да видат, оваа идеја ќе охрабри и многу други иселеници да вложат и повеќе од илјада долари годишно.

Значи зборувам за неповратни средства, не како долг што мора да се враќа со претурање од шупливо во празно. Неповратни средства што би се инвестирале во нови патишта, фабрики, роботика, развој на софтвер, прочистување на воздухот, инвестиција во приватни бизниси, квалитетни производи што можат да излезат од Македонија. Не треба многу повеќе од тоа Македонија комплетно да се трансформира, без заеми од ЕУ или од ММФ, кои кога-тогаш треба да се враќаат!
Има и уште еден важен момент што многу не го знаат или не размислувале за него. Сите ние иселеници што сме заминале пред 20-30 години, како професионални мигранти на основа на нашите квалификации, сега веќе доаѓаме во години за пензија.

Многумина од нас би се вратиле во Македонија, родниот крај секогаш влече. Сите посакуваме да ги доживееме пензионерските денови меѓу своите стари пријатели, другари и роднини. Како такви, би се вратиле назад со многу поголемо количество пари, кои сме ги заштедиле во приватните пензиски фондови, а не само со тие илјада долари. Тоа би имало лавинска реакција и на сегашните професионалци што заминале од Македонија, а евентуално ќе стигнат за пензионирање. Тоа се идни огромни средства и богатства на Македонија, треба само некој да ги види и да ги отвори вратите за нив. Сѐ што треба е вистинска и чесна влада што ќе ја врати довербата кај луѓето, која ќе овозможи правда, чесност и работливоста. Размислете убаво! Јас верувам дека ова е можно! Сѐ што треба е закон еднаков за сите, без разлика на партиска припадност, етничка заднина или религија. Дури може да се креираат некои мали концесии или „подароци“ за тие што донирале на пример. Ова е само груба идеја, и не мора да биде таква, ама давам пример: секој оној што донирал средства да се запише неговото/нејзиното име некаде, каде што ќе биде внесено во постојан регистар за обнова на Македонија. Кога тие луѓе ќе дојдат во Македонија на пример на одмор, да им се понуди еден мал платен викенд во „Свети Наум“ на пример или Охрид, „Попова Кула“ или Маврово. Симболично, колку да се почувствува грижа и респект за тој што помага и има респект и благодарност за тоа. Македонија е земја на извонредна гостопримливост, природни убавини, прекрасна храна и инспирирачка историја. Тоа се богатства што треба да ги претвориме во наше богатство, и духовно и материјално. Сето тоа можеме ние самите да го искористиме и да си ја направиме Македонија атрактивна за сите добронамерни гости од целиот свет, и како туристи и како бизнис-партнери. Која било влада да е, без разлика на партиските бои, само треба да е праведна, без лаги и корупција. Кога таква влада ќе знае дека ќе може да смета на вакви неповратни средства од своите од дијаспората, самите ќе направиме мала Швајцарија од Македонија. Наместо да ја молиме ЕУ да нѐ прими како нивна членка, ЕУ ќе нѐ моли да станеме дел од нив. Едноставно е. Најважно од сѐ, ова може да се случи многу побргу отколку да се чека ЕУ да се смилува да нѐ прими како нејзина членка – и дури тогаш да почнеме да мислиме како ќе работиме во состав на ЕУ. Тогаш можеби би било и предоцна – никој работоспособен во Македонија денес нема да остане да чека десетина години да види како животот ќе се подобри откако сме влегле во ЕУ. Тоа можеме да го почнеме сега. Сѐ што ни треба е ум во главата, искрена работа, љубов и почит еден кон друг, а пред сѐ љубов и почит кон мајка Македонија.

Со почит и поздрав од Австралија,
Владо Дамјановски