Деновиве сме преплавени од бомбастични изјави на владини функционери дека земјава ќе ја спасат „големите пријатели“ од надвор, за да влеземе во НАТО и ЕУ со тоа што брзо, многу брзо треба да ни ги сменат името и идентитетот за да станеме „тиква без корен“ и аморфна маса, ќе ни го одземат вековното име за кое се бореле толку многу македонски патриоти, традициите и обичаите ќе ги заборавиме, религијата православна христијанска да ја снема и што ли уште не прават нашите големи пријатели, кои бидејќи толку многу нѐ сакаат нејќат дури ниту да нѐ ословуваат! А зошто толку брзање!? А ние, пресреќни, бидејќи ни се „големи пријатели“, како одушевено и восхитено се изразува некој, како да паѓа во делириум, бидејќи некој дошол од надвор да нѐ прекрсти, обезличи, понижи и да нѐ снема едноставно од Земјината топка, а ние го сметаме за „голем пријател“, метузалеми од типот на Робертсон, Билт, Солана и кои ли не белосветски „душегрижници“ и наводни „миротворци“, а всушност ѓаволи во човечки облик! Каков дилетантизам и незнаење, полтронство и недостоинство! Каква иронија и цинизам на луѓето без малку самопочит и достоинство! Во што ја втурнаа Македонија!?

Но, драги мои сограѓани и самонаречени водачи на мојот народ. Да, умислени сте дека го водите на прав пат, но многу грешите! Па, прочитајте некоја книга, погледнете некој филм, па видете ги учебниците по историја за да се уверите како се сака земјата и како се гради чувството за своето! Земјата своја на секој нормален и честит човек му е нешто најсвето, но за вас, луѓето без морал и образ, се разбира дека не претставува ништо!? Вие, драги мои т.н. водачи, немате никакво морално право, а за законско и да не зборуваме, да ни ја менувате земјата што едвај сме ја добиле, само во Втората светска војна со над 24.000 жртви, а да не зборуваме за петвековниот османлиски терор над населението со менување насилно на религија, имиња, крадење деца, силување жени и што ли не!

Па никој, вклучувајќи ги вашите „големи пријатели“, не мисли за тоа каков живот живеат овие денешни напатени македонски души, на какви институции се обраќаат и што добиваат од нив, каков стандард имаат и со што се борат во овој мачен секојдневен живот за да преживеат, каков прием имаат на шалтерите, во судовите, како им се суди на криминалците, кој е во затвор, убијците или ситните крадци и политички неистомисленици.

Дали, драги водачи, сте помислиле малку повеќе да му овозможите подобар живот на населението, или единствена цел ви е да одите низ светот, да се борите за јалово членство во НАТО и ЕУ, кое е толку далеку и недостижно. Ако толку нѐ сакаат тие „големи пријатели“, како што ги нарекувате, зошто толку нѐ уценуваат и условуваат! Ниту нѐ ословуваат, зашто не нѐ ценат и почитуваат, им служиме за инструмент во нивните нејасни игри, ниту нѐ сакаат, но им пречиме во нивните стремежи за некакви нивни важни проекти, а тоа е да ја нема Република Македонија, иако за постоењето на Македонија се пишува и во Библијата!

Триесет години Република Македонија не ја смени застарената и неупотреблива стратегија за членство во НАТО и ЕУ, иако веќе се сменети геополитичките и економски состојби во светот и внатре во земјата, туку се „вергла“ истата плоча НАТО и ЕУ и секако ќе бидеме уценувани! А зошто? За да гинат македонски деца по белосветски планини и пустини, за туѓи интереси! А да не го заборавиме високиот износ на пари за членство во таа воена и застарена организација, таа нема од кого да нѐ брани! Од сите страни сме обиколени од неа!?

Народот бара итно суспендирање на лошите и штетни договори со соседите и губењето на суверенитетот на земјава со воведување двојазичност, која е на прагот, а под силни уцени на малцинството што сака Македонија да ја распарчи и подели во своја полза на голема Албанија! Како ние да не сакаме да ја имаме својата Македонија со сите нејзини делови и народот македонски таму, кој под притисок и уцени не смее да се каже дека е македонски, но ние сме цивилизирани и достоинствени!

Македонија е матична земја на македонскиот народ, кој се борел со векови да ја добие, а сега поради недоветни политичари може да ја загуби засекогаш! Но ние, македонскиот народ, не даваме Македонија да се обезличи и подели! Е па, доста е веќе! Уморни сме од сите вас што ни пеете иста песна, зашто друга не знаете! Свртете се кон својот народ, кон домашниот човек, почитувајте го и резултатите ќе дојдат! Партиските поделби да престанат да го понижуваат овој народ, човекот да биде почитуван и вреднуван како што заслужува!

Република Македонија и нејзиниот претседател итно треба да бараат прием во ООН под нашето уставно име и приказната и малтретирањето со грчките луди идеи за непостоење на Македонците ќе престанат!!! Македонија нема проблем со своето име, а кој има проблеми нека си ги решава дома! Регионот Македонија, кој сега е во Република Грција, нека си го викаат како сакаат, но нека ја остават мојата земја Република Македонија со своите жители да си живее мирно, да ужива во демократските придобивки, за кои всушност се заложуваат и „големите пријатели“ на земјава! Нивните празни и излитени фрази за демократија, човекови права, слобода на медиуми итн. веќе „не минуваат“ кај македонскиот човек, нека не се залажуваат! Туку да нѐ остават на мир „големите пријатели“, како што милуваат да ги нарекуваат македонските т.н. политичари, а тие се гробари на земјава, се подготвуваат за погреб! Во чие име? Но не им дозволуваме!

Д-р Марија Зарезанкова-Потевска