За поздравување е одлуката на Владата за намалување на казните за физички и за правни лица. Казните навистина беа преголеми, таквиот пристап носеше повеќе штета одошто корист, ниту пак се полнеше буџетот. Политиката на полнење буџет преку ригорозни казни не е вистинско решение, таа повеќе сведочи за немоќта на власта да обезбеди средства на други начини. Ако сега глобите во општ износ процентуално ќе се намалат за 75 отсто тоа навистина ќе биде потег што ќе овозможи олеснување во работата на стопанствениците, а и поголема сигурност кај граѓаните.

Сепак, има една категорија глоби што, според моето мислење, не е доволно промислена. Тоа е глобата за погрешно паркирање. Ова најмногу се однесува за Скопје. Името, весниците често објавуваат билтени на Градски паркинг и на Паркинзи на општината Центар колку возила дневно биле отстранети од улиците и тротоарите на Скопје со нивните возила – пајаци. Колку возила – толку глоби. Лично, подигањето на возилото и глобата за таков прекршок, кој во основа не го загрозува сообраќајот, ниту ги загрозува животите на луѓето, ги сметам за акти на бруталност и крајна нехуманост. Замислете што му се случува на човек дојден во Скопје од некое место во Македонија доколку му ја кренат колата. Тоа е траума над траумите. Истото тоа се однесува и за скопјани, кои се сведоци како напати се движат по пет-шест возила истовремено и собираат автомобили од тротоари.

Мојот предлог е Скопје повеќе да се служи со таканаречените лисици, а не со камиони – пајаци. И глобата за погрешно паркирање да не биде поголема од 500 до илјада денари. Толку да биде и носењето на казнените паркиралишта. Сметам дека вкупната сума не би требало да биде повеќе од 20 до 25 евра. Само така Законот за прекршоци ќе има корективна улога, ќе биде опомена за оние што згрешила, а не да претставува длабока психолошка и финансиска траума, за погрешно паркирање да се даваат една третина од плата или половина пензија.

Трајан Димитров