Целосно го поддржувам протестот на екологистите за заштита на парк-шумата Водно, односно против сум трасата на гасоводот за Тетово – Гостивар до Албанија да минува по сртот на планината. Тоа бара масовно сечење на шумата и почеток на крајот на постоењето на Водно како заштитена климатска зона за скопјани.

Водно е белите дробови на градот. Зачудува како градските власти, од централната до општинските, лесно аминуваат уништување на шумата кога се знае дека Скопје е еден од градовите со најзагаден воздух и кога секоја зима граѓаните ги фаќа паника од загадувањето, а властите ветуваат мерки за негово намалување. Леснотијата со која градоначалникот Петре Шилегов изјави дека ќе даде дозвола да почне сечата на дрвјата, некој толку непромислено не би ја изрекол ниту во турско. Сечењето на шумата на Водно ќе биде еколошки канцер за Скопје. Мисли ли некој од оваа власт за здравјето на децата, за идните генерации? Водно не е нечија приватна сопственост или дадено семејно наследство на кого било.

Сакам да поставам неколку прашања. Имено, парк-шумата Водно е прогласена со закон во 1976 година. Сакам да прашам дали тој закон е поништен и кој го поништил. Расправал ли некој од советите на градот Скопје и дали донел таква одлука без пошироки консултации со граѓаните? Има ли одлуки и одобренија за градба од сите општини на кои се протега парк-шумата? Кога и од кого се потпишани? Накратко – верувам дека како за многу други работи, така и во овој случај со Водно, кршени се многу закони и процедури.

Водно е најзначајниот зелен појас за градот Скопје. Планината Водно со своите геолошки, геоморфолошки и биолошки вредности има посебно значење за неговите жители. Како комплексен екосистем има посебно значење за градот Скопје преку остварувањето на својата еколошка функција. Санитарно-хигиенските функции на планината Водно за градот се однесуваат на влијанието на микроклимата, значењето во прочистувањето на воздухот, позитивните ефекти за намалувањето на бучавата, заштитата од поројните дождови, одржувањето на водниот и температурниот режим. Особено е значајна рекреативната улога на парк-шумата Водно, како и нејзината архитектонско-естетска вредност.

Изградбата на гасоводот низ сртот на Водно ја набљудувам и од најновиот настан во Џенова во Италија, каде што се урна мостот на патот и каде што загинаа повеќе луѓе. Мисли ли некој на опасноста што ќе се случи ако дојде до каков било инцидент со гасоводот, ако дојде до евентуален пожар. Во таков случај би горело половина Скопје, од врвот на Водно до Вардар во центарот на градот. Тој пожар ќе нема со што да се спречи. Последиците би биле поголеми отколку при земјотресот во 1963 година. Нека мисли некој на овие работи.

Димитар Николовски,
пензионер