Идејата за насловот, на изглед идеалистичко романтичен, идеолошки контроверзен и со блага доза на парадокс… во суштина е реален одраз на потенцијалот од кој црпат, се градат и потпираат геополитичките процеси и анализи што се во оптек и треба да се имаат предвид во наредните балкански и европски претумбации и констелации… Дали се остварливи? Можеби!
Најнапред ВМРО – Титова како емотивно идеолошка артикулација на политичкиот центар во нашиот сокак. Изгледа артифициелно, компромисно и можеби звучи по малку несериозно, за некои навредливо, но како минува времето претпоставувам дека тоа е зоната што треба да се има предвид и да се насочи зрелата и искусна политика. На „созреаното“ и непредвидливо сегашно и идно гласачко тело му е потребен легитимитет и достоинство, нов поттик и простор во кој ќе му се овозможи демократското право на суптилна и емотивна артикулација на сопствената волја.
Титовата мека диктатура е повторно во центарот на вниманието на соседската, нашата и пошироката јавност. Таа, како облик на владеење, е една од најчестите карактеризации на ликот и делото на Ј.Б. Тито од западните експерти, но и од аналитичките кругови на новиот „демократски бран“ од соседството.

Веројатно обврзната временска дистанца за евалуација на ликот и делото стасала, и добро е од оваа перспектива да се отвораат и да се одговори на прашања, пред заборавот и историскиот ретуш да ја земе таа материја во свои раце. Името на Ј.Б. Тито е тесно сврзано со настанувањето, траењето и распадот на историскиот реалитет Југославија, заедница на народи и народности сплотени околу идејата за просперитет и социјална правда, социјализам како општествен систем, но практикуван како динамичка доктрина.
Што е право, и поранешниот југословенски концепт имаше историски недоречености, но вештиот политичар Јосип Броз-Тито не забораваше ниту ја прескокнуваше и ВМРО историската. Тој во еден дел од својот говор некаде во 1970-тите, во Универзалната сала во Скопје, се осврна и на нејзината улога и значење во создавањето на современата македонска држава, и во посетите и навраќања во Македонија знаеше да постои простум пред моштите на Гоце Делчев во црквата „Св. Спас“ во Скопје.
Но од скоро објавени документи на ЦИА од 1949 година, од кои е тргната ознаката на тајност, може да се види како и Ванчо Михајлов, лидерот на тогашната ВМРО, во Турција тајно преговарал со претставници на тогашна Југославија, кои таму биле по наредба на Тито. Во март таа година во Анкара се сретнале Михајлов и блиски соработници на Тито, кои постигнале договор за формирање балканска федерација, во која една членка би била и обединета и независна Македонија.

Овој документ се појавува во време кога бугарски министри изјавуваат дека Тито бил „комунистички диктатор“ и е обвинет не толку за неговиот диктаторски режим (кој според нивните толкувањата и анализи бил многу поблаг од нивниот сталинистички режим), туку за отпор кон бугарските окупатори и охрабрување на македонската етногенеза.
Истата стара приказна. Притисоци, дилеми, дебати, дискусии, коментари, па и вицови за потеклото, постоењето и непостоењето на Македонија и Македонците продолжуваат со несмалена жестина со децении, векови до денешни дни.
Што се однесува до меката диктатура во однос на она што се случи, трае и допрва претстои, разбирлива е и носталгичноста на граѓаните и популарноста на Јосип Броз-Тито. Според извесна статистика, на просторот на поранешната југословенска федерација, во периодот од 1948 до 1990, се склучени осум и пол милиони мешани бракови… И според многумина – во рамките на Титовата Југославија, Македонија се стекна со силни перформанси на државност.
За психолошко-емотивните корени и проекции на оваа тема, еве, во неколку реда како еден вид белетристичко биографска цртичка. Во јануари во далечната 1973 година со група студенти, учесници во проектот „Канада и младината на светот“, настапивме во контактната ноќна радиопрограма во Калгари, Алберта. Најчесто и најсурово за нас млади и неопитни души беше прашањето: „Што ќе правите таму, во Југославија, кога ќе умре Тито“, поставувано од многубројната југословенска дијаспора што живее во оваа далечна канадска провинција.

Во име на одбраните студенти, учесници во тоа радиошоу, одговорив жестоко и соодветно на провокацијата, во смисла дека не треба да се грижат за иднината на нашата држава затоа што таа има цврсти темели и младина што ќе ги негува и продолжи традициите… и што уште не, во тој пламен говор Филипика, кој со оглед на тогаш мојот скромен англиски беше официјално (Господ знае како) преведуван.
Таа ноќ првпат слушнав за еретичката идеја, можност дека цврстата и монументална градба Југославија може да се распадне, во што не сакав да поверувам, а уште помалку во фактот дека Тито воопшто може да умре физички. И по сето она што многу години беше инвестирано во тој симбол и мит, темелот на југословенската кохезија, тешко некој би помислил. До скоро симпатични одблесоци на тој мит неретко ќе сретневме во канцелариите на новопечените бизнисмени од транзициска провиниенција, портрети што висат над нивните со бизнис-зовриени глави и во емотивни дискусии за тоа неповторливо време.
Успешната анимација на неврзувањето како блоковска определба му донесе на Јосип Броз и мондијална популарност. На неговиот погреб се собраа државници и достоинственици од сите блокови и политички определби.
Овие редови ги пишувам и како одговор на омаловажувањата и отровните коментари од арсеналот на вековната пропагандистичка војна и сецесионистички тенденции кон Македонија во која редовно се релативизираат фактите, се денунцираат неистомислениците, со намера да се ослабат моралот, вербата во иднината, но и да се подготви почва за понатамошни удари врз темелите на самобитноста, името, економскиот просперитет. Неуспешно се потценува мудроста и способноста на македонскиот народ да избере што е најдобро за него, особено на милјето на актуелните политички настани.

Крлежа (парафразирано) вели – ЗА ТОА ДАЛИ ЌЕ НЀ БИДЕ – сигурно ќе нѐ биде, ама со кого, како и по која цена – ќе видиме. Природна (ако сакате и климатска) е мелодраматичната суштина на Македонецот (тој трипати посилно сака, пет пати посилно мрази) како древен и најјужен словенски народ. Неговата стрплива упорност искалена во вековните ропски премрежиња, но и низ мачните транзициски одови и ломови – БЕЗУСЛОВНО (независно од срамните условувања) ЌЕ НАДВЛАДЕЕ.

Аљоша Симјановски