Владеење на правото

Република Македонија е правна држава. Во согласност со Уставот, со зaкони се регулирани сите прaвни односи, пропишани се правни норми за поведение на физички лица, нивните права и обврски. Исто така нормирани се правата и обврските на правните лица. Регулирани се правата и обврските на државните институции во управната и судската сфера. Покрај правата и обврските што ги предвидува Уставот, со закони се уредени надлежностите на Собранието, прет­седателот на Републиката и Уставниот суд.

Во правна држава, како што е Република Македонија, ако владее правото, имаме правда и правичност за сите субјекти во државата. Ако, пак, владеењето на правото се присвојува за политички интереси на политичката партија или коалиција што е на власт, тогаш имаме анархија, немаме владеење на правото, престанува владеењето на законите.

Република Македонија од 1990 година премина од еднопартиски на повеќепартиски систем. За ваквата промена истите политичари од еднопартискиот систем, преминувајќи на повеќепартиски систем, кажуваа и се обврзуваа дека народот ќе има поголеми политички и економски права, подобар живот. Наместо ветениот рајски живот, ни се случи обратното, народот го зафати сиромаштија. Пример: една пратеничка во Собранието кога се расправаше за покачена цена на нафтата кажа: „Ако е поголема цената на нафтата, покачувањето нема да ги погоди сиромашните, кои во Македонија се 60%“.

Претходната владејачка гарнитура повеќе време трошеше за да докаже дека ние Македонците сме потомци на Александар Македонски. Ваквата политика на ВМРО-ДПМНЕ предизвика извесни проблеми и полемики помеѓу нас Македонците.
Владејачкото мнозинство, кое е на власт повеќе од една година, се зафати со прашање, трошејќи ја целата позитивна енергија, да го реши спорот што ни го наметна Грција преку Советот за безбедност. Со својот политички став отиде предалеку, прифати преговори со Република Грција, на која ѝ ги удоволи сите грчки националистички барања. Потпиша спогодба со која се обврза да го промениме името на државата, да се бришеме од македонски народ. Да ги смениме името на државата и Уставот.

Спогодбата е со противречни содржини. Повеќе членови се во колизија (судир меѓу содржините). Ќе наведам неколку содржини од Спогодбата за читателот сам да ги цени.
Член 1 став 3: официјално име на втората страна (Македонија) ќе биде Република Северна Македонија, ерга омнес, за меѓународна употреба и во самата држава Македонија. Со Привремената спогодба од 1995 година е договорено да го смениме знамето од Вергина, и го сторивме тоа. Во чл. 5 ст. 2 е договорено по основа на името на втората страна (Македонија) секоја од страните да си остане при својот конзистентен став (цврст).

Со спогодбата повторно истото прашање го решаваме и прифаќаме „северна“.
Член 1 став 12: Втората страна ќе пристапи кон усвојување соодветни амандмани на преамбулата, членот 3 и членот 49 од Уставот, како дел од постапката за менување на Уставот.

Во преамбулата на Уставот стои: „Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ“… Горенаведениот став ни налага менување на преамбулата, се заклучува измената да биде дека не сме конститутивен народ на државата Македонија. Со членот 49 од Уставот се предвидува грижа на Македонија за македонскиот народ во соседните земји. Со измената грижата сигурно ќе отпадне, за Македонците надвор од границите на РМ нема грижа и заштита.

Многу контрадикторни се наводите во чл. 7 ст. 1, 2 и 3.
Во став 1 пишува: „Страните прифаќаат дека нивното, односно разбирањето на термините ’Македонија’ и ’македонски’ се однесува на различен историски контекст и културно наследство“ (Македонија и македонски се напишани под наводници).
Во став 2 пишува: „Во однос на првата страна (Грција), овие термини ги означуваат не само областа и народот во северниот регион на првата страна туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денешен ден“.

Во став 3 пишува: „Во однос на втората страна (Македонија), овие термини ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена територија, јазик, народ и нивните одлики, со нивната сопствена историја, култура и наследство, кои се особено различни од оние што се наведени во чл. 7 ст. 2“.
Очигледно спротивни содржини што ќе се решаваат во спор како што предвидува чл. 19. Кој ќе го добие спорот, се знае. Спогодбата е поддржана од сите функционери од ЕУ, НАТО и САД. Ние сме сами. По спроведувањето на спогодбата нема повеќе македонски народ, а држава без народ нема.
Насловот е владеење на правото, а такво владеење нема. Чл. 119 ст. 1 предвидува дека меѓународни договори склучува претседателот на Републиката. Во став 2 има одредба дека и Владата, ако е овластена со закон, може да склучи меѓународен договор.

Со законот за склучување, ратификација и извршување меѓународни договори од 22 јануари 1998 години не е предвидено Владата да склучува меѓународни договори за промена на Уставот и името на државата. Во членот 3 законот ги содржи сите прашања за кои Владата може да склучува меѓународни договори.
Спогодба потпишана од министрите за надворешни работи на Република Македонија и Република Грција во Преспа е надвор од Уставот и законот. Спогодбата не е легитимна, таа не произнесува правно дејство. Пратениците и претседателот на Собранието дале заклетва дека ќе го почитуваат Уставот. Со донесувањето на Законот за ратификација на спогодбата се прави преседан. Во ниедна држава каде што има уставно уредување не може да се случи ова. Прашањето за влез во ЕУ и во НАТО е посебно прашање. Македонија не може да го оствари членството поради противење на Грција. Од содржината на спогодбата се потврди намерата на Грција зошто се противи ние да сме во ЕУ и во НАТО. За ова прашање вината треба да се бара во Грција, а не во Македонија.

Европската Унија одлучува со консензус, согласност на сите членки на Унијата, а нас Македонците нѐ присилуваат да се бришеме како народ со промена на Уставот. Зошто ваква политика на функционерите на ЕУ и САД? Политика погубна за еден мал народ.
Со референдумот, Владата сака да се покрие, спогодбата да добие легитимитет. Без оглед каков ќе биде исходот од референдумот, спогодбата останува манлива, нема правно дејство.

Поради ваквата правна состојба, противуставно потпишана спогодба, ние Македонците, без оглед во која политичка партија членуваме и оние што не се членови на некоја партија, совесно да размислиме дали ќе излеземе на изјаснување на референдумот. Поголемиот број Македонци не ја знаат содржината на спогодбата. Се наоѓаме пред судбинска одлука, сами одлучуваме дали ќе останеме како народ или ќе нѐ нема како народ. Држава без народ нема и не може да постои. Досега со меѓународни договори нѐ бришеле, но ние пак сме опстојувале и сме останале македонски народ. Ако самите се бришеме, ќе нѐ нема повеќе како народ.

Веле Калчиноски
Авторот е дипломиран правник