По загрепскиот самит сосема е јасно дека Македонија и Македонците се водат на идентитетска кланица. Идејни творци на овој морбиден план се истите оние што ја донесоа Лисабонската декларација и го креираа Букурешт 1913 година. Улогата на егзекутор им ја доделија на Бугарите и на нивните геноцидни барања. Тие од нас бараат да прифатиме дека до 1944 година сме биле ист народ со ист јазик, кога на вештачки начин нѐ создале Тито и КОМИНТЕРНАТА. Со еден збор, бараат од нас да се самоизбришеме, со признание дека сме ист народ, со ист бугарски јазик. Во спротивно нѐ чека вето на патот кон ЕУ. Очигледно испливаа на површина сите слабости од потпишаните договори со соседите, на кои укажуваа експертите.

Состојбата се комплицира. Истите оние што брутално го лажеа македонскиот народ дека сите спорни прашања со соседите се решени, дека македонскиот идентитет и јазик се заштитени, а патот кон ЕУ ни е отворен, сега пеат друга песна. Велат дека имаме потпишан договор, кој мора да се почитува и да се исполни докрај. Со тоа ни најавуваат нови отстапки, овој пат со откажување од идентитетот и од јазикот. Со ова нашиве политичари сами ги потврдуваат своите досегашни лаги. Нека ми простат, но не ќе може така. Со наивни и непромислени политики Македонија е доведена во безизлезна состојба. Се откажавме од името, суверенитетот, историското и културното наследство и што уште не. Сега ако не се откажеме од идентитетот и од јазикот нѐ чека вето, што ќе отвори нови тешки проблеми и на внатрешен план.

Ова лудило мора да се прекине со остра нота од претседателот и од МНР до Бугарија и до ЕУ. Итно да се прекинат разговорите. Прво да се утврдат национална стратегија и македонските црвени линии, од кои не ќе смее да се отстапува, па дури потоа да продолжат разговорите за влез во ЕУ, но овој пат со стриктно почитување на меѓународното право и правото на самоидентификација и самоопределување. Треба јасно и гласно да им се каже дека ниту сме биле, ниту можеме да бидеме ист народ со Бугарите. Дури и според највидните бугарски историчари, енциклопедии и БАН, самите не кријат дека Бугарите се конгломерат на турско-монголско-татарски племиња од централна Азија, кои првично се доселуваат на Волга, денешен Татаристан, од каде што подоцна во 681 година се доселуваат на овие простори.

Нивниот јазик е турко-монголски. Самите велат дека кога се доселиле се измешале со староседелците Словени и Тракијци. Го дале името Бугарија и Бугари, а прифатиле словенски јазик. Но тие не кажуваат кој словенски јазик и од кого го зеле. Ова ја чини суштината на денешниот јазичен проблем. Тие не сакаат да се обелодени вистината, што значи нивните намери се скриени. Со тоа доаѓаме до невиден апсурд. Својот бугарски јазик го напуштија, но тој сѐ уште се зборува кај нивните сонародници во Татаристан. Овде прифатиле и сѐ уште зборуваат еден словенски јазик, кој не сакаат да го именуваат со вистинското име, па и него го именуваат бугарски. Вистинска алхемија. Затоа денес постојат два јазика со исто име – бугарски.

Еден турко-монголски што се зборува во Татаристан, другиот бугарски, но словенски, кој се зборува во денешна Бугарија. Не сакаат да го именуваат со вистинското име затоа што сите извори од антиката до денес упатуваат дека тоа е македонскиот јазик.
Римскиот историчар Полибие во својата „Историја“ вели: „Илирскиот јазик е македонски дијалект и во исто време тракијски јазик“. Ова значи дека Тракијците се Македонци.
Винко Прибоевиќ, во својата книга „За потеклото на Словените“ – Венеција, 1532 година, вели дека Тракијците, Мизите и Илирите се Македонци, но не затоа што биле поробени од Македонците, туку затоа што нивниот јазик, култура и обичаи се македонски.

Според енциклопедијата „Вебстер“ – 1967 година, како и според познатите германски лингвисти од 19 век, Херман Киндер и Вернер Хилгеман и нивниот општ атлас на светската историја, сите словенски јазици до 19 век се водат во групата македонски јазик. Во 19 век рускиот, полскиот, чешкиот, српскиот, бугарскиот итн., се одвојуваат од македонскиот во засебни јазици. Киндер и Хилгеман одат и подалеку, тврдејќи дека македонскиот е Хомеров словенски јазик.
Ова се недвосмислени докази дека кога Бугарите се доселиле можеле да го земат за свој само македонскиот јазик. Еве го апсурдот на виделина. Вистинскиот бугарски се зборува во Татаристан, во Бугарија се зборува македонски, а од нас бараат сопствениот јазик да го прогласиме за бугарски дијалект. Нека простат, но и да сакаме тоа не е можно. Бугарскиот е турско-монголски, кој не се зборува ниту во Бугарија, а нашиот е словенски.

Нашиве политичари и историчари не смеат ни во сон да се откажат од македонскиот идентитет и јазик, кој е кодифициран, меѓународно признаен, запишан во ООН и во ЕУ и за него не смее да се разговара и преговара. Идентитетот и јазикот немаат цена. Ако името е нашата татковина, јазикот е нашата душа. Јазикот е последниот бедем во одбрана на идентитетот. Познавачите велат дека може да се изгуби битка, па и војна, може да се изгуби и државата на пократок или подолг период, но ако остане јазикот ќе опстои и народот. Но ако го изгубиме јазикот тоа ќе биде дефинитивен крај на македонскиот народ. Затоа крајно време е политичарите и историските комисии да се воздигнат, да го прекинат молкот, да излезат од дефанзива и да го постават на маса вистинското прашање, а тоа не е кој јазик се зборува во Македонија.

Македонскиот јазик не е уставна категорија. Тој е природен, милениумски јазик добиен во наследство од нашите предци. Џамбазите можат да тргуваат со својот, но не и со мојот идентитет и јазик, како и оној на милиони Македонци во земјата и надвор.
Ако ЕУ ги поддржува геноцидните барања на соседите, едноставно треба да им се заблагодариме и да го поставиме на маса вистинското прашање, а тоа гласи: „КОЈ ЈАЗИК СЕ ЗБОРУВА ДЕНЕС ВО БУГАРИЈА“? Одговорот на ова прашање ќе стави крај на овој бесмислен јазичен спор.

Љубе Христовски (Дардан Венетски)