Спогодбата потпишана од министрите за надворешни работи на Македонија и на Грција за македонскиот народ нема правно дејство, потпишана е од министерот Никола Димитров без да има мандат. Тој не е овластен со Уставот на РМ да се договори да се сменат името на државата РМ и Уставот.

Потпишувањето на спогодбата доби голем публицитет и голема поддршка од функционерите на САД, ЕУ и на НАТО. Очигледна е поддршката за успешен референдум со секојдневни посети од политичари на ЕУ, НАТО и на САД. Сите тие преку јавните гласила нѐ убедуваат и уверуваат дека Владата на РМ направила историски чекор со постигнатата спогодба. Бараат да се изјаснат мнозинството граѓани за успешен референдум. Има и закани и уцени доколку не се добие успешен референдум.

Македонските политички партии СДСМ и ДПМНЕ водат агитација, СДСМ за успешен референдум, а ДПМНЕ им кажува на граѓаните дека спогодбата била штетна за македонскиот народ. Двете политички партии во своите кампањи ја избегнуваат вистината за спогодбата. Посебно македонскиот народ го доведуваат до заблуда, без да му објаснат за добрата или за лошата страна на спогодбата.

Спогодбата во најголем дел го засега македонскиот народ, дали и по спроведување на спогодбата ќе имаме македонски народ и македонска држава. Ова прашање е суштинско за кое имаме поделени мислења од стручната јавност. Имаме доволно доктори на наука од сите области, професори, аналитичари и политичари, кои се должни да му кажат на македонскиот народ која е вистината. Дури и членовите на МАНУ се поделени. Ваквата поделба е кобна затоа што високообразованите намерно не сакаат да ја кажат вистината, а народот не е во состојба секој посебно да ја проучи спогодбата. Оставен е сам на себе.

Големиот интерес за успешен референдум од страна на САД, ЕУ и на НАТО го доведува македонскиот народ до објективно размислување. Зошто ваков притисок да ни се сменат името на државата и Уставот? Дали за тоа има потреба и кому му пречиме со нашето уставно име? Се поставува прашањето зошто политичката сила на наведените не се употреби против Грција, која не ја почитуваше пресудата на Меѓународниот суд со која Грција беше задолжена да не ѝ прави пречка за прием на РМ во НАТО и во ЕУ под привременото име Поранешна Југословенска Република Македонија дадено од ОН. Желбата на нас Македонците е да живееме во европското семејство, но не по уцена каква што се врши со спогодбата.

Претседателот на Владата секој ден нѐ уверува дека ништо не се губи, сѐ ќе остане македонско, македонски народ, македонски јазик. Да видиме дали е така. Добро е ако е така. Но не е добро што не е така. Еве зошто македонскиот народ треба да е загрижен затоа што: со промена на името во Република Северна Македонија се доведува до прашање територијата на РМ. Во чл. 7 ст. 1 пишува: „Страните прифаќаат дека нивното, односно разбирањето на термините ’Македонија’ и ’македонски’ се однесуваат на различен историски контекст и културно наследство“.

Ставот 2 од истиот член гласи: „во однос на Првата страна (Грција) овие термини (’Македонија’ и ’македонски’) ја означуваат не само областа и народот во северниот регион на Првата страна, туку и нивните одлики, како и елинската цивилизација, историја, култура и наследство на тој регион од антиката до денешен ден“.
Во ставот 3 од чл. 7, пак, пишува дека во однос на втората страна термините ја означуваат нејзината територија, јазик, народ и нивните одлики, спротивно од она што е наведено во чл. 7 ст. 2.

Договорно се наведени судир на одредби од спогодбата. Зошто? Сигурно за да имаме несогласување и спор чиј е северниот регион.
Со чл. 1 став 12 задолжена е втората страна со амандмани да ја промени преамбулата, чл. 3 и чл. 49 од Уставот.
Само во преамбулата стои запишано, меѓу други историски податоци, дека Македонија е конституирана како национална држава на македонскиот народ. Ова ќе се менува, а како, никој не кажува. Измените ќе бидат по референдумот. Ако се каже дека државата не е на македонскиот народ, сигурно народот нема да излезе на референдум.

Ни се наложува да ги смениме чл. 3 и чл. 49 од Уставот. Во чл. 3 пишува дека територијата на Република Македонија е неделива и неотуѓива. Како ќе се смени овој член?

Уставот во чл. 49 предвидува обврска РМ да се грижи за правата на македонскиот народ во соседните држави и за иселениците. Дали оваа обврска на Македонија ќе остане. Штом се бара измена сигурно дека нема повеќе обврска затоа што Грција не признава македонски народ во Грција.

Референдумот закажан со повеќе прашања е спротивен на Законот за референдум. На референдум граѓаните се изјаснуваат за едно прашање. Спогодбата во прашањето е подметната. Ако беше само спогодбата на референдум ниту еден Македонец немаше да се изјасни за да нѐ нема како народ и држава.

(Веле Калчиноски, дипломиран правник)