„Бугарица“

 Ова мое ново обраќање до вас ќе го започнам со фрагмент од една македонска народна песна: „…Море ред се редат мале, море ред се редат, битолски ергени“…, а сега ова „битолски ергени“ ни станува во нашево сегашно живеење, „бугарски бисери“. Треба да бидеме спремни и на нови накити од „ризницата“ на нашите „добри“ соседи и на нови подароци. Станува збор за нивните мегаломански походи низ историјата на нашата земја, нашиот народ и нашите неприкосновености, дури и низ историјата на сите словенски народи што живеат денес на оваа планета. Значи КИРИЛИЦАТА не е кирилица, таа е „бугарица“. Така излегува дека светите браќа Кирил и Методиј од Солун, се бугарски поданици, а без да го знаат тоа. А дали старите Бугари, кога се населија на Балканот, знаеле дека кирилицата ја создале Кирил и Методиј, а денешниве дали воопшто знаат што се самите тие ДЕНЕС. Хаосот во нивните глави (на историчарите и политичарите) го пренесуваат и во највисоките инстанци на Европа. Сиромашката Европа што сè ќе ја чека од нивната (едвај) влезена членка. Малку ѝ се нејзините влечења секој на своја страна, па еве ти го нашиов источен сосед, со кој напишавме и потпишавме „китап“ за добрососедство, демек за пријателство. Зошто се потребни такви потписи „за вечна љубоф“ дали потписот е гарант дека таа „љубоооффф“ и постои.

Е, тоа Европа го бара, во стилот на нивните потписи од сите војни што таа ги водела, меѓу себе. „Бугарица“ е сега на ред. Ама може ли и ние да застанеме во тој ред, што Европа го востановила, па да им речеме каде е нивната „татарица“, па да речеме дека „бугарскиот јазик“ е источен дијалект на македонскиот јазик, па да речеме дека црпат од туѓ бунар и не само од нашиот, ами и од другите нивни соседи блиски и подалечни. Ние ги прифаќаме сите „барања“ како пудлиците на европските кралици и царици и скокаме по „бонбончето“ што и една наша врвна политичарка ни го понуди. Правиме некакви комисии низ кои ќе се одземе сè што нашиот добрососеден „љубовник“ ни го зема, се разбира преку бакнеж. „Коза ностра“ ги испраќала своите неподобни членови со „еден бакнеж“. Бакнежот лебди во воздухот, невидлив е како коронавирусот. Не знаеш кога ќе те втаса.

Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка