Бродопловен канал Вардар – Морава, пловна врска Солунски Залив – Дунав

Овој дамнешен сон на многу умни и креативни луѓе од Балканот и светот од изминатите два века – ја доби големата шанса да се реализира!
Имено НР Кина, со познатиот симболично наречен проект Патот на свилата (денес еден можеби од најголемите во светот), со основна намера – заштеда на транспортните трошоци на човечките добра. Кина јавно се произнесе дека моментно е подготвена да вложи 17 милијарди долари во овој проект за бродопловен канал Вардар – Морава.
Бенефициите од овој проект се огромни во меѓусебната трговија на Европа со многу држави од: Азија (и Океанија), Австралија, Нов Зеланд и Африка!
Со овој проект се обезбедува бродопловната врска Солун (Егејско Море) – низ цела Европа – Ротердам (Северно Море).
Реформаторот на НР Кина, Денг Сјаопинг, кој го наследи Мао Ѕедунг, направи модел на држава од еден „крут режим“ кон еден „контролиран (од државата) капитализам“. Резултатите што ги постигна Кина се доста големи, така што денес таа е економски втора во светот, веднаш зад САД.
НР Кина денес е еден од големите инвеститори на светскиот пазар. Вложува големи средства во многу земји со низок степен на развој, но и во такви како што се: В. Британија, САД, Италија, Грција и др. Европската Унија склучи договор за вложувања меѓу ЕУ и Кина, кој претседателката на Европската комисија, г-ѓа Урсула фон дер Лејен, го нарече „значајно достигнување во нашите врски со Кина“. Поради моменталната состојба на политичките односи на „Западот“ со Кина, ЕУ привремено го замрзнува договорот за заеднички вложувања со неа.

Нашиот јужен сосед Р Грција (членка на Европската Унија), одамна широко ги „отвори вратите“ за финансирање од НР Кина на значајни проекти во изградба на нови пристаништа во Егејот и други инфраструктурни проекти. Ќе донесат, верувам, нова „брза пруга“ до границата, кај Гевгелија!
Нашиот северен сосед Р Србија и тој ги „отвори вратите“ за финансирање, од НР Кина, на значајни проекти во изградба на „брзата пруга“ Белград – граница со Унгарија и други проекти. Се навестува кредит од САД за изградба на „брзата пруга“ Белград – граница со РС Македонија!
Досега не сретнав јавен израз од нашите државни органи и целата македонска јавност во однос на интересирање за овој грандиозен проект за бродопловен канал Вардар – Морава.
Познато е дека сите активности (и намери) што се посветувале на овој проект во изминатите два века, целосно се опфатени во научниот труд на колегата Александар Радевски на Меѓународен симпозиум во 2019 г.
Како императив се наметнува заклучок воопшто да не се губи време од нашите најодговорни фактори да се стапи во контакт со потенцијалниот финансиер што е подготвен да вложи (кредитира) огромни средства во овој гигантски проект!
Враќањето на ваквиот кредит треба да е долгорочен, т.е. со приходите од наплата на бродскиот транспорт низ каналот и сл.
При почетокот со овој проект ќе се почне со изградба на нова железничка „брза“ пруга од Табановце до граница со Грција кај Гевелија.

Пругата треба да е на ниво над двете вештачки езера со брани (на р. Вардар), едната спротиводно неколку километри од Башино Село кај Велес, а втората е кај Удово со езеро до Демир Капија. Овие брани (новоизградени брани) се секако со бродски превозници и се одржува постојано исто (високо) ниво на езерото. Ќе произведуваат „базна“ електроенергија. Наедно овие езера ќе служат и за мелиорациони и водоснабдувачки потреби. Секако треба да се нагласи дека низ Македонија ќе има и неколку пристаништа, особено скопското (најверојатно) некаде јужно од Катланово.
Поволната пригода што ѝ се нуди како можност за грандиозен развој на РС Македонија треба да се искористи со здружени сили на сите релевантни личности што ги насочуваат стопанскиот и економскиот сектор.

М-р Цветан Таневски-Цони, дипл. град. инж.