Беше ли компромис исходот од договорот од Преспа?

Кај нас, во нашето општество, струјат разни дилеми околу решението на наметнатиот проблем за името. Овој пат сакам да мислам дека она што следува во написот ќе ни помогне да ја расчистиме дилемата беше ли исходот компромис или, пак, согласност од наша страна со барањата на другата страна. Ако се тргне од условите и начинот како се создаде проблемот (одредбите од документот од Ла Валета, кои ги споменав во последниот мој напис, потоа и Лисабонската декларација и двете резолуции на ООН, како и од тоа дека во историјата на меѓународните односи таков случај во светот не постои) тогаш за мене е јасно дека долгиот период на опстојба на проблемот во светски рамки е единствен, па затоа и патот до исходот беше тежок. Доколку на тоа се додаде и нашето незнаење за политиката и за преговарањето, тогаш навистина тежината на проблемот добива значение. Но прашањето е дали требаше да се реши овој ирационален проблем како што се реши: преку промена на името и идентитетот со намера да се влезе во НАТО. И што е уште побитно, дали таквиот исходот е компромис или, пак, уцена за консензус?
Навистина, почитувани, погледнато вака, дилемата личи на Гордиевиот јазол или на нерешлив математички проблем. Мечот на Александар Велики, ама сепак и Македонски, немаше да ни помогне да го размрсиме тој јазол. Чинам дека нашето оружје што ќе ни помогнеше за тоа требаше да биде знаењето! Затоа ќе тргнеме од веќе споменуваното во моите последни написи. Ако ги земеме нашите национални интереси, според нивната хиерархија, тогаш требаше да се зачува нашиот идентитет, кој е сместен на хиерархиската скала на интереси на повисоко место од безбедноста, со која преговарачите нѐ убедуваа дека преку НАТО ќе сме ја обезбедиле.

Да бидам јасен: обезличена маса луѓе без свои интереси и потреби секогаш се лесен плен на оние што прецизно знаат кои се и што сакаат. А такви околу нас има многу. Така, исходот за мене лично изгледа како процес на претурање од празно во шупливо на долг рок.
Прво, НАТО е институција само на колективна безбедност, а не функционира активно во спорови меѓу државите нејзини членки, освен што опоменува или посредува. Значи при евентуален спор со кој било наш сосед, и тоа наметнат од кој било наш сосед, а имајќи го предвид и тоа дека сме претежно мирољубиви, НАТО нема да ги жртвува интересите на САД и на другите членки за сметка на нашата безбедност, туку одлуката ќе биде заснована според хиерархијата на интереси на соседот и нашите. А засега сите интереси за безбедност на сите соседи со нас, за САД се над нашите интереси. Не сум експерт за геостратегија ама тргнувам во изборот меѓу поголемата и помала загуба или добивка и мислам дека засега нема битен стратегиски фактор што би го зголемил нашиот национален интерес барем до нивото на соседите. Знам дека еден од аргументите на оние што ни помагаа да се прифати консензусот беше да се попушти пред помоќната и посилна страна. Тоа е само еден фактор по кој се решаваат споровите, според авторот на концептот „Преговарање за непреговорливото“. Која е сега нашата придобивка од таквите наши губитнички чекори? Добивка ли е сега нашата блокада од страна на неизживеаните Борисов, Каракачанов и Захариева. Ако некој мисли дека ова е моја фикција, околу интересите на нашите соседи во однос на нашите, па заради нашата безбедност во игра бил вмешан и нашиот идентитет, тогаш навистина исходот не е тежок, но е и уште помалку компромис.

При постигнувањето компромис, потребно е да постои определена пита што треба да се подели еднакво меѓу страните. Ако не е можно да се постигне компромис, треба да се зголеми питата, па потоа да се подели еднакво. За нашиот случај очигледно е што е сторено. Питата со проблемот за промена на името, според нашите преговарачи, била недоволна, па дозволиле да се зголеми со нашиот идентитет за да се обезбеди влезот во НАТО. Но што во врска со зголемувањето на питата е проблем, кој го доведува во прашање компромисот? Очигледно е дека питата е зголемена само со наше брашно, сол, квасец и вода, а не и со истите материјали од другата страна. Така, нашите го вложиле и НАТО како друг „материјал“ за проширување на питата, а од другата страна немало влог, бидејки НАТО не е само нивен „материјал“ туку е колективен. Оттаму нема компромис или вин-вин односно лус-лус ситуација, туку исходот од договорот од Преспа е вин-лус. Другата страна добила сѐ, а ние изгубивме и име и идентитет за влез во НАТО, обезбедувајќи ги глобалните интереси на другите, ама не и нашата безбедност.
Ако сакаме подобро да го објасниме проблемот со исходот, тогаш во теоријата за преговарање постои таков пример, кој е поразличен од споменатиот и не верувам дека е широко познат кај нас. Две сестри се расправале долго и жестоко за поделба на еден портокал. Мајка им тргнала да го реши проблемот. Го пресекла портокалот на два еднакви дела и едната половина ѝ ја дала на едната, а другата половина на другата ќерка. Но незадоволството продолжило уште пожестоко. Мајка им се вџашила, се одлучила и ги прашала зошто е тоа недоразбирање кога двете добиле еднаков дел. Првата рекла „јас ја сакам смеската за да се насладувам јадејќи ја“, а другата „јас ја сакам кората за да направам торта“. Примерот е потврда на ставот дека исходот за името е сличен на овој исход – кој што барал добил и само заличува на компромис, иако во суштина е консензус. Не биле задоволни од одлуката на мајка им. Ама реално и рационално исходот не е еднаква загуба или добивка на двете страни туку на добивка на тоа кој што барал добил. Нашите го барале НАТО и го добија, другата страна барала промена на името и идентитетот и многу други работи и го добила тоа. Значи и од нашата и од другата страна е добиено бараното со нивна согласност.

Но дали тоа што го добија нашите преговарачи беше наш интерес, најдобро потврди и референдумот. Значи плативме многу висока цена од исходот за името, која се огледа во промената на нашиот идентитет и име на државата, со која цена сега дури и Бугарија не се согласува и индиректно ни вели ниска е таа цена. И таа си го сака своето учество во питата за политгеноцидот врз Македонците и нивната држава, како што го доби Грција. А сите во светот повторно молчат и го прифаќаат очигледниот политгеноцидот врз Македонците, се разбира сериозно поддржано и од нашите одродени политичари! А се сеќавам дека еден висок функционер од Стејт департментот во МАНУ, побара со закана кон нашите надлежни во тоа време безусловно да ја потпишат спогодбата со намера на Бугарија да ѝ обезбедиме да влезе во НАТО и во ЕУ. Од наша страна таа спогодба ја потпиша бугарскиот војвода од Македонија, Љубчо Георгиевски, кој и денес е многу горд на тој свој победнички успех. Нели, почитувани, ќе се согласите дека ова се два критериума за иста политичка потреба и интереси на две земји што бараат влез во ЕУ и во НАТО од страна на меѓународната заедница? Во една емисија, почитуваната амбасадорка Брнз спомена само скромна и млака опомена за односот на Бугарија кон нас, велејќи расправата да се стави надвор од процесот за пристапните преговори при што, нели, не се осмели да изрече ниту опомена, иако барањата на Бугарија се политгеноцидни. Само да додадам дека овде на Балканот поминува само пристап како што се примени над нас пред приемот на Бугарија да прифатиме договор без името на државата, од кога започна „добрососедството“ на Бугарија со нас според нивните разбирања на истото тоа и продолжи да се развива во нагорна линија во корист на нивните интересите за сметка на нашите интереси. Зарем, почитувани, ова не ја потврдува мојата погореспомената оцена за интересите на НАТО во случај на некакво непредвидливо сценарио. Ние се наоѓаме само на линијата на огнот, не во неговиот центар, кој нема да згасне самиот од себе. Нечии интереси се врзани за искористување само на нашата територија за некакви други цели, кои не се поврзани со она што се случува понатаму од нас. Нашите интереси тука не се земаат предвид.

Почитувани, ги изнесов моите опсервации за проблемот околу „тешкиот компромис“. Можеби работи во моментот тајната дипломатија за средување на проблемите со Бугарија. Нивните закани без посериозни опомени, оставајќи ни го нас врелиот костен за меѓународно признавање на нашата држава изгледаат природни, дури и да се геноцидни. Мораме ние самите, без поддршка од страна, самите да ја изведеме таквата акција. Со оглед на сѐ што сум напишал досега, таков наш одговор не сум сигурен дека сме способни да креираме со сериозниот недостиг од политичко знаење кај нашите политичари, особено македонските и од власта и од опозицијата. А последно и многу битно поврзано со споменатото е и тоа што тие и со своето крајно скромно знаење, не знаат ниту како да го обединат во одлука.

М-р Ѓорѓи Трипков, економист-аналитичар, пензионер