АФОРИЗМИ / Македонизми

И оној што седи на две столчиња има проблем со рамнотежата…

Подобро е зад вас да стават повеќе нули отколку да ве множат само со една од нив!
Доколку секој што е добар и се однесува нормално го сметаме за светец, тогаш ќе забележиме дека драстично се намалува бројот на светците на земјата!
Работата го создала човекот, а тој ги создал правилата за одмор!
Најстрашните работи што ги кажуваше дедо беа за војната и криењето на неговите роднини во заеднички скривници по неколку часа дневно, а јас на внуците ќе им кажувам за вирусните години и за криењето онлајн дома што беше многу здодевно!
Таму каде што се сите глупави, паметен е само оној што се преправа дека е глуп!
Светлината на домот не зависи само од редовното плаќање на сметките за струја!
Беше прв во носењето на сите работи во фирмата на свој грб, па затоа беше платен како последен амал!
И најдобриот спасител лесно може да се удави, но кога е во долгови!
И оној што седи на две столчиња има проблем со рамнотежата, особено во главата!
За возење на народот не се потребни толку возачки дозволи, колку изборни гласови!
Тој беше човек од збор, бидејќи беше писател!
И по големината на цвеќето подарено на жената може да се видат грешките на мажот!
Дека парите се отепувачка најдобар доказ се тепачките при нивното подигнување од банка!
Кој пее зло не мисли, освен кога му го скратуваат хонорарот!
Како што Земјата се врти околу Сонцето, така Земјаните се вртат околу парите!
Животот е надмудрување на будалите, при што попаметните попуштаат!
Од борбата помеѓу навиката и одвиката останува само сеќавањето на виката на борачите!
Матичниот број стана основно орудие на администрацијата за орање по документите!
Квалитетот на швајцарското сирење преку неговите дупки сѐ уште не може да се мери со неквалитетот на некои наши закони!
Таму каде што возовите доцнат сѐ уште постои надеж барем на некои да не им се отидени сите возови!
Работно време е времето помината за подготовка на паузите помеѓу него!
Единствено затворената златна рипка во домашниот аквариум е сигурен доказ дека молчењето е злато!
Немаше каде да си ја кова среќата откако му ги зедоа чеканот и наковалната!
На современиот човек Ахиловата петица му е во џебот!
И од виножитото некој има и вино и жито, а некој ниту една од сите негови бои!

Кристина Русјакова