Јавно обраќање на Македонски манифест до македонските политички елити

1030

Зад нас е бурен двегодишен период во кој актуелната власт ги потпиша погубните договори со Бугарија и Грција, по низа брутални уцени од Брисел и Вашингтон. По препорака на Ј. Хан, на „балкански начин“, со брутално газење по домашното и меѓународното право и спротивно на волјата на македонскиот народ изразена на референдумот од 30.9.2018 год., го сменивте уставното име на државата. Во меѓувреме го донесовте и погубниот Закон за јазици, како и низа други закони во функција на спроведување на т.н. тиранска платформа. На тој начин ја обезличивте македонската држава и го урнавте достоинството на македонскиот народ.

Владата овие погубни постапки ги правдаше со образложение дека на тој начин се решиле сите отворени прашања со соседите што беа услов за отворање на пристапните преговори со ЕУ. Македонија ги прифати сите уцени и закани од соседите и Брисел. Се откажа од суверенитетот, се откажа од името и идентитетот, се откажа од историското и културното наследство, се откажа од македонското малцинство во соседството… Но терминот за пристапни преговори изостана и минатата и оваа година, а, како што стојат работите, ќе изостане и оваа есен.

Очигледно Брисел и Вашингтон имаат други планови со Македонија. Ниту имале ниту имаат намера да нѐ примат во ЕУ како Македонија и Македонци. Не сакаат ниту да започнат разговори. Нивна намера е да исчезнат Македонија и Македонците. Тоа го потврдија со Лисабонската декларација. Очигледно тие посветено работат на целосно исполнување на Букурешкиот договор од 1913 г., кога Македонија и Македонците беа избришани од етничката карта на држави и народи. Најсигурен и најбезболен начин да нѐ снема е преку една наднационална творба (унија) наречена Западен Балкан, која упорно се турка и во која Македонците конечно ќе бидат „стопени“. Ако не успее тоа, ќе следуваат распад и поделба на Македонија меѓу соседите или меѓу некои од соседите. Подготовките за овој чин одамна се направени:
Државотворните одлуки од АСНОМ 1944 г. се избришани од Уставот
Македонија де факто веќе е федерација
Албанците се веќе конститутивен народ со уставните измени по рамковниот договор
Де факто имаме две влади и двајца премиери
Албанскиот јазик е официјален на цела територија на РМ
Со територијалните измени во 2004 г. се заокружени албанските општини
Кога ќе посакаат Албанците, ќе ја активираат Илирија, никој не ќе може да ги спречи во тоа

Во меѓувреме упорно се турка проектот „Западен Балкан“. Неодамна ЕУ организираше и самит на оваа тема. Во таа функција беше и посетата на папата на Македонија. Во таа насока дејствуваат и голем број домашни и белосветски политичари, аналитичари, колумнисти и медиуми, како нивни гласноговорници. Како најкарактеристичен ќе го посочиме „Фајнешел тајмс“ со неодамнешниот напис под наслов „ЕУ не смее да го оттурне Балканот од себе“. Внимавајте, авторот на овој текст е загрижен за судбината на ЕУ и за етничките Албанци во Македонија. Очигледно идентитетскиот геноцид врз Македонците не ги загрижува. Авторот на овој текст, замислете, заклучува: „Недавањето датум за преговори би резултирало со славомакедонски шовинизам, а најстрашно од сѐ е што ќе бидат разочарани Албанците. Тие по конфликтот во 2001 г. се примирија благодарение на албанските лидери, кои со влез во ЕУ гледаат спас за етничките права на Албанците (како да ги немаат во РМ – н.з.). Недавањето датум за почнување преговори за влез во ЕУ ќе ги поттикне албанскиот национализам и големоалбанските амбиции“.

Се чини дека ги подучуваат и насочуваат во кој правец треба да дејствуваат. Практично, Западот на овој начин заговара бришење на границите во „Западен Балкан“ со арно или лошо.
Поддржани од Западот, во иста насока работат и нашиве соседи. Тие еднострано ги користат, поточно ги злоупотребуваат договорите за добрососедство преку историско-образовните комисии за ново разнебитување на македонската држава и народ, со нови уцени, закани и блокади на патот кон ЕУ:
Водечките грчки политичари јасно ни ставија до знаење дека со Преспанскиот договор е признаено државјанство, но не и македонски идентитет. Ни порачаа дека патот кон ЕУ ќе ни биде тежок со 35 пречки.

Водечките бугарски политичари ни порачаа дека како Македонија и Македонци не можеме во ЕУ, за нив ние сме западни Бугари. Јасно ни порачаа дека ако не ги прифатиме како Бугари Самуил, Кирил и Методиј, Гоце Делчев, Илинден… и сите историски личности до 1944 г., нема ЕУ, ќе бидеме блокирани. Каракачанов од среде Скопје ни порача: „Престанете да крадете историја, 1941-1944 г. Бугарите не биле окупатори и фашисти… до 1944г. немало македонска нација… македонскиот јазик бил измислица и се учел по налог на СССР“. Ако не го прифатиме ова, повторно ни порача дека нѐ чека блокада на патот кон ЕУ.

Албанскиот премиер ни порача дека не можеме во ЕУ додека не се исполни целосно рамковниот договор. Како да нема дно или можеби има тајни анекси.
А Стивен Маер, поранешниот шеф на ЦИА за Балканот, ја турка Источна Македонија во прегратките на Голема Србија. Очигледно за него Западна Македонија е резервирана за голема Албанија.

Околу Македонија се играат многу валкани игри. Очигледно некој ја турка како живо месо меѓу насаскани волци. Сите опции се на маса, само не суверена РМ како дел од ЕУ. Сето ова не можат да го сфатат само нашиве некадарни и неуки политички елити, кои заедно со своите голобради (штотуку испилени) советници сѐ уште не убедуваат дека со договорите потпишани со Грција и Бугарија се решени сите отворени прашања со соседите и е отворен патот кон ЕУ.

Мораме да кажеме дека вистината е сосема поинаква. Некој брутално го лаже македонскиот народ. Пеколот допрва почнува. Со отворањето на секое од 35-те поглавја од пристапните преговори нѐ чекаат нови еднострани злоупотреби на потпишаните договори за добрососедство и нови уцени и закани од соседите со барање за нови отстапки. Нѐ чека умирање на рати. Продолжува реализацијата на бруталниот план за идентитетски геноцид.
Македонски манифест укажува дека конечно дојде време двете најголеми македонски политички партии да се освестат. Да седнат на маса и да се договорат за нова стратегија:

Конечно да ги утврдат македонските црвени линии
Да престанат да ги распродаваат македонските национални интереси
Да престанат со коленичење и постојани отстапки кон ЕУ и соседите
На едностраните злоупотреби на потпишаните договори за нови уцени да се одговори на единствен можен начин со нивно еднострано раскинување
Да заземат цврст и непоколеблив став за решавање на проблемите со соседите, со стриктна примена на меѓународното право (Повелба на ООН и Универзалната декларација), а не со погубни политички договори.
Трпението на македонскиот народ е при крај. Нема повеќе да ве толерира.

Македонски манифест