Што содржи нечистиот воздух во загадените градови

52

Воздухот во градовите содржи: честици (заедно со покрупни и поситни честици, таканаречени пи-ем или ПМ) и гасови (јаглерод диоксид, јаглерод моноксид, сулфурен двооксид, азотни оксиди и сл.) и тие доаѓаат во воздухот при согорување на горивата: гасни, течни (нафтени деривати) и цврсти (дрва, гуми, пластика и сл.).
Честиците во воздухот ги има од активностите на луѓето на земјата во нивните населби. Нивното одржување во воздухот зависи од нивната (маса) тежина и атмосферските услови. Земјината тежа ги привлекува и тие се таложат. Колку се потешки толку побрзо се таложат (седиментираат). ПМ-честиците во зависност од нивната маса се одржуваат во воздухот на различни висини, поради нивната тежина. Поради тоа тие и се одржуваат во амбиенталната атмосфера. Нивното одржување во атмосферата е и поради активностите на луѓето (движењето на колите и други активности на земјата). Тоа што возилата исфрлат гасови е еден факт, а другиот се турбуленциите што се создаваат за да се дигне прашина, ПМ-честиците и сл. (најмногу до висината на човекот) од нечистите улици.

ПМ-честиците се во атмосферата и не можат да се таложат оти Земјината тежа не може да им влијае (мала е нивната тежината). Затоа миењето на улиците е многу важен фактор. Но многупати тоа е недоволно и неефикасно, оти нивното квасење со вода оди тешко (тие се хидрофобни). Затоа многупати и кога е воздухот влажен имаме ПМ-честици во амбиенталната средина. Водата само ги носи, ама може и да не ги однесе ако не е добро одводнувањето (шахтите). Квасењето на честиците е врзано со површинскиот напон на водата. На пример АДИНГ продава квасачи, кои го симнуваат површинскиот напон и затоа „бетонџиите“ полесно го квасат цементот при правење бетон. Според тоа, се потребни и квасачи, за посуфестицирано (успешно) миење на улиците. Е за тоа е потребен технолог во екипата, што ќе се занимава со тие проблеми.

Во контекстот на мерењето на концентрацијата на ПМ-честиците, за граѓаните е потребно да се знаат и нивните концентрации во висините над градот. Граѓаните во повисоките згради се помалку изложени на нечист воздух. Поради дејството на Земјината тежа, тие се до некоја висина. На пример, ако сте на Водно се гледа загадениот слој над градот, високите згради во Аеродром се гледаат над загадениот слој над градот. Тоа значи тие се одржуваат до некои висини, но какви се концентрациите на ПМ-честици на разни висини би била добра информација за граѓаните. Факт е и тоа што во загадениот слој тие се лепат една за друга (агломерираат) и Земјината тежа побрзо ги привлекува и паѓаат, но паѓајќи надолу може да се дезинтегрираат и пак да се дигнат во воздухот. И сѐ додека не ги зафати ветерот, нема прочистување на воздухот. Засега миењето на улиците, одржувањето на хигиената по улиците, е најважен фактор за одржувањето на загадувањето со ПМ-честиците. Фугите по улиците, изведбата на улиците, нивната недовршеност (ископани, па оставени или поплочени но недовршени) сѐ се тоа места за прашина и за нехигиена.

Друга е состојбата со гасовите. Сите гасови од горивата имаат голема молекулска маса и тие се потешки од воздухот и затоа кога се исфрлат во амбиенталниот воздух, се на висина на 2-3 метра и тие се вдишуваат, особено кога чекаме на семафорите да поминат возилата, но не се толку многу колку што е присутна прашината. Тие се тука во улиците. Само ветерот може да ги однесе. Многу се агресивни – јаглерод моноксидот, сулфурните и азотните гасови и тоа е веќе хемија. Во Скопје имаше многу големи концентрации на овие гасови кога преку зима се согоруваа 400-600 т/ден мазут (за време на ембаргото и подоцна). А мазутот знаеше да биде нечист, многупати содржеше и до 2 проценти сулфур (турскиот мазут за време на ембаргото). И мазутот од „Окта“ не беше десулфуризиран, подоцна таа ја воведе десулфуризацијата. „Окта“ нѐ обврзуваше да го трошиме нејзиниот недесулфурозиран мазут (тоа беше по договор) и тој мазут загадуваше извесно време.

Според тоа, за сегашната ситуација, по однос на гасовите, можеме да речеме оти горивата се доста чисти и имама помало загадување од нив и нема потреба да ги забраниме возилата на дизел, но треба да ја зголемиме хигиената во градот, на улиците, на возилата и сите внесувачи на прашини во амбиенталниот воздух. И ако воведеме електрични возила, дури и да направиме голема замена на возилата со електрични погони, не значи оти ќе ги намалиме ПМ-честичките во воздухот, ако не ја зголемиме хигиената во градот. Според тоа, забраната на дизел-горивата не е поуспешна мерка од воведување мерка за намалување на загадувањето од прашина. Загадувањето од нехигиената во градот, фабричките оџаци, товарни возила, внесувачи на стока (со нечисти возила), транспорт на земја, песок, раскопани улици, незавршени градежни објекти (оној метеж од незавршени згради во центарот на градот) се голем фактор за загадувањето на амбиенталниот воздух. Во поразвиените земји, интервенциите (поправките) на улиците или градбите во градовите се изедуваат брзо речиси прекуноќ или градбите се изедуваат во најкраток рок, особено кога се во централните градски предели, а тоа е поради одржување на хигиената. Многупати транспортни возила, трактори внесуваат кал по улиците, а тоа тешко се чисти. Одговорноста секоја интервенција да се изведе брзо и потоа да се исчисти улицата не постои.

Коритото на Вардар во центарот на Скопје! Зар овие објекти не се причини за загадување? Се прашувам дали штетите од овие незавршени објекти се поголеми, отколку што чинат истите тие? Колку ги чинат граѓаните? Кога една гарнитура на власт не ги завршува објектите од претходната. На кои од граѓаните би им било тоа од интерес? И на крајот! Кој ги прашува граѓаните? А толку многу се труби! За граѓаните! За граѓаните! А граѓаните боледуваат или бегаат во други држави. Градоначалниците од уста не ја вадат фразата: „За граѓаните!

проф. Стефан Поцев