Хуманитарна трка за поддршка на заболените од Вилсонова болест

179

Здружението на граѓани за поддршка на лица со ретка болест Вилсон – Македонија, со финансиска помош од компанијата „Окта“, по четврти пат ја организира хуманитарната штафетна трка „Подај рака 2018“. Трката ќе се одржи на 21 октомври, недела, на кејот на реката Вардар, а собраните средства од котизацијата од учесниците во трката ќе бидат искористени за одржување карван во повеќе градови низ Македонија, за поблиско запознавање на матичните лекари со можните симптоми и начините за рано препознавање на болеста.

Долготрајната цел на здружението „Вилсон – Македонија“ е да се издигне свеста за Вилсоновата болест и да се поттикне социјалната вклученост на лицата што се соочуваат со оваа болест. Под мотото „Подај рака“, трката ќе биде штафетна и ќе се трчаат 4 пати по еден километар, со што симболично се упатува повик до граѓаните за поддршка на хуманата димензија на оваа спортско-рекреативна активност.

Болеста Вилсон предизвикува нарушување во метаболизмот што води до таложење бакар во црниот дроб, мозокот и очите. Таложењето на бакарот се одвива постепено со години, пред појавата на првите симптоми. Затоа раното откривање на болеста е од пресудно значење за лицата што носат генетичка предиспозиција за тоа, но не се свесни дека се носители на болеста. Навремено откривање на болеста и редовна терапија овозможуваат нормален живот за пациентите со Вилсонова болест. За учество во трката нема старосни ограничувања. Цената за регистрација за штафетната трка изнесува 150 денари по учесник.