ФЕНИ и неговата поранешна судбина

124

Интересно е кажувањето на господинот Стојан Андов за „понудата од ГЕНЕКС“ и можноста од пуштањето на комбинатот со заедничко вложување од компанијата „Фалконбриџ“ и во соработка со канадската фирма за заеднички рестарт на комбинатот ФЕНИ.
Некогаш замислената, а сега изложена понуда од ГЕНЕКС за ФЕНИ, а со пријателско посредство на г. С. Андов, излегува по повеќе од дваесет (20) години, како приказна со која се сака да се оправда сопственото избегнување на прашањето на ФЕНИ и да се каже дека тој бил „изолиран и оневозможен“ и е една од жртвите на овој комбинат, што е негова сторија.

Таква понуда, како што ја кажува г. С.А., ФЕНИ не добил и не ја познава; вистинските работи се поинакви; побогата увозна руда, не е топла вода за ФЕНИ, тоа го знаат и портирите во објектот. „Фалконбриџ“ беше преокупација и макотрпна работа во тоа време „за промашената инвестиција“. Ќе направам подетално појаснување, со цел да се постават работите така како што биле.
Сосема случајно, се познавав со г. Димитар Белчев, кој беше раководител на истурената трговска единица на ГЕНЕКС од Белград во Скопје. И во јули 1988 год., при една средба, оценивме дека добро би било ако испратиме соодветни проспекти и материјали за ФЕНИ до раководството на ГЕНЕКС, при што и беа запознаени ресорниот директор за обоени метали г. Миша Перовиќ, па еден од замениците, г. Миодраг Николиќ, и нормално генералниот директор Миодраг Савичевиќ. Тие дотогаш тргувале со канадската компанија, но не во големи износи и количества на стоки.

Многу брзо во ФЕНИ дојде техничко-финансиската делегација, па потоа дојде и претседателот на бордот Бил Џејмс. И почна една проверка на сите параметри, како геологија, рударство, металургија и финансиски показатели, во детали. Во период подолг од една година, проверките резултираа со студија, ни испратија повеќе од 15 посебни посети; имавме средби со Бранко Микулиќ, претседател на југословенската влада во заминување, потоа со новиот премиер Анте Марковиќ, кој виде дека со доаѓањето на „Фалконбриџ“ се отвораат можности и за други партнери од странство. Потоа заедно со дел од членовите на македонската влада на г. Гоговски го водевме на скијање на Маврово. 

Во студијата, рудните резерви беа ревидирани на ниво од 32,5 мил. тони, во топилницата беа предвидени помали технолошки измени, како за електропечките, замена на плаштовите со бакарни водно ладени блокови, гранулација на готовиот производ и друго.
Беа утврдени акционерските односи во новата компанија, и тоа „Фалконбриџ“ сo 51 процент, „Генекс“ сo 3 проценти и ФЕНИ сo 46 проценти. Сo професорите г. Стрезо Стрезовски и г. Милан Недков, од Правниот факултет во Скопје, и г. Јака Блажич, од Загрепското свеучилиште, се изработија меѓународните договори за заедничко вложување помеѓу партнерите. Се утврди и датумот за потпишување на договорот, а тоа беше 17 јули 1989 год., со протоколот за сета церемонија. Но од разни домашни причини и берзански околности во Канада договорениот план не се реализира. Ова беше најдобрата варијанта за нашата страна, но „кога е многу арно, ич не било на арно“. Никогаш ФЕНИ или нашата страна, нема да може да добие 46 проценти од уделите, со странските партнери. Понекогаш е потребно да се има и нешто среќа!!!
Денес сопственоста на објектот е во раците на странските газди. Г. Андов пишува „чувствувам потреба јавно да го кажам и моето мислење за ФЕНИ и веднаш овде ќе го вратам и потсетам на кажувањето на г. Лазар Колишевски, кој во времето кога С.А. е потпретседател во владата на г. Драгољуб Ставрев, има за него речено: „С. Андов повеќе ќе го ценев ако си го кажеше мислењето за ФЕНИ“ и веројатно затоа и не бил ставен во комисијата на Извршниот совет на РМ, за затворањето на тогаш наречената „промашена“ инвестиција. Оваа квалификација во тоа време беше „шлагер“ по Скопје и Републиката.

Во слична конотација зборува и следната сторија поврзана со С.А. и нас од ФЕНИ. Во 1986 година, кога тој како потпретседател на владата на г. Драгољуб Ставрев, нѐ повика мене, како генерален директор, и финансовиот директор г. Ристо Камчев, на советување за изработка на барањата за курсните разлики за отплатите на ратите од кредитите за ФЕНИ, кои се доставуваа до народната банка на тогашна Југославија. По завршениот состанок, побарав кај него да се консултираме за некои прашања; тоа беше на четврти кат. Во неговата канцеларија имаше неколкумина претставници од стопанството, некои беа за ФЕНИ другите беа да се затвори. И тогаш г. Андов се сврте накај нас и вели: „Одете си вие сега, јас во среда ќе поминам кај вас и ќе ги расправиме сите прашања“. Но никогаш не дојде да го исполни ветувањето. „Бегаше од ФЕНИ, како ѓавол од темјан“, рекол народот.

Кога беа изборите во 1991 год. му бевме незаменлива база, и тогаш кажуваше работи како тој бил жртва заради инвестицијата ФЕНИ. Дека бил игнориран, доживувал притисок и слично.

Цветко Стојанов, Кавадарци
(Авторот на овие редови завршил Металуршки факултет во Љубљана, работел три години во железарницата „Равне“ во Словенија. Од ноември 1974 год. е во ФЕНИ, почнувајќи од главен инженер и генерален директор до завршена стечајна постапка, помошник-директор во ФЕНИМАК, до пензионирање.
Седум години го одржувал процесот во ФЕНИ,
сѐ до пуштањето во повторна работа во 1991 год.)