Уставот остана без заштита

525

Уставниот суд е посебен и единствен орган на Републиката чија должност е да ги штити уставноста и законитоста. Воведен е во уставниот систем на Република Македонија уште во 1963 година, со Уставот донесен во таа година. Воведен е да го заштитува Уставот и од носителите на државната власт, па во сферата на правната регулатива, Уставот на Република Македонија донесен во 1991 година, го постави Уставниот суд и над законодавната власт, па Уставниот суд може да укине, па и да поништи закон, ако оцени дека е во несогласност со Уставот.

Таквото посебно место што Уставниот суд го има во заштитата на уставноста и законитоста бара од него одлуките да ги носи ослободен од притисоците на политичките моќници и со своите одлуки да застане во одбрана на Уставот и на темелните вредности на уставниот поредок, а со тоа политиката што заборавила на Уставот да ја врати во уставните рамки.

Пред извесно време кажав, а и напишав, дека со молчење на Уставниот суд не се брани Уставот. Но денес, по седницата на Уставниот суд одржана на 19 септември оваа година, на која беа разгледани иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за распишување на референдумот на 30 септември, сметам дека подобро беше Уставниот суд да молчеше. Тоа не беше седница на која судии на Уставен суд водат расправа за уставноста и законитоста на оспорениот акт, туку седницата личеше на политички форум на кој судиите со политички аргументи сакаа да одбранат одлука, која, повеќе од очигледно, е неуставна и незаконска.

Немаше расправа за спорните прашања истакнати во иницијативите и во рефератот на судијата-известител што предложи поведување постапка и привремена мерка со запирање од извршување на оспорената одлука. Предлогот на судијата известител го поддржа само еден судија, а секој од преостанатите седум судии го прочита својот претходно подготвен текст во одбрана на референдумската одлука. Па, откако претседателот на Судот го прочита својот текст, седницата заврши без расправа!
Кога беше донесена одлуката за распишување на референдумот, очекував, за такво крупно и судбинско прашање за Република Македонија, Уставниот суд да поведе постапка по сопствена иницијатива, затоа што деловникот му дава таква можност. Но не само што не поведоа постапка по сопствена иницијатива туку, на седницата одржана на 19 септември, од страна на еден судија беа упатени навреди и осуди за поднесените иницијативи!

Не може да биде легитимна одлука на Уставен суд донесена од судии што настапија како политички функционери и кои заборавија дека нивна должност не е политиката, туку заштитата на уставноста и законитоста.
Ги оставија без заштита темелните вредности на нашиот уставен поредок. Како можеа да застанат во одбрана на едно замаглено референдумско прашање, односно три прашања во едно, во кое е подметнат договорот за промена на името, чија содржина мнозинството граѓани не ја знаат, а се бара од нив да гласат „за“. Референдумската одлука ги нема сите елементи што ги пропишал Законот за референдум, меѓу кои и образложение за референдумското прашање. Но и тоа за судиите на Уставниот суд не беше повреда. Ниту името на државата ниту негова промена не е во надлежност на Собранието, па не може Собранието да распишува референдум за промена на името, уште пак консултативен, за кој сметаат дека одлуката не е задолжителна, што од гледиште на Уставот е неприфатливо. Но и во тоа судиите на Уставниот суд не најдоа ништо неуставно.

Судиите на Уставниот суд не можеа да не знаат дека „Преспанскиот договор“ е дивоградба, нема уставна основа, затоа што името на државата и другите национални интереси не можат да бидат предмет на договарање со друга држава. Освен тоа, потпишан е од министер што не е овластен да потпишува договор во име на Република Македонија. Тоа го знаеја судиите, а сепак со својата одлука ставија потврда на измамата што носителите на власта им ја подготвија на граѓаните.
И така, Република Македонија има, а нема Уставен суд.

Милојка Калкашлиева,
судија во пензија