Три чина на национална катарза

492

Прв чин

Неодамна го посетив манастирскиот комплекс Калишта. Гостопримливиот домаќин ми ја раскажува судбината на чудесната икона Црна Богородица. Иако ја знам приказната, ја слушам како првпат да ми ја кажуваат, бидејќи е фасцинантна. Иконата за време на Втората светска војна, од страна на фашистичките окупациски сили, неколкупати е фрлана во Охридско Езеро, дури и врзувана со синџири за да остане на дното на езерото. А таа, по некој чудесен пат, повторно се враќала таму каде што припаѓала, во манастирот!

Втор чин

На прагот сме на неофицијалното отворање на туристичката сезона во Охрид, 15 јули. Паркинзите на плажите почнуваат да се наплаќаат. Надлежниот за паркингот одговорно си ја врши задачата. На крајот од денот, на паркингот ѓубре, пакувања од чоколади, грицки, извалкани салфети, детски пелени, догорчиња. Си велам, беа презафатени, утре ќе го исчистат паркингот, бидејќи ова важи за една од популарните плажи на езерото. Помина вториот ден, ѓубрето не само што не се исчисти туку се зголеми. Но затоа задачата за наплата на паркингот ревносно се извршуваше. Третиот ден иста слика. Уште повеќе ѓубре. Си засукав ракави, го собрав ѓубрето.

Трет чин

Што имаа првите два чина заедничко се прашувате? Ништо, на прв поглед, но ако се задлабочиме во суштината, имаат многу. Се случуваат тектонски промени во текот на историјата на нашиот народ.
Иконата е симбол на нашиот јазик, на нашето име, на нашиот идентитет. Го фрлале, го фрлаат и ќе го фрлаат. Сепак, сѐ ќе си дојде таму каде што му е местото – кај нас. Да, ја поминуваме голготата на нашето постоење. Да, изгубивме генерации во тој од, но нација се гради на плеќите на народот. На некои им се брза во посветла иднина. Што ако имаме иднина, а немаме корен?

Ѓубрето е симбол на сѐ што треба да исчистиме, во себе, меѓу нас и околу себе. Затоа што без тоа нема напред. Ако само подаваме рака да ја собереме сумата за паркингот, а не се наведнеме да го исчистиме ѓубрето, нема напред. Долгите години на немаштина, сведочењето на распродажба на државата, светските неправди каде што ние сме колатерална штета, оставаат белег, но мораме да најдеме внатрешна сила да си подадеме рака. Време е на сплотување, време е за партиско, национално, религиско и спиритуално помирување. Не смееме да дозволиме јазот што се направи во народот да се прошири. Затоа што политиката и политичарите се менлива категорија. Комшијата, колегата, пријателот, роднината остануваат за цел живот.
Коренот и внатрешната чистина немаат цена, не познаваат простор и време.

(Венцислав Курциски)