Тешко оди, а попис мора да има

831

Со години велев, предлагав, коментирав, презентирав, пишував, имав дебати и што уште не правев за да има што побрзо попис на населението, домаќинствата и становите, по оној пропаднатиот од 2011 година. Сега нема да пишувам и да кажувам за она што се случи во 2011 година, туку зошто е потребен попис.

Веќе два месеца се занимаваме со избирачкиот список за претседателските избори 2019 година. Меѓутоа со години коментираме дека избирачкиот список е обемен односно има многу избирачи во него, а не сме толку население. И што се направи досега?

Овие денови повторно избирачкиот список не е веродостоен, нема попис, не знаеме колку население има во земјава, многумина се иселија, односно заминаа во други земји на работа и школување, не сме толку во земјава и што уште не се говори. И пак што од тоа? Впрочем само коментари, забелешки од различни типови, но пак се сведуваме на истото по завршувањето на изборите. За ова не би коментирал сега многу бидејќи состојбата со тој список ја знам уште од 1990 година. Него го работи Државниот завод за статистика по добиените податоци од Министерството за внатрешни работи. Потоа истиот тој се ажурира тековно и повторно врз основа на добиени податоци од надлежното министерство итн., па се предава на Државната изборна комисија. На сето кажано, на сите дадени забелешки е констатирано дека е неминовно потребно веднаш по овие претседателски избори да се направи нов, пречистен закон за единствен избирачки список врз основа на сето она што е констатирано во изминатите години.

А сега зошто мора да има попис на населението, домаќинствата и становите, и тоа како што е најавен за 2020 година. Зошто да има попис? Затоа што тоа го бараат Обединетите нации со нивните препораки. Впрочем, со донесената резолуција на 10 јуни 2015 година, економскиот и социјалниот совет на Обединетите нации со заклучок ги обврзаа сите земји-членки на ООН, до 2020 или 2021 година да спроведат најмалку еден попис. Пред 6-7 месеци се најави дека ќе има попис во 2020 година и дека до февруари 2019 година ќе се донесе закон за попис на населението, домаќинствата и становите по усогласување на предлогот од политичките партии. Но истиот тој очекуваме да се донесе од страна на Владата, а потоа да се достави до Собранието на Република Северна Македонија и тоа веднаш по завршување на претседателските избори. За тоа каков е законот и што содржи истиот тој во овој момент не би коментирал туку само ќе кажам зошто е неминовно потребен.

Република Северна Македонија мора да знае колку население вкупно има во земјава, кое постојано живее тука. Потоа треба да се знае колку население има во регионите, општините, градовите и населените места. За сево ова, неминовно е потребно крајно точно и прецизно да се почитуваат препораките за попис, кои се важечки за сите земји што спроведуваат попис. Треба да се знае какво е населението по пол, возраст, образование, каков економски и социјален статус има, каков јазик зборува, на која етничка припадност и вероисповед припаѓа. Неминовно е потребно да се знае колку домаќинства живеат во земјава. Колку членови има по домаќинства, колку згради и станови имаме и какви се нивната височина, опременост, големина, година на изградба како и други потребни податоци. За наведените карактеристики и потребата од податоци треба да се напомене дека само од попис може да се дознаат тие информации, кои се само дел од наброените. Мора да се каже и зошто? Затоа што не знаеме колку и каде нѐ има. Не знаеме колку население живее по населени места, каква е неговата структура по сите демографски белези и колку населени места се без население. Не знаеме какво население имаме по образовната структура од сите образовни процеси. Податоци има од пописот во 2002 година, а знаеме колку годишно се намалува бројот на учениците како во основните така и во средните училишта.

Знаеме колку имаме високообразован кадар, но во и до 2002 година, меѓутоа знаеме дека во меѓувреме отворивме многу факултети, годишно дипломираат околу 9.000 студенти, годишно магистрираат околу 2.500 и околу 250 стануваат доктори на наука. Тоа се високи бројки од 2006 година наваму. Но земјава и институциите не знаат колку и каков вкупно кадар имаме со завршено високо образование, колку имаме магистри, колку имаме доктори на наука сега, а знаеме колку биле во 2002 година. Тие бројки во овој момент не би ги коментирал бидејќи на годишно ниво се многу високи.

Морам да напоменам јас лично зошто неминовно е потребен попис. За секојдневното работење на Владата и сите други нејзини институции, а и многу други субјекти што имаат потреба од вакви податоци. Истите тие се потребни за разни планирања, а особено на иднината од сите аспекти. Бидејќи и сега велиме дека имаме неверодостојни податоци, а покажуваме резултати, прашањето е какви се тие. Само за пример, како се прикажуваа разни податоци од повеќе сфери, кои се делат со просеци од население. Каков е БДП по жител, каква е густината на населението по жител, каков е превозот на патници по жител и да не набројувам уште што сѐ не се пресметува по жител, а податоците велиме не се веродостојни. И пак за пример, за седум скопски општини немаме податоци со процени од 2002 година до 2018 година, па како работиме тогаш, планираме, а велиме врз основа на бројот на населението е направено тоа и тоа итн.

За да не должам многу во сево ова, зашто можам да пишувам за состојбите долго, ќе се изјаснам со одредени препораки и предлози за тоа како побрзо да се спроведе попис и што треба да се направи.

Прво, неминовно е донесување на законот бидејќи веќе е и доцна. Зошто? Затоа што некои земји длабоко се навлезени во подготовки од 2017 до 2018 година, а попис ќе спроведуваат во 2020 година или една година по нас. Подготовките се огромни како организациски така и стручни. Истите тие не зависат само од надлежната институција за спроведување на пописот туку и од многу други во земјава. Да не речам само во однос на уличниот систем, скиците и описите за пописни кругови со кои треба да се опфати целата територија на земјава во сите делови. И овде ќе издвојам само еден момент како работиме или како не ги почитуваме законите. Во однос на Законот за територијата поделба на општините во 2004 година имаше голема побуна од тогашната опозиција.

Меѓутоа таа опозиција стана позиција во 2006 година и во 2015 година донесе измени и дополнувања на законот за кој имаше многу критики. Се прогласија нови населени места, се изменија називи на население места итн. Но и по изминати 3-4 години немаше никаква примена на измените и дополнувањата. Сево ова значи дека претстојат огромни подготовки, тешка организација, спроведување на терен, прибирање, обработки, публикување, а сѐ треба да биде придружено со рокови и огромни финансиски средства. Затоа треба да се мисли навремено, а не по донесување на законот бидејќи ќе биде доцна. Истовремено, потребно е да се размисли за стручноста и квалитетот на учесниците започнувајќи од надлежната институција па до последниот учесник. Потребно е посебно да се има предвид и тоа каква е политичката состојба во земјата, да не се планираат измени и дополнувања на многу закони, кои имаат влијание на пописот, а особено, пак, да не се планираат нови избори. Со наведеното сметам дека треба пошироко да се занимава Владата на Република Северна Македонија.

Сево ова е изнесено во функција на навремено планирање, работење, подготвување на сето она што е потребно за еден успешен, квалитетен и веродостоен попис. А на сето тоа силно влијание треба да има јавното и транспарентното работење, како и медиумското работење.

М-р Дончо Герасимовски, демографски аналитичар
и поранешен директор на Државниот завод за статистика