Стресот кај наставниот кадар поради онлајн наставата

163

Наметнатата нова реалност поради пандемијата на коронавирусот пред нас постави нови предизвици со кои мораме да се соочиме и да се приспособиме. Оваа состојба, во која речиси повеќе од една година егзистира целиот свет, наметна реорганизација на наставниот процес и примена на т.н. хибриден модел на изведување на наставата, дел со физичко присуство, дел преку онлајн настава.
Во неколку наврати веќе пишував за негативните последици од онлајн наставата и за влијанието врз менталното здравје кај учениците, наставниците, родителите и сите преостанати вклучени чинители во воспитно-образовниот процес, како и за последиците врз квалитетот на образовниот процес.
Во оваа пригода би сакала подетално да се задржам на влијанието и стресот што наставата на далечина го предизвикува врз наставниците и врз нивното психичко здравје, затоа што сметам дека некако во изминатиот период многу повеќе се пишуваше и говореше во јавноста за влијанието и стресот од онлајн наставата врз учениците, а некако наставниот кадар и сето она со што тој секојдневно се соочува, како да се става во втор план.
Целата оваа реорганизација на наставниот процес и во голема мера сериозно ги изложи на стрес токму наставниците, кои се носечки столб на воспитно-образовниот процес. Сите измени и приспособувања што се бараат го ставија на сериозен испит наставниот кадар, кој требаше во многу краток период да се адаптира на новиот начин на настава, а тоа воопшто не е едноставен процес, зашто бара педагошко-методско приспособување на наставните содржини и поинакво методско планирање на наставните часови, совладување во краток рок на различни информатички вештини преку инстант обуки за изведување настава на далечина, обезбедување технички можности, компјутери и интернет, кои во најголем дел наставниците сами си ги обезбедија од сопствени средства, обезбедување простор во домашни услови за изведување на наставата кај најголем дел од наставниците итн.

Сето тоа ги изложи на голем стрес наставниците, а фактот дека многу од нив и самите се родители на деца на школска возраст, стресот се мултиплицира. Ако на ова го додадеме и времето потребно за подготовка на часовите, времето за прегледување на стотици тестови, домашни задачи, есеи, презентации, проекти што ги изработуваат учениците, тогаш животот на еден наставник буквално се претвори во живот пред монитор, што многу лошо се одразува на менталното и на физичкото здравје.
Иако повеќето од наставниците добро се справија со предизвиците од новонастанатата ситуација со наставата на далечина, сепак без оглед кој како и колку успешно се справил со тоа, речиси кај сите вклучени во образовниот процес се забележуваат последиците од стресот и веќе се манифестираат во различни облици. А последиците од сево ова допрва ќе ги чувствуваме уште поинтензивно, затоа што ние сѐ уште имаме капацитети за справување со стресот, но колку што оваа ситуација ќе се пролонгира, толку повеќе ќе ги чувствуваме последиците по нашето психичко и физичко здравје.
Пред сѐ одржувањето на часовите преку онлајн платформа е самото по себе исцрпувачко. Реализирањето на предавањата пред компјутери, со повеќечасовно говорење и гледање во монитор на кој се прикажани профилите на учениците како кругови или камерите доколку се вклучени, навистина е исцрпувачкко и придонесува за зголемен замор, исцрпеност, намалување на концентрацијата, вниманието кај наставникот, нервоза.
Постојаната трка со времето при скратените часови, проблемите од техничка природа кај учениците, како слаба интернет-конекција, лош квалитет на микрофоните, звучниците итн. придонесува за зголемен замор и пад на когнитивните способности и капацитети на наставниците.

Напорот на наставниците не само да си ја реализираат наставната програма туку и да обезбедат минимум услови барем за минимална објективност за проверка на знаењата на учениците и на процесот на оценување, изготвување онлајн тестови, навистина бара многу труд, трпеливост, креативност, посветеност и одговорност, што во голема мера може да биде извор на стрес во вакви услови.
Евидентен е падот на квалитетот на наставата, квалитетот на совладувањето на материјалот кај учениците. Онлајн наставата не може да ја надомести класичната наставата во училница, без оглед колку наставникот е вешт и инвентивен во користење информатички алатки и педагошки добро подготвен, не може наставниот материјал да се предаде преку интернет-платформа со истиот квалитет, како што би им го предал на учениците во училница.
Немањето директна интеракција, социјални контакти со учениците, можноста за директен тет-а-тет увид не само за тоа колку ученикот го разбрал и научил материјалот туку увид и во неговата емотивна, психичка состојба, е навистина голем недостаток на наставата на далечина.
Дополнително несериозниот пристап на дел од учениците кон онлајн наставата, кои ја злоупотребуваат оваа ситуација, намалените можности онлајн да се менаџира часот, односно да се менаџира со т.н. виртуелна училница, со работната атмосфера, но и со климата на самиот час, предизвикува чувство на немоќ, фрустрација кај наставникот. А на тоа може да се додаде и дополнителната „публика“ и „критиките од страна“ на која е изложен наставникот во текот на часовите, односно членовите на семејствата на учениците, кои некои по своја желба, а некои поради ограничените просторни услови дома, мораат да „следат“ настава.

Дел од работните задачи на наставникот е и секојдневната комуникација не само со учениците туку и со родителите, училишната администрација, менаџерските тимови во училиштата, инспекции, советници, која во овие услови во голем дел се одвива онлајн, што ги става наставниците пред целодневен ангажман.
Од една страна, достапноста на наставникот преку разните групи за комуникација со учениците и родителите го олесни и забрза процесот на комуникација, но од друга страна, буквално им го наруши дури и приватниот живот на наставниците, кои станаа достапни 24 часа, што само уште повеќе ги исцрпува психички.
Дополнително и работата со различни категории ученици, кои доаѓаат од различна социјална средина, имаат различен социоекономски статус, различни можности за да следат онлајн настава, а од друга страна ограничени се можностите на наставникот да направи реална процена дали ученикот навистина нема материјално-технички и просторни можности за непречено следење на наставата или само ја злоупотребува целата ситуација и манипулира со наставникот, бара голема вештина и трпеливост.
А од друга страна притисокот врз наставниците да се реализира наставната програма со скратени онлајн часови од 30 до 35 минути, потребата да се изрекуваат воспитно-педагошки мерки за учениците што не се вклучуваат редовно на настава, притисокот и очекувањата на пошироката општествена средина, која бара од наставниците да бидат и воспитувачи, и подучувачи, и заменски родители, и коректори на сето она што се случува во општеството, дополнително се извор на стрес и професионално согорување на наставниот кадар.

Ако се знае дека наставничката професија според истражувањата на психолозите е една од најсогорувачките професии, тогаш во вакви услови на пандемија и настава на далечина, оваа професија станува уште посогорувачка.
Најчестите симптоми на пролонгираниот стрес кај наставниците се исцрпеност, замор, прекумерна напнатост, фрустрација, анксиозност, депресивност, нетрпеливост, избувливост, нетолеранција, негрижа и неодговорност кон работата, прекумерни реакции во односите со учениците, колегите, родителите, претпоставените, во некои ситуации непријателско однесување кон учениците, незаинтересираност, тенденциозност, намалена концентрација за работа, заборавност, пројавување на симптоми на депресивност, анксиозност, панични напади и бројни други симптоми. Сето тоа најчесто резултира со чувство на незадоволство од себеси, незадоволство од работата, намалување на креативноста и еланот за работа, намалување на самопочитувањето, донесување погрешни или избрзани одлуки, конфликти на работното место што се рефлектираат и во приватниот живот, сомневање во сопствената компетентност и капацитети, себепреиспитување, негативна самопроцена на сопствените компетенции, разочарување, што сериозно се одразува не само на работната ефикасност и ефективноста на наставникот туку и на неговото психичко и физичко здравје. Во крајни случаи тој стрес може да резултира со апсентизам од работното место, појава на психички нарушувања, психосоматски заболувања, напуштање на работното место и др.
Токму затоа е важно навремено да се препознаат симптомите на стрес кај наставниците, особено симптомите на пролонгиран стрес на каков што сме изложени сите во оваа ситуација, за навремено да се дејствува заради заштита на менталното здравје на наставниот кадар.

За редуцирање на стресот кај наставниците многу е важно да им се обезбеди поткрепувачка позитивна работна средина и психолошка поддршка. Не случајно во многу училишта во светот се организираат и работилници, предавања за наставниот кадар за да се запознаат со стратегиите за справување со стресот, како директни проактивни стратегии за справување со стресот, на пр. позитивно преоценување на проблемите, планско решавање на проблемите, прифаќање на својата одговорност во соочувањето со стресот, правење јасна дистинкција што е лична одговорност на наставникот, а што е преземање туѓа одговорност, како на пр. одговорноста на родителот, потоа разни палијативни техники за намалување на ефектите на стресот, за намалување на анксиозноста, техники за контрола на емоциите, прифаќање на сопствените ограничувања како поединец итн.
Позитивен ефект за справување со стресот би дала и индивидуална, но и групна психотерапија и отворена комуникација за проблемите, споделување со колегите, споделување на емоционалните доживувања во врска со проблемите, недозволување тие да ескалираат, наоѓање заеднички прифатливи решенија за надминување на проблемите, креирање систем на поддршка во училиштата, преку стручната служба, која ќе обезбеди поддршка за наставниот кадар, психолошко советување за наставниците, па дури и обезбедување на СОС-телефон или отворање психолошки советувалишта на ниво на општините за поддршка на наставниот кадар.
Долготрајниот психолошки стрес кај наставниците, особено во вакви услови на пандемија, не само што има негативни реперкусии врз психичкото и физичкото здравје на наставникот туку има негативни импликации и врз учениците, врз образовните институции и севкупното општество, затоа што стресот кај наставниот кадар не е само индивидуален проблем на наставникот туку е поширок општествен проблем, зашто без квалитетен наставен кадар, без добро мотивирани, задоволни, успешни, продуктивни и креативни наставници, не е можно ни квалитетно образование, а тоа ни е и национален интерес.

М-р Марија Младеновска-Димитровска, психолог,
магистер на клиничка и советодавна психологија