Сите наши дипломати

842

Дипломати – преку тикви в бостан или што би рекле Србите: грлом у јагоде. Драги читатели, можеби насловов требаше да биде „Сите наши дипломати и понекој министер“, но си мислам дека пократок наслов е попоетичен и така го оставам. Инаку не знам како би почнал. Би почнал со еден несуден дипломат од една цивилизирана земја, се викаше Рудолф Хес, но за крајот на нашево кажување да биде повесел, ќе го оставиме за крајот. И така, човек изморен од целодневни физички работи ќе се скрсти пред телевизорот и сѐ ќе го удри некоја дамла – ќе чуе некоја вест, која никако не може да ја свари, ни да се смее ни да плаче.

Просто човек да се крсти. Какви се не изненадувања ќе чуеме од политичари што не го поминале ни приправничкиот стаж, а веќе ги гледаме како ги меркаат и дипломатските работни места. Доволно е да имаат некој вујко, некоја стрина во нивната политичка партија па да ги видиме како ги подготвуваат дипломатските торби за мисии, и тоа сѐ важни мисии. Ова важи за членови на маргинални политички партии што дејствуваат како парички за поткусурување (за „чејџ“) или ситни тегови на политичката вага. Лидерот на таква партија, маргинална, обично на премиерот што ја составува Владата, ќе му постави ултиматум, или-или, до вечер ќе го видиме во некој бележит угостителски објект или, пак, на портата од некоја амбасада.

И така за некој ден ќе чуеме, ќе видиме тој и тој член со едно или две пратенички места, со сигурност ќе ја врши дипломатската задача. Ќе почнат интервјуа во медиумите, ќе почнат портрети со поголеми фотографии во печатените медиуми и секако скица за портрет: како бил одличен студент на пример, на медицински факултет. Како англискиот јазик го говорел како и мајчиниот и тоа не американска или австралиска варијанта туку англиска и со акцент како што говореше Ричард Бартон. Пред да продолжам со конкретни примери, овде ќе кажам некои општи начела. Еден да го наречеме условно дипломат, пред да тргне во дипломатска мисија, мора да ги проучи програмските ориентации на односното министерство и да добие валидни информации од експертите за односната област. Па да се состане задолжително со претходно закажани состаноци со неговиот премиер и тоа со добра анализа на поставената задача.

А да се заобиколи, како што на пример кај нас што често се случува, претседателот на државата навистина не да е непристојно туку е неделкано. Доколку овие, претседател, премиер, соодветен министер, се усогласат, дури тогаш се подготвуваат наредните задачи. Обично премиерот го задолжува идниот дипломат или министер да направи програма од две-три страни за приоритетот во соодветното министерство, па потоа проширена програма за повеќе сектори од тоа министерство и дури тогаш се прави програма за работа. Овој дел од работата е честопати, можеби 60 отсто, и дури тогаш се подготвува првата конкретна задача. Еве, на пример, ако во МНР се организираат средби со друга земја со посредство на амбасадор или конзул што е 15 отсто од работата, и 25 отсто да се посети земјата каде што треба да се свршат некои задачи.

Во првиов пример што јас сакам да го наведам, отпосле разбравме дека еден новопечен министер без да ги изврши првите задачи, се упатил кон една странска земја да бара помош за пософистицирано оружје и подобри униформи за армијата. Кога се врати од таа мисија, што им остана на тогашниот премиер и на другите претпоставени, освен да му речат да поднесе оставка. Единствен можен чин. Друг еден министер, ми се чини без портфељ, го гледавме во Виена. Го вјвнал авионот и се најде во Виена. И со која задача? Да разговара за името на нашата земја. И ми се чини таа земја, Австрија, да посредувала во можно решение со нашиот сосед. Со кои личности од политичкиот живот на Австрија разговарал, преговарал, не е битно. Важно е дека тој силен дипломат таа своја мисија не ја подготвил по процедурален ред и дипломатски протокол како што погоре спомнавме во претходниот случај.

А овој дипломат во вториов случај, важеше како човек до претседателот на државата. Па, се рече, дека со него не направил никаква можна консултација, а тогашниот претседател важеше за паметен, образован и искусен политичар. И овој, вториот наведен дипломат важеше дека е експерт по меѓународно право. Можеби и е. Меѓутоа мислам дека досега не дојдоа до израз таквите стручни негови квалитети. Не слушнавме дека споменатата земја се нафатила за таква мисија, дали ја одважила таквата дипломатска понуда. Ова мислење го потврди уште со една слична мисија на Далечниот Исток. Отишол таму и со највисоките функционери на една земја преговарал и им рекол дека ние, мојата земја, ќе ве признае како независна држава. На тоа тие домаќините, политичкиот врв му заблагодарил и му рекле: „А ние за возврат што можеме да направиме за вас“?.

Како од топ на прва, споменатиов дипломат им побарал финансиски заем под поволни услови и тоа од милијарда долари. Било прифатено. Нема проблем, рекле. Кога слушав за оваа дипломатска рашомонијада од ТВ, верувајте почитувани читатели, и јас се скрив под ќебенцето на каучот. Како мојата фамилија да ѝ направила некоја штета на друга фамилија во соседството и подалеку. Тогаш си реков во себе. Ами сега? Што правиме со нивната матична земја, која во ООН нѐ призна под уставното име?! Ами што ни градеше ХЕЦ на една река, се разбира со многу поволен заем. За таа ХЕЦ гледам нашиов народ и песна пее. Овде споменав нашиот народ.

Би додал паметен, мудар. Истиот тој народ, обичниов народ, селаниве наши кога ќе кажуваат во овие денови по портите или пред селската продавница на некоја греда, па ќе велат, ќе додаваат на зададена тема. Дипломатија! Преку тикви в бостан или Србине: грлом у јагоде. Трет ќе додаде: манџата е убава и од праз да е и од кромид, ама ако не е добро запржена… или ако е пресолена за бадијала. Јас ќе додадам, еден академик рекол: „Јас знам, во академијата има многу членови на кои три овци да им дадеш до вечер ќе ги загинат. И обратно. А има многу селани што можат да држат говори и во академијата на науките“ (овде се мисли не на нашата туку се мисли за САНУ).

(Продолжува)
(Никола Масалковски)