Сите наши градоначалници

308

Повод за овој наслов, почитувани читатели, се изјавите и активностите (поарно речено дејствата) на нашите први граѓани барем на многу од нив. Тие даваат толку многу изјави за нивните планови или веќе започнуваат да градат објекти што никако не произлегуваат од плановите и програмите за работа во нивниот мандат, а одобрен од советите на градовите. Кога човек ќе почне да ги анализира, мора или да се смее ама уште повеќе да плаче. Јас овде ќе се обидам да го образложам ова. Можеби ќе ми појде од рака. Наместо вовед во зададенава тема, веднаш да почнам за што често сум огорчен од татковците на нашиве убави градови, особено на поголемите. Ако остане простор, можеби ќе наведам и смешни настани, толку колку за добро расположение во овие,,полициски часови“ предизвикани од коронавирусот.

Ние (по)старите кога ги кроиме лозјата, овоштарниците и чекајќи го комбајнот лежиме на ледини под ладовината на врбите,често зафаќаме разни теми. Ете – градовите. На пример, градовите во бившата татковина. Некои биле во разни градови. Едни биле како војници, други на учење, или на пример преспанци на продавање јаболка, и ќе почнат: ,,Велиш, си бил војска во Осиек? Јас таму три сезони продавав јаболка. Убав град! Многу!“. ,,А бе, колку паркови имаше во Осиек – 50?“. ,,Не, јас кога бев војник во Осиек имаше 77 паркови“. „Ете, Осиек пред 20-30 години со 120 илјади жители, а сега стотина илјади, знаете зошто имал 70 паркови!“ И така ќе редат сеќавања и спомени за градовите.

А знаете ли колку паркови има нашиов главен град? Не знаете. Но затоа знаете дека многу градоначалници ќе фрлат око на тие колку-толку паркови во содејство на урбаната мафија, обично, прекуноќ, ќе ги покосат стеблата во парковите исто како ковид-19 што ги покосува луѓево, и така ќе никне некаков објект. Жителите на тој кварт ќе се побунат, можеби и медиумите. Но брзо, некој новинар може да добие и ќотек.

Јас многу бев зачуден и огорчен кога го слушав поранешниот градоначалник на главниот град кога во едно интервју кажуваше, и тоа дури на чалам, како во Скопје останале уште три ледини и тој си зел за задача нив да ги урбанизира. Слушајќи го што кажува, јас се вџашив! На град со над 700.000 жители останале уште три утрини (ледини), тумби и тој сакал да ги претвори во бетон. Веднаш се сетив на Осло, на Малме, Белград, го спомнав Осиек, Загреб (Трешњевка, Дубрава, населбата Трње), Њујорк (Лонг Ајленд), Мелбурн. Реков, Њујорк или скандинавскиве земји. Таму одвај чекаат сончеви денови да се растрчаат и млади и стари по парковите. Да бидам искрен, во моето село некогаш имаше претседатели и кметови. Јас со достојна почит и денес се сеќавам на тие бистри и честити селани, а така и ги водеа општините, со полно знаење. Ледините, та во градови та во села, ни биле исто што училиштата или домовите. На ледините од најмали нозе игравме мижитатара, а со радост нѐ гледаа тие од 2-3 години, кои ги држеа нивните мајки и со радост се смееја, па народна топка, па котка. Потоа, како растевме, игри за постарите и разни вештини и симпатии и развивавме витештво, другарство и да доживеевме пораз или победа.

На ледините учевме, можевме да научиме сѐ што не можевме во училиштето или во семејството ако некогаш ние децата, обично помалите, штотуку наседнати на трпезата, ќе прашавме нешто, а родителите ќе нѐ изгрдеа. „Уф, овде најде да ми поставуваш прашања што се за на ледињето или на тумба“. Па ќе додадеа: „Кога се јаде, се молчи!“ Ледините, било да се рамни, закосени, било да е лете или зиме, за граѓаните, особено за децата не можат да ги заменат не знам какви дизниленди, како тој што беше правен мислам во населбата Аеродром. Тој забавно-рекреативен парк е за одбрани деца, ми мириса на пералница за пари. Никогаш не може да ги замени ледините.

Второ огорчување ми беше поставувањето „гемии“ и закотвени покрај тажниот Вардар. Сепак ми беше срам и ме удираше некоја смеа кога беа направени плажи на Вардар, во најстрогиот центар на главниот град. Плажите ги гледав на нашиве телевизии и на нив неколку капачки спругнати како мрши, демек изигруваат туризам. Овој „проект“ со плажа беше проследен уште со еден „бисер“, читај глупост, милениумско тркало. Уште тоа беше кусо. Кога тркалото и другата „техника“ беа пристигнати на „самото место“ за монтажа, дојде до смена на стариот со новиот татко на главниот град. Тие двајца седнаа, испија заедничко кафе, си извршија примопредавање на функцијата, си посакаа многу успех и… ауфидерзен.

Овде го почнувам вториот дел на моето разочарување. Прво, новиот градоначалник на крајот на 2019 година соопшти една убава вест за главниот град, што мене многу ме револтира (сега во 21 век). И второ, што неодамна го слушна целата македонска јавност, новиот татко попримил многу практики и „таленти“ од стариот. И само со која цел? Имено, скопјани да се забавуваат, гледајќи го главниот град само не знам од која перспектива, тој, новиот татко, г. Шилегов дал виза, ако не е и учесник, на тој „проект“ да се гради милениумски лифт. А за што ќе служи лифтот? За народот полесно да стигнува до паркот над третата плоча на трговскиот центар, кој нема да биде нападнат од урбаната мафија како вистинските паркови. И така да го разгледува градот. Ама најубава панорама, видик на Скопје е Водно. Поарен видик од Водно, здравје. Ем убав пат кон Водно, ем жичница, ем пешачење, рекреирање, дишење чист воздух и чисти бели дробови.

Скопје го сакам. Што не преживеало во својата историја. Го сакам како главен град. Јас го сакам и градот, поточно гратчето во кое живеам и сметам дека има одлични природни услови и за живеење и за стопанисување. Јас имам и едно село, каде што сум се родил и каде што го трошам залезот на сонцето (мое) и каде што често навратувам, по 3-4 дена месечно. И него го сакам. Но да почнам со ред. Имам уважување за оние смели и упорни луѓе што физиономијата на градов во кој живеам ја изменуваат на подобро. Тоа се претседатели на општини или советници, затоа што упорно дејствуваат градот да го постројат по урбанистичките норми, да биде убав и да биде чиста животна средина, а не легло на зарази и разни епидемии. И тоа со години граѓаните ги прифаќаа само придонесите за водовод, канализација и други инфраструктурни објекти. Извори над 100-150 метра над градот, а, внимавајте, канализација не е таа што ги собира отпадните води ако не ги носи главниот колектор кон пречистителната станица и таложниците, каде што се неутрализираат отпадната вода и фекалиите, па така тие се таложат во таложници, повеќе хектари површина што работат на принципот на морските солани. Водата дури тогаш оди во реките, а фекалиите неутрализирани ги берат и служат за наѓубрување на почвите, било да се пасишта, шуми или друго.

Погоре забележав, под прво и второ, е тоа прво од што бев вознемирен од новиот градоначалник е тоа што главниот град досега немал пречистителна станица, така што смрдотиите влегувале во кутриот Вардар! Јас знам, често има помор на риби. Па, добро, како можеле овие управувачи да управуваат со главен град! Еве од 1963 година, од катастрофалниот земјотрес во Скопје, кој беше под капата на светската солидарност, а тоа значи добиваше секаква помош, да не се направи ниту еден објект за отпадните води. И тогаш и сега, ама на чудесно брз начин се обезбедуваат средства за неважни работи и глупости, ама за она најважното, за чистотата на воздухот, почвите и водата никогаш не достигнуваат.

,,Еве сега, добивме меѓународен кредит“, рече г. Шилегов и додаде дека „наредната година почнува изградбата на модерна канализација“. Еве, помина речиси половина година, не разбравме ни кој го прави проектот, ни кој оператор ќе ги изведува работите, ни каде тој изведувач правел такви објекти! Оти, знаете, многу вакви објекти се во жалосна состојба и делумно ја извршуваат својата намена. Од 1963 година, годишно да се градел по еден километар, денес Скопје немаше да се тресе пред ковид-19. Но, рековме, сѐ ќе се најде некоја неодложна работа (Србите велат преќа посла)? Еве, да наведам: милениумско тркало, милениумски лифт, фестивал на пивото, фестивал на глумецот, фестивал на пастрмајлијата, фестивал на Мерлин, фестивал на чезата (да, точно прочитавте). Од официјално место се лупа како „пари има, фондовите се полни!“. За недела-две да му се соопшти на народот дека можеби ќе треба заем од половина милион, а третата недела, пак, дека ќе треба уште милијарда и седумстотини милиони. Со каква леснотија се манипулира народот, уште со поголема се трошат пари на баханалии и глупости додека ги пишувам овие редови за нашите први луѓе, кои ведрат и облачат, поарно речено сомнително трошат.

Јас, како и сите луѓе на оваа изморена земја, постојано сум опседнат со овие зарази и пандемии. Тоа, нема да ми замерите, ми доаѓа како црвениот конец во ортомата. Но кога пандемијава беше на самиот врв, на историскиот канал во повеќе делови имаше емисија за некоја голема зараза што се случила во Британија во 60-тите години од 19 век. Тогаш заразата таманела не стотина, ами илјадници луѓе дневно. А најзагрозен бил Лондон. Тој бил многу нечист град. Припадниците на работничката класа, тоа било време на индустриската револуција, живееле во дрвени куќи, нечисти и крајно нефункционални за одржување на хигиената. На пример, наместо тоалет, имале некое ќоше со обична лимена канта „за понадвор“, а кога ќе се наполнела, било дење или ноќе, ја носеле во Темза. Зарем Вардар не ви личи на Темза од тоа време? Но со таа разлика што фекалиите ги „носат“ со канализациски цевки наместо со канти, како што тоа го правеле најголемиот дел во Темза од тоа време. Темза била депонија за фекалии. Тогаш Лондон изгубил половината од своето население. Не од ковид-19, туку од чума, колера и други зарази. Зарем овие наши учени луѓе заборавиле што му се случило на Скопје во времето на Карпошовото востание? Пиколомини, италијанскиот генерал во служба на австриската монархија, го запалил Скопје со остатокот од војската и побегнал. Треба ли пак да му се случи такво нешто?! Да е скраја!

Па и сега, гледате ли во кои наши градови има најмногу заболени и починати од пандемијата? Скопје го води црниот бајрак. Сега, доколку почне да се гради модерна канализација, прво ќе почне со пречистителната станица и таложникот, кој ќе биди сместен под Петровец, два колектори ќе бидат од левата и десната страна на Вардар, третиот од Кисела Вода, а четвртиот од Драчево, пред станицата ќе се соединуваат. Зад селата Могила и Кукуречани, главниот град ќе заостанува 15 години. Мене ми е чудно, луѓе, бивши градоначалници често се легитимираат како архитекти и професори на факултет што едуцираат стручњаци за проектирање градови, а биле и градоначалници, а ништо не сториле за Скопје! Алал им вера!

И уште нешто за трошењето на парите. А знаете ли зошто не се внимава при користењето на парите? Затоа што на тие што ги управуваат парите, некој им ги дал како заем. Тие не ги враќаат, ами оваа земја, овој народ, кој одвојува без поговор за данок.

Никола Масалковски