Сакаме да бидеме дел, а не жртви од новото законско решение

217

Во врска со предизборната иницијатива на ДУИ за усвојување измени во Законот за игри на среќа, кои се на дневен ред на Комисијата за финансирање и буџет во Собранието на Република Македонија, в понеделник на 10.2.2020, со кои се наложува дислокација на објектите во кои се организираат игри на среќа на 3 км од населените места, здружението на вработени во секторот игри на среќа „Сакам да работам“ ја упатува следната реакција:

„Длабоко жалиме што дејноста на игри на среќа стана дел и од оваа предизборна кампања. Се чини дека политичките партии во нивните калкулации за гласови, без основа, тргнувајќи во ваква авантура, свесно или несвесно, ѝ дадоа поддршка на повеќемесечната оркестрирана хајка, која создава искривена слика во јавноста дека игрите на среќа се најголема закана за младите и дека во објектите царува криминалот. Никој не може со сила да биде принуден да влезе во обложувачница или автомат-клуб! Погрешно се наметна верувањето дека овие објекти, поради излозите се наводно заразни и предизвикуваат зависност! Тогаш, ајде по истата логика зошто сите не се запрашаме дали на нашите малолетни деца не им се служи алкохол во кафулињата што ги посетуваат, бидејќи јавна тајна е дека не им се бара лична карта на секоја порачка? Зошто тогаш пратениците од ДУИ не предложат и кафулињата да бидат дислоцирани на 3 км од населените места?

Еве ги фактите! Парламентарците од сите партии треба да знаат дека со нивниот глас ’за‘ или ’против‘ одлучуваат за човечки судбини. Ако овој предлог биде усвоен, тоа по автоматизам ќе значи клуч на врата за оваа дејност. Околу 7.700 вработени, кои ќе останат на улица, ќе мораат да си го бараат спасот во западните земји-членки на ЕУ, каде што повторно ќе работат во оваа дејност. Врз основа на сите анализи што се направени, не постои решение ем да се дислоцираат 3 километри од населените места, ем да продолжат објектите за игри на среќа да функционираат. Затоа, сите партии, без разлика дали се работи за позиција или опозиција треба да бидат свесни дека ќе преземат одговорност за тоа што нов бран млади луѓе ќе бидат принудени да се иселат.

Ја разбираме загриженоста на јавноста и на родителите во врска со игрите на среќа и потенцијалните ризици за нашите најмлади. Но, сепак, треба да се земе предвид дека со оваа дејност не се занимаваат роботи или некои наводно бесчувствителни профитери, туку луѓе од крв и месо, кои се активни чинители во ова општество. И ние сме родители, најчесто на малолетни деца и никогаш не би се согласиле да бидеме дел од нешто што ги прави нив потенцијални жртви. Во автомат-клубовите и во казината одамна се имплементираат сите највисоки стандарди на ЕУ, сѐ е 100 проценти законски! Во автомат-клубовите влегуваат најмногу 3 отсто од полнолетната популација, кои се традиционални играчи. Тие претходно веќе играле, најчесто во западните земји и си ја поробуваат среќата. Во автомат-клубовите имаме дежурен психолог, кој стои на располагање за секој играч што евентуално ќе почувствува зависност од игрите на среќа. Тој веднаш може да го контактира за стручна помош. Во ниту еден објект не смеат да влегуваат малолетници и секој наш апарат 365 дена во годината е поврзан со УЈП.

И да се забранат целосно игрите на среќа, луѓето повторно ќе најдат начин да играат, бидејќи тоа е во човечката природа. Така било векови, така е, така и ќе биде. Постојат поефикасни решенија од инсистирањето за дислоцирање на објектите со игри на среќа. На пример, напуштање на досегашната практика за издавање лиценца за трговското друштво и воведување лиценца за секој објект во кој се организираат игри на среќа.
Сакаме да најавиме дека како здружение на вработени во сектор на игри на среќа ’Сакам да работам‘ сме подготвени да им излеземе на протест и да им покажеме на политичките партии дека и ние сме граѓани на оваа земја, и имаме одредени права и слободи и нашиот глас треба да се земе предвид. Оваа дејност го полни буџетот со една четвртина милијарда евра на годишно ниво. Најмалку 24.000 граѓани преку нашите работни места обезбедуваат егзистенција, а истовремено оваа дејност индиректно поддржува и помага речиси 54.000 работни места, што ни дава дополнителна одговорност да се бориме за вистината.

Бараме како здружение на вработени во сектор на игри на среќа да бидеме дел, а не жртви од новото законско решение, кое треба да се донесе низ конструктивна дебата и со наоѓање соодветни механизми што ќе ги заштитат сите!“

Здружение на вработени во сектор игри на среќа „Сакам да работам“