Речани – последната битка за слободна Македонија

2655

Поради неуспехот од преземените воени акции за уништување на партизанскиот одред „Димитар Влахов“ во 1942-1943 година, бугарската војска и полиција, во целосна немоќ и разјарени поради неуспехот од нивните акции, речиси сите партизани на одредот во директните судири со нив, во повеќе случаи, не успеваа живи да ги фатат. Многумина од нив, до последните куршуми, херојски се бореле против омразениот поробувач не давајќи се живи во нивните раце. Таков бил и настанот со петтемина борци на одредот, кои во судирот со многубројната војска и полиција, на 6 јануари 1943 година, во месноста Речани, со последните куршуми сами си го одзеле животот. А како течеле последните часови од животот на овие херои, оставени сами во студенилото на ноќта против разбеснетите полицајци.

Имено, утрото на 6 јануари 1943 година, во една колиба во месноста Речани, која се наоѓала во непосредна близина на Велес, изморени од долгите маршеви, совладани од уморот, спиеле борците Киро Ќучук (23 години), Нонча Камишова (19 години), Стојан Бурчевски (22 години), Јордан Јорданов (22 години) и Киро Неделковски (30 години). Изутрината на нивата дошол сопственикот на колибата Стефан Филипов од Велес. Изненаден од присуството на борците, ги запрашал што бараат во неговата колиба. Бидејќи тие го познавале како нивен сограѓанин, му објасниле дека во колибата кратко ќе се задржат, сѐ додека не добијат сигурна врска за да се префрлат во градот. Притоа, Стојан Бурчевски го замолил Стефан да им купи цигари. Меѓутоа, наместо да им купи цигари, Стефан ја известил полицијата. Веднаш биле алармирани војската и полицијата. Преоблечен во униформа на бугарската полиција, С. Филипов со голема група полицајци и група агенти, веднаш заминал кон означеното место. Кон нив се приклучила и една чета бугарски војници под команда на поручникот Христо Буров.

Ни најмалку не надевајќи се на предавство, борците и натаму одморале. За миг, целата колиба била опколена. За да ги фатат живи, група полицајци со Стефан влегле во колибата. Но борците претходно се качиле на горниот дел од колибата. Веднаш било забележано предавството. „Зар ти да нѐ предадеш“, му довикнал К. Ќучук на Стефана и веднаш започнал да пука. Истовремено започнале да пукаат и другите борци. Се развила огорчена и нерамноправна борба. Борците биле опсипани со митралески рафали и истрели од пушки. По едно кратко затишје, се слушнал гласот на поручникот, кој ги повикувал борците да се предадат. „Ќе се предадеме ако ни донесете пајтон за во Велес“, му одговориле борците. Разбеснетиот поручник наредил кон колибата да се фрлат бомби. Немало место на колибата што не било погодено.

Стојан, Киро и Нонча биле тешко ранети, додека Јордан и Киро, ранети во главите, продолжиле да пукаат. Борбата траела речиси еден час. Муницијата на борците била при крај. „Последните куршуми ќе бидат за нас“, им рекол Киро Неделковски на младите, премрзнати и ранети херои. Немите погледи на младите херои доволно зборувале дека со тој предлог се согласни. „Не се предаваме, бре кучиња, во ваши раце“, се слушнал гласот на ранетиот во глава Јордан. „Ние се бориме за слободна Македонија и не се плашиме од смртта“, го дополнил со очајнички собраната сила за извик Киро Неделковски. И, на општо изненадување, додека Бугарите се подготвувале целосно да ја запалат и изрешетат со куршуми колибата, од нејзината внатрешност се слушнале песна и свирка од усна хармоника. Тоа младите партизани, по ритамот на усната хармоника на С. Бурчевски, ја пееле борбената песна на одредот „Влаховата чета“. Од колибата ечела песната „За Влаховата чета“. При самиот крај на песната, само миг по испеаните последни зборови, во колибата се слушнале воедначени истрели од огнено оружје. Бугарите затечени, останале збунети и изненадени. Настанал молк. Само уште понекој митралески рафал, испукан од Бугарите кон колибата како превентива за да се осигурат дека сите се убиени, не укажувало на тоа дека тука до пред нецел час се одвивала крвава битка. Откако веќе немало повратни истрели од колибата, поручникот наредил да се влезе во колибата. Кога војниците и полицајците влегле во колибата, се стаписале од глетката. Наредени во круг еден до друг лежеле партизаните. На нивните млади лица имало некој чуден спокој и мир. Нивните убави лица, од кои некои уште и не почнале да се бричат, биле прекриени со локви крв, а нивните тела биле издупчени со многубројни куршуми и шрапнели. Усната хармоника на С. Бурчевски, целата со крв, се наоѓала покрај неговата глава. Тој од неа не се делел. Ја оставил до себе кога видел дека му дошол крајот. А Бугарите, пак, затекнати од оваа невидена храброст и саможртвен чин, не можеле да поверуваат дека овие млади партизани имале храброст да извршат самоубиство.

Зашто, за вакви саможртвени чинови тие само слушале и читале. Н, набргу се созеле и повторно го покажале своето бесчувствително и нечовечко лице. Нонча Камишова, младата велешанка што топлиот дом го заменила со студената планина и шума, за чудо, по неколку минути, давала едвај некои знаци на живот. Исто било и со Јордан Јорданов. Другите тројца веќе биле мртви. Бесни поради тоа, Бугарите и нив ги дотепале со по уште неколку куршуми во главата и срцето. Убиените македонски херои два дена стоеле незакопани во бавчата, а на третиот ден ги закопале селаните од Башино Село.

Тоа била последната борба на партизаните. Тоа биле последните куршуми истрелани од борците на одредот „Димитар Влахов“, кои го означија крајот на една епоха, но не и крајот на борбата на македонскиот народ од Велес и Велешко и цела Македонија. 

Проф. д-р Ѓорѓи Малковски