Република Македонија или Република Северна Македонија

821

На 20 јули на првата програма на Радио Скопје слушнав дека нашиот претставник во НАТО, Пендаровски, изјавил дека ако пропадне Преспанскиот договор и РМ нема да биде примена во евроатлантските интеграции сега, следното договарање ќе биде многу полошо и пострашно од сегашнава промена на името Северна пред Македонија?! Што може да биде полошо од оваа доброволна капитулација, без војна, да бидеме обезличени и безимени како северномакедонци, небаре сме некаква скандинавска, северна, студена земја околу Северниот Пол. Зарем поголем срам од ова самоубиствено договарање со Грција го сметаме за победа? Поголемо ништење на Република Македонија од овој договор немало и ретко ќе има некаде. Освен во некоја наполно изгубена војна или во некој напад со атомска хидрогенска бомба или во некоја пософистицирана уништувачка неутронска бомба, каде што сѐ живо ќе изгине ама земјата ќе остане цела, со сите планини, полиња, реки, езера и сите куќи и улици, ама без луѓе и животни. А Преспанскиот договор го поддржуваат цела ЕУ, САД, НАТО. Последново „придружување“ на сѐ уште РМ од сегашнава власт беше поздравено со музика во 15 града во Македонија, како на свадба. Веселбата беше за млади, како во некое диско на отворено. На постарите, барем на некои, а и мене, ни личеше повеќе на погреб од источен тип – со песна и музика. А се растрчале комесари, емисари, секретари во земјава македонска од „миротворецот“ Столтенберг или Џингис од ЕУ Хан, како на летување, тие неопходни „советници“ за да нѐ убедат дека најубаво ќе живееме како безимени натоевропејци!

Да не ме сметаат дека сум против ЕУ. Сум и тоа како. Сепак, помалку за НАТО. Зошто нѐ убедуваат да влеземе во ЕУ-земја како Англија, која се повлекува од тој европски рај? Ако е толку добро, зошто тие, Англичаните, не остануваат во ЕУ? А НАТО е небаре некоја економски корисна организација! Таа ги голта сите економски добра на членовите, ама ѝ овозможува на индустријата да произведува воен материјал и храна за војниците. Таа е милитантна и агресивна воена структура, која никого не одбранила, туку секогаш напаѓала туѓи територии. Се спомнувам пред години, кога Словенија требаше да влезе во НАТО, на секоја бандера или поголеми излози на продавниците имаше плакати: „НАТО окупатор“. Ама Словенија влезе во оваа милитантна организација со своето народно име, без никакви додавки или услови.

Ќе беше многу чесно кон нашиот народ, ако власта, оваа или претходната, излезеше со простонародно референдумско прашање: 1. „Дали сте Македонија да стане член на НАТО и на ЕУ?“ Одговорот со „да“ или „не“ ќе им дадеше легитимитет на властодршците слободно и без пречки да преговараат за таквата можност. Таков би бил почетокот.
И ако се појавеше несмасниот проблем за нашето име со Грција, пред несреќниот Преспански договор, тоа прашање веќе се усложнува и може да гласи: 2. „Дали сте за промена на името Република Македонија за да станеме членка на НАТО и на ЕУ?“ Одговорот би бил сосема краток со „да“ или „против“. Ама веќе е усложнет и непредвидлив!

По потпишувањето на капитулантскиот Преспански договор, со сесрдна поддршка на ЕУ, НАТО и САД, трисложен и матен, и може да гласи: 3. „Дали сте за промена на името Република Македонија во Република Северна Македонија за да станеме членка на НАТО и на ЕУ?“ Каков и да биде одговорот, со „да“ или „против“, сме заиграле црно оро. Зошто?

Не можам да ја прескокнам изјавата на грчкиот премиер Ципрас, текст преземен од насловната страница на „Нова Македонија“, од 21 јуни 2018, дадена во грчкиот весник „Катимерини“ – зошто се согласил во преименувањето на нашата земја да остане зборот Македонија! Тој рече: „…многумина нѐ обвинуваат дека тргуваме со името, но јас гледам дека со овој договор ние ништо не даваме. Имаме само да земаме (последниве осум збора јас ги означив). Навистина не знам што добивме ние, освен што загубивме сѐ и се погубивме! Зошто? Понатаму Ципрас експлицитно тврди дека не се признава националноста, односно не се признаваат македонскиот народ и посебноста, туку во договорот е утврдено дека се признава државјанството, кое, како што вели тој (Ципрас), е различно од националноста. Чудни грчки мерила за народ, националност, нација. Уште почудни сфаќања за нашите недоделкани политичари! Државјани има – народ јок! Во која држава се скрил? Можеби во Западен Балкан. Знам дека постои Централен Балкан во кој спаѓа Србија, сега Косово и Македонија. Ама тоа не е Западен Балкан. Можеби таму ќе бидеме ние Македонциве. Односно – никаде! Зашто таква фатаморганска територија не постои.

Драги Стефанија