Почит и поклонение пред делата на В. Ралев

387

(Повод: Писмото на брат му Ристо)

Очекував да слушнам или прочитам некакви небулози за делата на човекољупците, хуманитарците и патриотите искажани од неинформирани или обични смртници. Но такво нешто да напише човек што бил во врвот на државното раководство, како што беше Стојан Андов, најмалку се очекуваше.

Скромниот Ристо Ралев, брат на филантропот Владимир Ралев, во писмото до „Нова Македонија“ од 10.12.2018, многу благо реагира, дури и срамежливо објаснувајќи му на дедо Столе кој бил и што бил Владо.

Како поранешен претседател на Обединетите Македонци – Светски македонски конгрес за Европа, имам морална и патриотска обврска постхумно да му изразам огромна благодарност на нашиот, македонскиот Владо Ралев. Во почетокот на 1990-тите години со него лично соработувавме заедно со Тодор Петров и Џорџ Атанасоски за поддршка на сите активности од страна на македонските асоцијации, клубови и црковни одбори во Европа и во светот.

При секоја успешна акција, тој приредуваше средби со Македонците, објаснувајќи дека почна бавно, но сигурно интегрирањето на самостојна и суверена Македонија во европските и светските организации. Тој бескрајно се радуваше кога во седиштето на Меѓународниот црвен крст во Женева, како што рече и самиот, нашиот Црвен крст е примен под името Македонски црвен крст… Владо беше член исто така и во делегацијата на ФСМ, предводена од Ѕинго, за прием на нашата фудбалска федерација во УЕФА и ФИФА.

Кога тогашната власт се обидуваше да го создаде Вториот светски конгрес предводен од „нивниот човек“ Џон Битов од Канада (за да си го стават конгресот под своја контрола), покојниот Ралев нѐ собра претставниците на повеќе европски асоцијации, на чело со мојата маленкост и Тодор Петров, велејќи ни: „Вие, браќа, треба да се обедините во еден конгрес, односно да ги повикате и другите патриоти да ви се приклучат доколку работат за Македонија. Јас и понатаму ќе ве помагам финансиски доколку сте единствени и обединети!“ Значи, Владо не бил доушник и удбаш, туку чесен македонски патриот. За хуманитарните дела, не само поединци од Европа и од татковината, па и од светот, туку и многу болници, домови за сираци и други организации со респект го споменуваат името на донаторот Владимир Ралев и вечно ќе му бидат благодарни.

д-р Веле Алексоски, професор во пензија и бивш главен уредник на „Македонско сонце“