Потреба од повисоки пензии

765

Драги Аргировски

Во независна Македонија по претседателите Киро Глигоров, Борис Трајковски, Бранко Црвенковски и Ѓорге Ивaнов за нов претседател на државата е избран Стево Пендаровски. Покрај за евроатлантските интеграции, од новиот претседател се очекува да се заложи за повеќе реформи особено во судството, за побрз развој на економијата и подобрување на животниот стандард на сите граѓани, за нивен мир, соживот и хармонија, без делење на наши и на ваши според нивната верска, етничка и политичка припадност, и друго. Факт е дека во Европа не постои толку мала држава како нашата што е толку поделена. За тоа покрај носечките партии посебен придонес имаат порталите во кои секојдневно се шират во голем број тенденциозни лажни вести и говор на омраза, а за што никој не одговара, бидејќи тука нема закони за спречување на оваа загрижувачка појава. Освен ова, релативно нискиот одзив на гласачите на последните претседателски избори укажува на извесното нивно незадоволство и поради неефикасната администрација во државата и појави на непотизам, застојот на економскиот развој, нискиот стандард и потреба од подобра и поефикасна здравствена и социјална заштита на сите жители, а особено на стари лица и слично.

Во нашaта држава со право на глас има над 300.000 старосни, семејни и инвалидски пензионери Македонци, Албанци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други. Анализите покажуваат дека ги има од сите партии, а голем број се неопределени. Пензионерите посебно се жалат на ниските пензии, бидејќи не го следат растот на платите. Со новите измени на Законот за пензиско и инвалидско осигурување што стапи во сила од оваа година, пензиите се усогласуваат од 1 јануари и од 1 јули само според порастот на индексот на трошоците за живот. Поаѓајќи од статистичките податоци на Државниот завод за статистика, животните трошоци во минатата година споредени на второто со првото полугодие се зголемени само 0,14 отсто, од што 50 проценти изнесуваат 0,7 отсто. Овој износ на усогласување на пензиите важи од 1 јануари 2019 година, а корисниците на пензија го добија со исплатата на мартовската пензија во почетокот на април заедно со разликите за јануари и февруари. И пензиите за април што се добиени на почетокот на мај се усогласени само со 0,7 отсто. Со други зборови, околу 73.000 корисници на минимална пензија до 9.000 денари со ваквото усогласување добија зголемување на пензијата до 63 денари, додека околу 80.000 пензионери со просечна пензија од 14.403 денари добија зголемување од 101 денар. Релевантно малиот број пензионери со највисока пензија од околу 50.000 денари со ваквото усогласување добија 350 денари. Така, просечната пензија во нашата земја сега изнесува 14.504 денари и таа во однос на јануарската просечна плата во износ од 24.507 денари изнесува 59 отсто. Меѓутоа, според владините најави, од 1 јули се очекува минималната плата да изнесува 13.000, а просечната плата да се зголеми на 30.000 денари со што соодносот со просечната пензија ќе изнесува загрижувачки 48 отсто. На вакви последици јавно укажав минатата година пред донесувањето на споменатиот закон.

Според европските критериуми и стандарди секој сооднос помеѓу просечните плата и пензија што е под 60 отсто е сигурен знак за сиромаштијата, која сѐ повеќе се зголемува меѓу пензионерите во нашата земја. Се вели дека со законот е утврдено доколку бруто-домашниот производ во претходното полугодие има реален пораст над 4 отсто, покрај усогласувањето со порастот на трошоците на животот, пензијата ќе се зголемува од 1 април во тековната година со процентот што претставува разлика помеѓу реалната стапка на порастот со претходниот процент на бруто-домашниот производ. Меѓутоа анализите покажуваат дека тоа е тешко остварливо. Сето тоа укажува на потребата за измена на Законот за пeнзиско и инвалидско осигурување усогласувањето на пензиите да биде како минатата година не само со порастот на индексот на животните трошоци, туку и со порастот на платите. Во прилог на тоа е податокот дека во речиси сите европски земји пензиите се усогласуваат по двете основи. Со оглед на тоа што со Уставот сме социјална држава истовремено треба да се размислува и за соодветно зголемување на пензиите на сите корисници на пензија од средната класа, а посебно за оние околу 150.000 пензионери, кои имаат пензија до просечната.

Вакви примери има во неколку земји на Европската Унија. Словенечкиот парламент едногласно усвои одлука пензионерите со услови за старосна пензија да имаат загарантирана минимална пензија од 500 евра со која ќе бидат опфатни над 98.000 за нивни услови сиромашни пензионери. Кај нашиот јужен сосед Грција за намалување на сиромаштијата нивната Влада најави воведување 13-та пензија за пензионерите. Покрај тоа силно осиромашените грчки пензионери во иднина во просек годишно ќе добиваат половина пензија повеќе. Соодветни промени на пензискиот систем се бараат и во Хрватска, каде што усогласувањето на пензиите ќе биде 70 и 30 отсто според индексот на порастот на платите и животните трошоци, а предност ќе има поповолниот износ за корисниците на пензија. Сево ова треба да се анализира и од аспект на демографските промени. Последните истражувања укажуваат дека во светот сега има повеќе баби и дедовци од внуци. Според најновите податоци на Обединетите нации, во светот вкупно има околу 705 милиони луѓе на возраст над 65 години, додека деца до 4 години се околу 680 милиони. Тоа значи дека првпат во светот има повеќе стари лица отколку мали деца.

Слични демографски промени има и во нашата земја. И не само тоа. Доколку не се преземат потребните чекори, кај нас ќе продолжи да се проширува јазот со загрижувачки размери помеѓу богатите и сиромашните пензионери. Во битката со сиромаштијата треба да се размислува и за зголемување на квотата на бесплатни лекови и воведување бесплатно болничко лекување за сите стари лица над 70 години, изградба на нови пензионерски и старски домови и создавање други услови за достоинствено егзистирање во третата доба и водење независен, активен и квалитетен живот.

Владата во нашата земја во занесот на победата не треба да ги заборава сите проблеми на масовната пензионерка популација, уште повеќе што многумина од нив ја претставуваа средната класа, чие влијание не треба да биде на маргините на политичкиот, економскиот и севкупен живот. Без влијателна средна класа не може да се создава модерна европска држава.

(авторот е новинар, публицист – експерт за трета доба)