Партискиот живот на македонската заедница во Србија

349

Многу време за размислување ни даде вонредната состојба што ја воведоа надлежните поради коронавирусот. За размислување и за потсетување. Потсетувајќи се, се вратив во детството минато во Еврејското Маало во Скопје, за кое уште порано напишав еден текст. Од друга страна, пак, едно друго размислување ми се наметна, бидејќи веднаш по укинувањето на вонредната состојба дојдоа парламентарните и локалните избори. Во таа насока, размислувајќи каде сме ние во Србија на политичката сцена, пред сѐ како национална заедница, си дадов за право да го изнесам моето видување и размислување по ова значајно прашање што нѐ засега сите. Мислам и уверен сум дека имам право, особено како еден од најстарите активисти, кој уште во 2002 година меѓу првите ја поведе иницијативата за формирање македонско здружение во Ниш, а во 2004 година бев активен актер за формирањето и на Националниот совет на македонската национална заедница во Р Србија.

Се враќам во 2007 год., кога бев присутен на промоцијата на првиот број на информативната ревија „Македонска виделина“, како информативно-политичко гласило на националната заедница на Македонците во Србија. Промоцијата се одржа во Покраинското собрание на Војводина во Нови Сад. Со Драган Велковски се знаев уште од формирањето на Националниот совет, бидејќи бевме членови на истиот тој. На промоцијата Драган ме извести дека уште од порано основал и регистрирал политичка партија под името Демократска партија на Македонците во Србија или скратено ДПМ, со седиште во Нови Сад. Партијата требало да биде битен сегмент во македонската заедница, кој ќе придонесе за политичка афирмација на Македонците во Србија и оваа информација многу ме израдува. Драган во таа пригода ми даде и леток со ознаките на партијата. Во разговорите што ги водевме понатаму, и не само тој ден, се договоривме да ми го испрати статутот на партијата и да дојде во Ниш, каде што би формирале регионален одбор за Ниш или за југоисточниот регион на Србија, како и да организираме конгрес или состанок каде што би дошле делегати од цела Србија, со намера партијата да профункционира на целата територија на Србија. Но ветеното остана неисполнето.

Времето поминуваше, а јас ниту го добив статутот ниту, пак, Драган дојде во Ниш. Партијата остана со активизам на локално ниво само во неколку места во Војводина. Во прво време успеа да добие одборник во некое општинско собрание. Намерно велам да „добие“, бидејќи ДПМ никогаш, колку што мене ми е познато, не излегувала на изборите самостојно за да кажеме дека нешто „освоила“. Секогаш коалицирала со намера нешто да „добие“. Драган имаше однос спрема партијата по онаа старата: „Јас ја формирав партијата и таа е само моја и не му ја давам никому“. Помина доста време, а за партијата не слушнав многу вести сѐ додека не се појавија нови луѓе што го сменија Драган од местото претседател на партијата, сега дали легално по статутот или не не ми е познато, бидејќи едно време се влечеа и по Управен суд. Слушнав различни муабети, но ништо официјално за смената на претходното раководство.

Новото раководство на чело со, сега веќе покоен, Миле Спировски го премести седиштето на партијата од Нови Сад во Панчево и приближно ја продолжи работата на Драган, што значи дека остана во рамките на АП Војводина, поточно во локалните самоуправи Пландиште и Јабука. На општите избори што се спроведоа во 2012 година, ДПМ без консултации со некого направи коалиција со тогашната опозиција, а сегашната власт, спротивно на договорот што претходно самите го имаа постигнато со дотогаш владејачката партија. И се случи што се случи. Дотогашната опозиција победи и по коалицискиот договор ДПМ доби „подарок“, а ние Македонците првпат во историјата добивме исто така „подарок“ во вид на пратеник во парламентот на Р Србија. Како на нова парламентарна партија, почнаа да пристигнуваат и некои пари во касата на партијата.

„И!?“ Големо И, парите станаа како во драмата на Ристо Крле „Парите се отепувачка“, семе на раздор во партијата. Слушнав доста приказни за тие пари, но само приказни. Дали беа лажни или вистински не можам да кажам, ама по онаа народната каде што има чад има и оган, нешто сигурно и имало. И по година и пол или две, коалицијата се распаѓа, владејачката партија не е задоволна со својот нов малцински партнер, а на некој за мене непознат начин се избира ново раководство со нов претседател на партијата од Зрењанин, кому ни до ден-денес не му го знам името, а седиштето на партијата се сели во Зрењанин. Одеднаш почнаа да се појавуваат некои незадоволни членови на партијата и на помпезен начин во хотелот „Москва“ во Белград формираат нова партија, Партија на Македонците во Србија или кратко ПМС, на чело со човек со кого случајно имаме исто презиме, кого го знам само по заедничкото презиме и ништо друго, а не знам ни кој е ни кај им е адресата. Дали во Нови Сад, дали во Пландиште или, пак, во Скопје.

И пак се повторува историјата. Оваа новоформирана партија од хотелот „Москва“ се сели право во Скопје, не кај владејачката партија во Македонија, веќе, по некои роднински врски, кај тогашната опозиција. И пак опозицијата доаѓа на власт во Македонија, но партијата со тоа не „добива“ ништо во Србија, како што барем „доби“ ДПМ. Поттикнати од ова формирање нови партија во Белград, во меѓувреме се формира уште една македонска партија за која, се извинувам, не знам ни како се вика, ни кој е претседател на партијата, ни која ѝ е адресата. Но животот оди понатаму. Одвреме-навреме партиите се јавуваат со понекои соопштенија, кои јас не ги разбирам и не ги коментирам, но сепак едно соопштение не би го прескокнал. Се работи за јавно соопштение на ДПМ и на ПМС, и тоа е досегашната единствена нивна соработка, во кое, гледај го чудото, во нешто соработуваат, го прогласуваат еден од основачите на ПМС за „персона нон грата во сите македонски организации и здруженија во Р Србија“. Без оглед што двете партии немаат ама баш никакво влијание во ниедна организација или здружение на Македонците во Србија.
Чудо, чудо, големо чудо.

Времето тече и доаѓаме до коронава и новите избори во Србија. Сега пак станува циркус, и тоа прав циркус „корона“, каде што публиката ја засмејуваат кловновите, како и другите циркуски точки. Се откриваат некои матни работи во ДПМ. Претседателот на ИО украл лични податоци за многу членови (колку ли се тоа многу, живо ме интересира) и ѝ ги дал на некоја партија, како сигурни гласови, која за возврат му дала 5.000 евра во кеш, ново работно место и поддршка за избор на нов претседател на Националниот совет на потпретседателката на ДПМ. Истата потпретседателка на ДПМ потпишува коалиција со некоја партија од Нови Пазар, со надеж дека ќе стане пратеник во парламентот на Србија, додека истовремено пишува пријава до истражните органи за кражбата во канцеларијата на ДПМ до истиот претседател на ИО на партијата што сака да ја „чести“ со претседателско место во Националниот совет. И што станува? Прав галиматијас. Од друга страна, ПМС, за да покаже дека и таа работи нешто, потпишува некој документ со некоја партија во Србија, со кој го подржува бојкотот. Третата партија како жаба кога ќе го види коњот како се потковува, повлекува сличен потег. И на крајот, засега едвај стигнавме до крајот, изборите завршија, а спомнатите партии поминуваат по онаа народната кај си бил нигде, што си работел ништо.

Јас сега сериозно размислувам да станам некој претседател на некоја нова партија во Ниш, затоа што во Србија има толку многу Македонци да можат да задоволат не четири туку пет, шест и уште многу, многу партии. Се разбира ова последново е шега, но им препорачувам на сите што барем малку имаат нешто патриотско во себе да се земат во памет и да размислат што прават и како мислат да работат за добросостојбата на македонската заедница, која од попис до попис ја има сѐ помалку и помалку во Србија.

Ако работат како овие споменативе, не комби, не „фиќо“, веќе тротинет-партии, сигурно не нѐ очекува светла иднина.

Благоја Илијевски