Отслугувачи

462

Овој народ македонски е сведен на „комисии“, осиромашен, заплашен, загубен во лавиринтите на политиката. Утре кога ќе нѐ нема, политичарчињата што се борат за власт (кои негде годе од нив останале) ќе се запрашаат, кој ќе нѐ гласа нас, кој?

Илузијата ја снема. Ние паднавме од коњ на магаре. Не, ние не бевме ни на коњ, за да паднеме на магаре. Ние сме под сите критериуми. Ние влеговме во „Недојдија“. Ние влегуваме во приказните на браќата Грим, во комбинација со баронот Минхаузен. Ние сме невидливи. Само коронавирусот нѐ наоѓа. Смртта е апокалипсата за која пишуваа македонските поети. Само ним никој не им веруваше. Можеби и тие самите не веруваа во тоа што го предвидуваа. Тоа беше метафора што стана стварност. А стана стварност по многу нешта. Неброени. Безбројни. Едно од нив навидум ситно, а присутно. А ние чекаме да дознаеме „комисиите“ што нѐ обработуваат во која (национална) дупка ќе нѐ сместат заедно со целата наша историја и да прогласат дека за време окупацијата и, тоа не била окупација ама само идејни недоразбирања, кои сега тие ги пеглаат, ги бришат и нови пишуваат. А ние продолжуваме да лебдиме. Угоре високо, удолу длабоко. Гоце Делчев се изјаснил дека е Бугарин. Сите каде што била Бугарија биле Бугари. Киро Глигоров, во времето на окупацијата на Македонија, не можел да добие дозвола за отворање адвокатска канцеларија, ако не се изјаснел дека е Бугарин.

Овие владетели денес, тука во Македонија, дали ќе кажат што бил Киро Глигоров, кога веќе не можат да кажат зошто Гоце рекол дека е Бугарин. Се тегават пред овој народ македонски, што секојдневно го лапа смртта. Некој француски амбасадор акредитиран во Бугарија, кога му ја отвориле вратата и тој рекол „мерси“. Кога дојде, се исчудувале Бугарите и научи бугарски. Целиот свет сакаат да им рече „мерси“. Овој народ македонски е сведен на „комисии“, осиромашен, заплашен, загубен во лавиринтите на политиката. Утре кога ќе нѐ нема, политичарчињата што се борат за власт (кои негде годе од нив останале) ќе се запрашаат, кој ќе нѐ гласа нас, кој? Еден скришен глас ми вели „секогаш има некој што ќе им се најде“ и ќе им рече „мерси“. А ние во конечноста на смртта, срамот во гробовите ќе го однесеме. Со отворени очи.

Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка