Откривањето на светот

114

Едноставен аргумент во прилог на тврдењето дека Земјата има облик на топка е познат од античко време. Се темели на набљудувањето при затемнување на Месечината кога таа ќе се најде затскриена зад Земјата во однос на Сонцето. Сенката од Земјата претставува дел или цел круг, во зависност од растојанието до Месечината и распоредот во просторот, па помрачувањето може да биде целосно, делумно или прстенесто. Претпоставувајќи дека Земјата има облик на топка, со елементарна математика, грчкиот многустран учен Ератостен (околу 276 г. пр. н.е. – околу 194 г. пр. н.е.) и главен библиотекар во Александриската библиотека, го одредил нејзиниот радиус. Било познато дека дното на бунар во древниот египетски град Сиена, денешен Асуан, е осветлено само во еден ден околу 21 јуни, кога денот на северната хемисфера е најдолг, а Сонцето има највисока положба. Во истиот ден во Александрија од сенката на вертикална прачка бил измерен аголот што сончевите зраци го градат со прачката. Во тоа време постоела професија – бематисти, чија работа се состоела во броење на чекорите потребни за да се измине патот помеѓу две локации, така што и растојанието помеѓу Асуан и Александрија било познато. Иако градовите не лежат на ист меридијан, и покрај неточностите во мерењата, добиениот резултат бил зачудувачки близок до денес познатата средна вредност од околу 6.370 км.
Од европски аспект, познатиот средновековен свет бил ограничен на Европа, Азија и Африка. Трговијата се одвивала по сувоземни и морски патишта. Најинтересни продукти од Далечниот Исток биле свилата и порцеланот од Кина, зачините црн пипер и цимет од Индија, каранфилче и мускатово оревче од Молучките Острови, архипелаг со околу 1.000 острови. Архипелагот ѝ припаѓа на Индонезија и се наоѓа помеѓу нејзините големи острови, Сулавези на запад и Нова Гвинеја на исток. Ерата на големи географски откритија започнала во 15 век и продолжила неколку столетија. Големи експедиции имало и од Азија. Седум биле реализирани од 1405 до 1433 г. под водство на кинескиот морепловец Џенг Хе (1371-1435) што допловиле до бреговите на Индија, земјите околу Арабискиот Полуостров и Кенија.

Силен мотив за европските морепловци била потребата за наоѓање нови трговски патишта за да се избегнат одредени чувствителни места, да се постигне побрз превоз на стоките и да се обезбеди поголема печалба. Експедицијата на Колумбо (1492) била насочена кон наоѓање пократок пат до Индија. Претпоставувајќи дека Земјата има облик на топка, тој се упатил кон запад и стигнал до Карипскиот Регион со што бил откриен Новиот Свет, иако Колумбо продолжил да верува дека тоа е Индија. Следувале повеќе големи експедиции. Португалецот Васко де Гама прв стигнал (1498) до Индија по морски пат заобиколувајќи ја Африка. Шпанецот Баско Нуњез де Балбоа во 1513 г. со помош од месното население, во делот каде што денес се наоѓа државата Панама, преминал од нејзиниот атлантски брег до тихоокеанската страна.
По откритието на Колумбо се поставило прашањето за сопственоста на новооткриените земји и тоа добило одговор во 1494 г. со Договорот од Тордесиљас (мало место околу 150 км северозападно од Мадрид), усогласен меѓу кралевите на Португалија и на Шпанија (Кастилија) и подоцна одобрен со папска була. Според доктрината од тоа време, покровителот на потфатот се стекнувал со право на сопственост на новите територии, независно од тоа дали тие се населени или не, освен ако тамошното население е христијанско! Со договорот се утврдувало дека земјите западно од меридијанот приближно 50 степен западно од Гринич, припаѓаат на Шпанија, а тие на исток се португалски! Линијата на овој папски меридијан го разделува денешниот Бразил приближно на две половини. Освен освојувањето на територии и богатства, движечки мотив за истражувањата било и ширењето на религиозните убедувања.

Се разбира, другите западноевропски земји немале намера да ја почитуваат поделбата.
Експедицијата предводена од португалскиот искусен и одлучен морепловец Фернандо Магелан (околу 1480-1521) во служба на шпанскиот двор, се состоела од пет брода со посада од околу 250 луѓе, главно Шпанци, но и претставници на уште осум народи. Бродовите биле подготвени со резерви храна за две години, предмети за размена и секакво оружје меѓу кое и 70 топа. Целта била да се најде пократок пат до Молучките Острови. Потфатот бил финансиран од шпанското кралство и со една четвртина од богат трговец. Бродовите отпловиле од устието на Гвадалкивир на 20 септември 1519 г. Кон крајот на март 1520 г. поради наближувањето на зимата во јужната хемисфера, бродовите се засолниле во заливот Пуерто Сан Хулијан, а потоа во устието на реката Санта Круз, на југот од Аргентина каде што се задржале вкупно над пет месеци. Во заливот дошло до бунт, но водачите биле совладани. Еден бил осуден и погубен, а двајца биле оставени на мал пуст остров. Бродот „Сантијаго“ што бил испратен во извидување бил загубен во невреме, но посадата со исклучок на еден човек била спасена.
Продолжувајќи го истражувањето, бродовите навлегле во проток што сега го носи името на Магелан и речиси точно пред пет века, на 28 ноември 1520 г., пред нив се покажал Тихи Океан. Протокот ја разделува Јужна Америка од архипелагот Огнена Земја што се наоѓа појужно од континентот. Појужно се наоѓа протокот Бигл. Бигл на англиски е име за вид ловџиско куче, а тоа е и името на бродот со кој во првата експедиција (1826-30) е картографиран регионот на Огнена Земја, а во текот на следната (1831-36) била обиколена Земјата. Тогаш Чарлс Дарвин (1809-82) врз база на своите набљудувања дошол до замислата на фундаменталната теорија за еволуцијата на живиот свет. Магелановиот проток, изминат за 38 дена, е долг 583 км и широк меѓу три и 24 км. Тогаш, бродот „Сан Антонио“ додека бил испратен во извидување, дезертирал и се вратил во Шпанија.

Пловидбата низ Тихи Океан се покажала неочекувано долготрајна и исцрпувачка поради недостиг од свежа храна и здрава вода. Во текот на над три месеци, посадата била десеткувана, а уште повеќе луѓе заболеле. Меѓу првите острови на патот биле Гуам и Филипините. Енрике, роб на Магелан, по потекло од Суматра, можел да комуницира со месното население и станал толкувач. Во тие контакти некаде се разменувале предмети, некаде успевало домашното население да се привлече кон католицизмот, а некаде се случувале судири. Во судир на филипинскиот остров Мактан, на 27 април 1521 г., Магелан бил убиен. Преживеаните биле помалку од половината од тие што го почнале патувањето. Во недостиг од посада, бродот „Консепсион“ бил запален, а преостанатите два отпловиле кон Молучките Острови. Бродот „Тринидад“ бил заробен од Португалците, додека бродот „Викторија“ предводен од Хуан Себастијан Елкано (1486 или 1487-1526), натоварен со 26 тона зачини, се упатил кон Европа и на 7 септември 1522 г. со екипаж од само 18 лица пристигнал до устието на Гвадалкивир. Подоцна се вратиле уште дваесетина, некои од заробениот „Тринидад“ и некои од бродот „Викторија“ што биле задржани на португалските Зелено’ртски Острови.
Експедицијата започната од Магелан и завршена од Елкано била прва што го обиколила светот и демонстрирала дека Земјата има топчеста форма. Во текот на патувањето италијанскиот астроном и картограф Антонио Пигафета (околу 1491 – околу 1531) редовно водел дневник, што подоцна бил објавен. При враќањето и пристигнувањето на Зелено’ртските Острови било забележано дека со патувањето бил загубен еден ден! Според бродскиот дневник, денот бил среда, 9 јули, а на островите веќе четврток, 10 јули.

Движејќи се кон запад, просечно за секои изминати 15 степени географска должина, часовникот треба да се врати за еден час за да биде усогласен со локалното време. За изминати 360 степени, односно обиколување на Земјата, часовникот треба се враќа за цел ден. Датумскиот меридијан се наоѓа 180 степени западно (или источно) од Гринич, западно од него веќе е наредниот ден.
Со патувањето се покажале димензиите на планетата, бил откриен пат од Атлантски кон Тихи Океан, се случиле средби со други народи, непознати јазици, вегетација и животински свет. Се дознало за потребата за дефинирање датумска линија. Вредноста на донесените зачини се покажала значително поголема од инвестицијата во пловидбата. Сето тоа станало можно со големи човечки загуби. Загубите во човечки животи станале многукратно поголеми со подоцнежното создавање колонии на европските земји низ целиот свет, каде што достоинството на човечкото живеење исчезнало.
За пет века светот се изменил до непрепознавање, но некои нешта останале неизменети. Денес светот не е поделен со некаков меридијан, но останува изразито разделен, на големи и мали држави, на воено моќни и слабо вооружени, богати и сиромашни, со силна или кревка економија, со држави што им наметнуваат и диктираат определби на помалите. Тоа се огледува преку доминантниот наратив во медиумите на одделни земји.

Организацијата на Обединетите нации и покрај силните заложби на сегашниот генерален секретар, во последниве неколку години не успеа да покаже единство во спроведувањето мерки против климатските промени. Дури и појавата на сериозна заразна болест во светски размери не доведе до здружување на напорите на сите земји за справување со пандемијата со која сите се засегнати. Позитивен пример е здружувањето на британско-шведската компанија „Астра Зенека“ со рускиот епидемиолошки и микробиолошки институт „Гамалеја“ за примена на заедничка вакцина. „Астра Зенека“ во 2019 г. имала приходи од 24,4 милијарди долари.

Виктор Урумов,пензиониран професор на ПМФ