Отворено писмо до членовите и до симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ

1082

Почитувани, пред и по последните парламентарни избори ви се обраќав повеќепати. Имајќи предвид дека нашата држава се наоѓа во мошне важен момент кога се носат одлуки за иднината на државата и на нејзините граѓани, а посебно за иднината на младите генерации, не можам да се воздржам, a да не го кажам своето мислење за претстојниот референдум.

Инспириран од изјавата на градоначалникот на Солун, Јанис Бутарис, во весникот „Слободен печат“ од 13 јануари 2018 година објавив напис: „Глупостите на политичарите ги создадоа проблемите во односите меѓу Република Македонија и Република Грција“. А глупости правеа не само македонските, туку и грчките политичари. Меѓутоа, грешките, гафовите и глупостите што ги правеше македонската дипломатија придонесоа ирационалниот спор да добие гигантски размери!

Аналфабетската македонска дипломатија невешто го бранеше името на нашата држава, така што го бранеше само зборот, односно именката Македонија, а не името Република Македонија, кое е запишано во Уставот на нашата држава! Од непознати и неразбирливи причини, барањето за прием на РМ во ООН беше поднесено дури во почетокот на 1993 година со што беа прокоцкани мошне позитивните референци содржани во извештајот на комисијата на Бадинтер! Доколку барањето беше поднесено навреме, постоеја големи изгледи РМ да биде примена во светската организација на 22 мај 1992 година кога беа примени Словенија, Хрватска и Босна и Херцеговина! Суетните македонски политичари одбија да го ангажираат еминентниот македонски, југословенски и светски дипломат Лазар Мојсов, кој со своето огромно искуство можеше да даде непроценлив придонес за меѓународното етаблирање не РМ! Истовремено Грција го активира и го мобилизира сиот свој интелектуален потенцијал и вешто ги користеше грешките, гафовите и глупостите на нашата aнaлфабетска дипломатија и успеа на своја страна да ја придобие меѓународната демократска јавност! Подетално за тоа во моите неодамна објавени книги „Криво насадена демократија“ и „Криво насадена дипломатија“.

По смената на власта во 2006 година, лидерот на вашата партија и премиер на РМ наседна на илузиите на некои национал-романтичари кои ja лансираа идејата за Македонија до Хималаите и започна да го реализира апсурдниот мошне скап проект „Македонија 2014“, кој имаше катастрофални последици не само за неговата политичка кариера, туку и за Република Македонија. Со ваквата ирационална и апсурдна политика, македонските преродбеници придонесоа за битно зајакнување на меѓународната позиција на Грција во спорот со нашата држава. Грешките и глупостите на македонските национал-романтичари ѝ овозможија на Грција, покрај името, да ги натури и прашањата за крадење на историјата, за иредентизам, за промена на Уставот, за „ерга омнес“ итн.

Два-три дена по самитот на НАТО во Букурешт, кој се одржа во почетокот на април 2008 година, до пишуваните македонски медиуми пратив напис „Македонија на Грција треба да ѝ предложи потпишување договор за пријателство и соработка“, но, за жал, ниеден медиум не го објави!? Доколку македонската страна настапеше со ваков предлог ќе имаше иницијатива и ќе можеше да влијае на моделирањето на преговарачкиот процес. Десет години подоцна, грчката страна настапи со конкретно разработен ваков предлог на дваесетина страници, на основа на која беше потпишана преспанската спогодба. Со ваквата иницијатива, грчката страна се стекна со привилегирана позиција во преговорите за финализирање на спогодбата.

Преспанската спогодба сигурно не е идеална и не може да ги задоволи интересите и потребите на нашата држава, но, сепак мора да се признае дека, во постојните услови, таа претставува максимум што можеше да се постигне! На членовите и на симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ им препорачувам внимателно да ги прочитаат мошне издржаните, објективни и поучни написи на госпоѓата Кица Колбе, чии родители потекнуваат од Егејска Македонија. Во мојата неодамна објавена книга „Заробена наместо препородена“ критички се опсервирани грешките, гафовите и глупостите направени во време на единаесетгодишното владеење на вашата партија!

Во отвореното писмо што го напишав до членовите и до симпатизерите на вашата партија пред последните парламентарни избори напишав дека вашата партија на чело со тогашниот партиски лидер нема шанси да се врати на власт! Сега пак ве уверувам дека не може да дојде на власт ни со октроираниот сегашен лидер, бидејќи тој е целосно посветен на тоа како да ги заштити од правдата вашиот поранешен лидер и озлогласената фамилија! Доколку челниците на вашата партија отворено или прикриено работат за неуспех на референдумот, без сомнение ќе ѝ нанесат огромна штета на државата, но, и дополнително ќе ја компромитираат вашата партија пред демократската меѓународна јавност, која и сега е на мошне ниско ниво! Добронамерно ви препорачувам да си изберете нов некомпромитиран лидер, кој би бил цврсто определен за почитување на цивилизациските вредности и кој би имал јасна визија за иднината на нашата држава и на нејзините граѓани.

Морам да признам дека безрезервно го поддржав лидерот на СДСМ и актуелен премиер Зоран Заев пред последните парламентарни избори, очекувајќи дека тој ќе се извини за погрешните политики на претходните челници на неговата партија и ќе се определи за дисконтинуитет на таквите политики. Напротив, премиерот Заев не само што не им се извини на граѓаните на Македонија за тоа што неговите претходници со криминалната приватизација од релативно лоша економија и релативно добро општество направија апсолутно лоша економија и апсолутно лошо општество! Жално и тажно е тоа што, во 21 век многу луѓе во РМ се жалат дека немаат пари ни за леб!
Претстојниот референдум има историско значење и не би требало да се користи како „поле“ за политички пресметки меѓу политичките ривали. Борбата за власт насочете ја на корупцијата, на наместените тендери, на непотизмот и на слични појави во владеењето на актуелната власт.

Поради понижувањето и деградацијата што ми ги направи еден клан во МНР, составен од потомци на комунистичката елита од Водно, бев принуден доброволно да си заминам од Министерството, немав и не можев да имам симпатии кон тогашната владејачка партија СДСМ. Очекував и верував дека актуелниот лидер и македонски премиер ќе се дистанцира од погрешните политики на поранешните челници на партијата, но, за жал, тоа не само што не се случи, туку неговите апологети вршат невидена опструкција на популаризацијата и рекламирањето на моите неодамна објавени книги во кои се содржани критички осврти на политиките на СДСМ пред повеќе од две децении! Демократијата не се гради со прикривање на фактите, односно вистината и со одмаздување кон оние што на виделина ги изнесуваат фактите, поточно вистината! Моите симпатии кон актуелната владејачка партија дополнително се намалија по сознанието дека за шефови на работните групи што треба да работат на реализација на преспанската спогодба се назначени луѓе што учествуваа во креирањето на погрешните политики кон Грција по осамостојувањето на нашата држава. Споменатите работни групи би требало да ги предводат суверени луѓе ерудити, а не суетни и умислени дипломати, кои, по барање од Извршниот совет на СРМ извршуваа конзуларни работи во амбасадите на СФРЈ во соседните земји или во земјите во кои има многубројна македонска дијаспора!
На крајот би сакал уште еднаш да апелирам: „Излезете на референдумот и гласајте за влез на РМ во НАТО и во ЕУ!“

(Коста Стоименовски,авторот е поранешен дипломат)