Нема уставна основа за консултативен референдум

2203

Во мој поранешен текст објавен во весникот „Нова Македонија“ го поставив прашањето „Дали и за референдумот ќе бидат заобиколени Уставот и законите“, а веќе денес, со донесената одлука за распишување референдум, добив потврден одговор дека Уставот и законите во Република Македонија како да не постојат.

Собранието на Република Македонија со одлуката за распишување референдум, распишува референдум за консултирање со граѓаните на целата територија на Република Македонија, за изјаснување за прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и во НАТО со прифаќање на Договорот помеѓу Република Македонија и Република Грција?“ (референдум на државно ниво).

Уставот нема одредба што предвидува распишување консултативен референдум на државно ниво.
Одредба од Уставот врз чија основа Собранието распишува референдум за одделни прашања од својата надлежност е членот 73 и одлуката со која Собранието го распиша референдумот што ќе се одржи на 30.9.2018 година е заснована на ставот 1 на овој член, но тој член не остава никаква можност за Собранието да распише референдум за консултирање со граѓаните за кое било прашање од негова надлежност. Ова, затоа што во тој член од Уставот е јасно определено дека одлуката донесена на референдумот е задолжителна.

Уставните одредби за референдумот се однесуваат само за референдум што го распишува Собранието, па кога Уставот определил одлуката донесена на референдум да е задолжителна, не може Собранието да распишува референдум на кој донесената одлука не е задолжителна, каков што е консултативниот референдум.
Определбата во Уставот одлуката на референдум распишан од Собранието да е задолжителна, не остава можност ни со закон да се предвиди консултативен референдум на државно ниво. Но тоа е сторено во Законот за референдум и други облици на непосредно изјаснување на граѓаните (членот 27), поради што оваа одредба треба да биде предмет на уставно-судска оцена од страна на Уставниот суд. Уставниот суд, пак, како орган на Републиката чија должност е да ги штити уставноста и законитоста, не мора да чека иницијативи однадвор, туку може и по сопствена иницијатива да поведе постапка за оценување на уставноста на наведената одредба и да ја отстрани од правниот поредок.

Како основа за донесување на одлуката за распишување на референдумот е наведен само ставот 1 на член 73 од Уставот, а не и членот 27 од Законот за референдум. Но со оглед на тоа што Уставот не дава основа за распишување консултативен референдум на државно ниво, ни членот 27 од Законот за референдум не може да биде основа за таков референдум, затоа што не е согласен со Уставот. Не може да се повикуваме на законитост ако законот е несогласен со Уставот.

Во овој текст акцентот го ставив на карактерот на распишаниот референдум, затоа што тоа го сметам за многу битно прашање, особено откако од претставници на државната власт слушнавме дека, ако референдумот не успее, одлучувањето за референдумското прашање ќе си го преземат институциите. Може ли така? Зошто тогаш се распишува референдумот? (Законот за референдум има одредба (членот 19) што се однесува на неуспешен референдум, според која референдум за исто прашање може да се повтори дури по истекот на две години од одржаниот референдум).

Ако на референдумот нема одлука ни позитивна ни негативна – тоа значи дека одлука нема, но со тоа правото на одлучување за референдумското прашање не се пренесува на државните органи. Изгледа се заборава дека суверенитетот не произлегува од носителите на власта, туку произлегува од граѓаните и им припаѓа на граѓаните.
Не можат институциите да одлучуваат за влез во ЕУ и НАТО без референдум, кој е задолжителен, и без одлука усвоена со мнозинство од вкупниот број избирачи запишани во избирачкиот список.

Спогодбата, пак, со Грција, не може да опстане во правниот поредок ако не биде прифатена од носителите на суверенитетот – граѓаните на Република Македонија. Таа е склучена без уставна основа, спротивно на Уставот и законите и е потпишана од неовластено лице. Правните дела потпишани од неовластено лице можат да добијат правна сила само ако бидат одобрени од оној што го дава овластувањето, инаку се ништовни. Па, како сега ќе треба да прифатиме истите оние што неовластено создадоа обврски за Република Македонија, да ѝ дадат правна сила на спогодбата, без согласност на носителите на суверенитетот во Република Македонија, а тоа се граѓаните на Република Македонија.

Милојка Калкашлиева