Некои потсетувања за почетоците на ФЕНИ од пред четврт век

322

Од 1953 година до денес е испишана голема историја, „ОД“ и „ЗА“ ФЕНИ, најчесто како контроверзна, која како времеплов ме враќа во сеќавањата за минатото на компанијата, каква не верувам дека може да има некоја друга од поголемите стопански субјекти во нашата земја, по арно и по лошо. Тоа најдобро го знаат сите оние кои поминале низ овој комплекс, или индиректно биле во контакт со ФЕНИ. Добро е истата да се знае и памети, со цел да не се повтори.

Првите сознанија, за никел и за железна руда, се добиени на начин кога покојниот професор по геологија на универзитетите во Скопје и Штип, како стипендист на Скопска железара и студент во Белград, на крајот од студиите во 1953 год. работи дипломска работа за рудите со железо во Македонија. Покрај другите наоѓалишта го анализира и Р’жаново, како површинска појава на железо со 32,5 проценти, но во резултатите е присутен и 1 процент никел во разни форми, како во магнетитот, хематитот и разни талкови минерали, и флогопит, со појава на кота од 910 метри надморска височина.

Оттогаш следуваат испитувања како проспекции, раскопи, поткопи, лабораториски и полуиндустриски, но подоцна и технолошко-економски анализи, со соодветни елаборати и студии, како на пример во Хумболд во Западна Германија, во компанија во Финска, во институтите во Чехословачка и во повеќе институти во Југославија. Рудата од Р’жаново е испитувана во полуиндустриски обем на примерок од 4.000 тони, еднократно, во Ларимна во Грција и 200 тони за дополнителни проверувања, сите предводени од проф. Моусоулос, во компанијата ЛАРКО во Ларимна.

Во Америка беа испратени 4 тони руда за проверка на постапката на подготовка во „Минерал сервисес“, во државата Мисисипи, во Спрингфиелд, во државата Калифорнија, и низ сите овие испитувања е добиен никел од 7 проценти, па дури до 92 отсто никел, со придружба на железото. Потоа, повеќе од 15 години следуваат многу студии и проекти. Испитувањата во форма на извештаи се документирани со сите податоци за евентуални натамошни потреби од проектирање. И веднаш потоа, веќе во 1963 година, „Рудници и железарница Скопје“ имаат нарачано проекти во фирмата „Гоша прој метал“ од Белград, за изградба на компанија за добивање на никел и фероникел. Изработени се 7 техничко-економски книги кои, во детали, го разработуваат процесот на преработка на рудата, металуршкиот третман и добиен фероникел заедно со економско-финансиски параметри како комплетен елаборат.
Технички, т.е. рударско-металуршки, тоа претставува директна постапка за преработка на рудата од ’Ржаново, до конечниот производ на никел во форма на фероникел. Ваквата постапка претпоставува барем за 20 до 30 проценти поголема потрошувачка на електрична енергија за преработка, односно топење на дробената руда. Во тоа време се констатира, на ниво на републиката, дека немаме доволни количества на струја и проектот треба да почека подобри времиња.

Во исто време се јавува инженерска група од Скопска железарница, со критички ставови за изградбата на проектот „ФЕНИ“. Оваа група ја предводи тогашниот технички директор на железарницата, инг. Стево Милевски. Главните спротивставувања за изградбата на ФЕНИ се во многу поголемата потрошувачка на електрична енергија и мислењето дека објектот треба да биде граден во составот на „Рудници и железарница Скопје“, а не во Кавадарци. Опструкцијата на железарската група доведува до одреден застој во развојот на проектот. Тогаш Никола Минчев, како висок републички функционер, го вложува својот авторитет во разубедување и попозитивно гледање кон негативните елементи на идниот индустриски капацитет за да може инвестицијата да продолжи понатаму.

Во 1968 год. е изработена предстудија за оправданост за рудникот и топилницата. Металуршкиот дел е изработен од страна на француската компанија СЛН („Сошиете ле никел“), која имала свој капацитет во Нова Каледонија. Во декември 1968 година, од страна на општината Кавадарци е регистрирана работна организација во основање „Рудници и индустрија за никел, челик и антимон – ФЕНИ“ од Кавадарци. Не е нескромно ако се тврди дека тоа се најдолготрајни и најобемни проверки на можноста за производство за која било инвестиција во РМ, како оваа за никел и фероникел.
Основите за изградба на вакви објекти се наоѓаат и во тогаш развојните заклучувања на ниво на ЦК на партијата на Југославија. А тоа се – да има сопствена суровина, да е извозно ориентиран и да има значајни вработувања и да може да се задолжува како секој стопански субјект, нормално, со гаранција на банките во РМ и на сојузно ниво од Народна банка на Југославија. Во 1975 година, поточно овие денови во февруари, односно пред 44 год, во Кавадарци дојде делегација од страна на конзорциум на седумнаесет европско-американски банки, на чело со банката Експорт импорт од Њујорк, и се врши последната проверка на технолошко-економските параметри на рудникот и топилницата. Го спомнувам овој случај затоа што можеше да биде инцидент од меѓународни размери. За наша среќа, сѐ се заврши без поголеми последици по луѓето. Имено, делегацијата од 12 банкари и стручни лица, најпрвин ја направија проверката на сите студии и проекти за топилницата и транспортниот систем (од рудник до топилницата), а потоа рудничкиот дел со утврдените резерви и начин на ископување на рудата и отидоа на терен на рудникот Р’жаново.

Желбата на домаќинот е да им направи на гостите нешто незаборавно. Замислата е по завршената работа на рудникот да дојдат во селото Бојанчиште и од таму со прошетка низ една ретко убава природа од неколку километри да стигнат на Тиквешко Езеро кај месноста Врапче. Ручекот требало да биде приготвен во градот и по езерото да стасаат исто така на Врапче, каде што во исто време ќе пристигнат и гостите. Замислено како на филм. Но времето е февруарско, има 20 см снег, со наноси од снег на повеќе места.
На половина пат луѓето се изморија, мокри до премрзнување, во паника и преплашени, ги фати и ноќта. И нема напред, а нема ни назад!!! Драган Анѓелески се враќа во селото Бојанчиште и врши мобилизација на сите мазги и коњи во селото (со самари) и со чичко Пешо Чокле доаѓаат на местото каде што застанала делегацијата. Луѓето се натоваруваат на мазгите и се враќаат назад по некастрен пат, и некаде во 2 часот по полноќ стигнуваат во селото Бојанчиште. Покрај тоа, сите се уморни, мокри, премрзнати и добро изгребани по лицето и рацете од непроодните дрезги. Следува сушење, затоплување, сето тоа зачинето со топла ракија. Доживување еднократно и опасно!!!
На 5 мај 1975 година се потпишува договорот со инженерската компанија „Мц Кее“ од Сан Матео, Калифорнија, САД, додека во март и април конечно е затворена финансиската конструкција за инвестицијата. И во ресторан во Кавадарци се прави гала-гозба, со повеќе од 500 посетители, платена од странскиот партнер. Како израз на благодарност за среќно завршениот февруарски потфат. И овде главна ѕвезда е чичко Пешо Чокле, од селото, кој својски им помогнал на гостите помеѓу Врапче и Бојанчиште. Нешто што долго се прераскажува, а со овој запис ќе остане во аналите за историјатот и почетоците на ФЕНИ.

Цветко Стојанов, Кавадарци, поранешен генерален директор на ФЕНИ