Незаборав за галичките копаничари

194

„…Животот никогаш не смее да биде
слава само за живите, зашто и мртвите
некогаш биле живи, зашто и живите еднаш
ќе бидат мртви и голем грев е нивната
врска да се прекине…“ – академик Петре М. Андреевски

Кога и да се навратам на горниот цитат од нашиот прославен писател и академик Петре М. Андреевски, се потсетувам на многу годишнини за нашите големи македонски творци и значајни личности од историјата на македонскиот народ. Така и овој пат неизбежно сакав со овој присет да потсетам на двајцата врвни македонски творци од областа на копаничарството, за таткото Макарие и неговиот син Кузман Фрчкоски. Имено, оваа година се навршуваат 170 години од смртта на Макарие Фрчкоски (крајот на 18 век – 1849 г.) и 120 години од смртта на Кузман Макариев Фрчкоски (1844-1899), кои оставија импозантен број уметнички дела низ Балканскиот Полуостров.

Во втората половина на 18 век, еден од најпознатите родови во резбарството е родот на Фрчковци од Галичник. Предводници на родот биле Блаже и неговиот син Негрие, но заслужни за ѕвездениот период на македонската резба и славата што ја доживеаја македонските копаничари од родот на Фрчковци се синот на Негрие, Макарие и неговиот син Кузман Фрчковски.

Во првата половина на 19 век за најдобар соработник и следбеник на прочуениот Петре Филипович-Гарката се сметал Макарие. Тој уште како млад и ретко талентиран резбар учествувал во изработката на еден од најубавите иконостаси во црквата „Св. Спас“ во Скопје. Исто така, Макарие Фрчкоски учествувал во изработката на најубавиот раскошен иконостас во црквата во „Св. Јован Бигорски“, владичкиот и игуменскиот трон заедно со резбарската тајфа на Петре Гарката.

Откако Макарие ги изработил овие вредни дела, тој се одделил од тајфата на Гарката и основал самостојна копаничарска тајфа на почетокот на четириесеттите години на 19 век. Така, неговата тајфа го изработила прекрасниот иконостас во црквата „Св. Никола“ во Приштина. Копаничарскиот гениј Макарие, покрај изработката на иконостаси, царски двери и владички тронови, создавал и разновидна резба во беговските конаци во Македонија и на Косово во Призрен и околината. Познати се импозантните резби во конаците на Хамзи-паша во Сарај и во конаците во Бардовци. За резбите на Макарие се прочуло низ целиот Балкан, па, така, тој бил повикан од беговите во Пазарџик, Бугарија за да работи резба на таваните, долапите, ковчезите и другата дограма во резба. Овде Макарие ја проширува копаничарската дејност и со сликарска активност, а тоа го натерало да формира своја резбарска школа и работилница. Во неговата работилница резбарството го изучувале многу млади талентирани ученици, кои подоцна станале добри мајстори на резбата. Таков е примерот со Димитар Шаренков, кој самостојно си формирал своја резбарска тајфа.

Макарие во Бугарија работел на декорација на повеќе објекти, но посебно за обележување се декорациите на капителите во црквата „Св. Недела“ во Софија и црквата „Св. Недела“ во Пловдив, а работел и на иконостасот во црквата „Св. Богородица“ во Пирдоп. Особено треба да се истакне неговото грандиозно резбарско дело – иконостасот во црквата „Св. Богородица во Пазарџик“. Ова дело Макарие го изработил по победата на објавениот конкурс за изработка на иконостас, организиран од страна на градските првенци на Пазарџик, кои барале иконостасот за црквата „Св. Богородица“ да биде поубав и да се разликува од сите дотогаш познати иконостаси. На конкурсот учествувале мијачката резбарска тајфа на чело со Макарие Фрчкоски и најдобрите мајстори резбари од Самоковската резбарска школа. Двете тајфи се претставиле со различни концепции. Тајфата на чело со Макарие се претставила со неколку табли на кои биле изрезбани старозаветни сцени со човечки фигури, а Самоковската тајфа конкурирала со една двокрилна олтарска врата со растителни мотиви. Работата ја добиле мијачките резбари на чело со галичкиот виртуоз Макарие, бидејќи градските луѓе во Пазарџик биле воодушевени од дотогаш невидените резбарски детали и прецизности.

Од тројцата сина на Макарие само едниот, Кузман, тргнува по стапките на таткото, а другите двајца повеќе се активирале како зографи и иконописци. Кузман Макариев Фрчкоски ја продолжил резбарската традиција на својот татко со дела изработени во Бугарија, особено во Добруџа, Варна и пошироката околина. Работи во катедралната црква „Св. Богородица“ во Варна и самостојно ги изработува двете целиванија и амвонот. Тој исто така формирал своја тајфа и работел на многу објекти во Добруџа, особено во Каварна, Шабла, Балчик и други. Во неговата тајфа работел и син му Макарие. По активностите во Бугарија, резбарската тајфа на Кузман се враќа во Македонија и прво ги изработила владичкиот трон и балдахинот во манастирот „Св. Гаврило Лесновски“, а потоа да се зафатила со многу активности во Кочани и околината, Штипско, Овчеполско, Кратовско, Охридско и Струшко. Кузман ја продолжува резбарската дејност и во Косово, па, така, во Призрен за соборната црква „Св. Ѓорѓи“ изработил преубави царски двери и владички трон.
Од Македонија, Кузман повторно заминува во Бугарија и таму овој пат работи како резбар, иконописец и зограф, особено во Добруџа. Во црквата во Балчик изработил владички трон, а во црквите во многу села изработувал многу икони, кои ги потпишувал како Кузман Макриев Блаженов.

Делата во резба што ги оставија галичките копаничари, таткото и синот (Макарие и Кузман Фрчкоски), претставуваат врвни достигнувања во областа на резбата, изразени преку големата уметничка вредност на иконостасите, владичките тронови, амвони, балдахини и друга резбана дрвенарија. Сето тоа може да се согледа во изведената пластичност, барокната разиграност, нежната линија на сите мотиви, формите и невидената мајсторска вештина во резбањето човечки и животински фигури, кои ги има стотици, специфичното нивно компонирање и посебна динамика.

Во делата на овие врвни мајстори среќаваме многу сцени и композиции, како на пример, Св. Никола ги спасува војниците од џелатот, Легендата за пророкот Јон, Легендата за ханаанскиот грозд, Воведение Богородично во храм, повеќе сцени со Адам и Ева, Танцот на Салома, Гозбата на царот Ирод, Жртва Адамова, Бегството Мариино во Египет и многу други. Со своите длета галичките мајстори нанижаа фантастичен број сцени од Стариот и од Новиот завет, земниот живот, растителна орнаментика, фолклорот, со еден збор ни подарија резбарски вез од македонската рака секогаш изведен плански и со невидена прецизност.

Ако овие уметници со резбите во многубројните црковни светилишта ги исполнија соновите, желбите и барањата на верниците и ктиторите, тогаш сите оние што даваа средства за реализација на овие дела ги лансираа галичките резбари во светот на врвните уметници на Балканот и пошироко. Оваа констатација на најубав начин ја потврдува ликовната критичарка и есеистка Јулија Темелкова, која пишувајќи за македонскиот импресионизам прави споредба помеѓу македонскиот резбар Макарие и скулпторот Огист Роден. Таа меѓу другото истакнува: „Критичарите Огист Роден го нарекуваат импресионист во скулптурата пред сѐ поради ’немирната моделација‘ на своите дела. Како и поради влијанијата на ’сликарските светло-темни ефекти‘. Ако се погледнат тие својства кај нашите резбарски дела, ќе видиме колку такви одблесоци на светло-темни игри постојат, што поради дрвената материја оддаваат впечаток на златен отсјај и пластичен раскош. А треба да се има на знаење дека најпознатиот од мијачката тајфа Макарие Фрчкоски е роден неколку децении пред Роден и умира неколку години по раѓањето на најголемиот импресионист во скулптурата. Сигурно секој од нас би се запрашал: како естетички би се однесувал Роден кога би ги видел делата на македонските копаничари“.

Денес кога ќе застанеме пред зачуваните дела или кога ја прелистуваме богатата библиографија за делата на Макарие и на Кузман, како и за ненадминливиот легендарен резбар Петре Филипович-Гарката, чувствуваме фасцинантна обземеност од неповторливата резба и уметност и доживуваме нешто што се памети цел живот, нешто што нѐ успокојува, импресионира и нѐ прави многу среќни и горди на македонската врвна уметност од 19 век. Или како што ќе запише, воскликне најголемиот познавач и истражувач на македонската резба д-р Димитер Ќорнаков: „Каква убавина, каков раскош од предмети во копаница, какво чувство на восхит, и почит кон големите мајстори… Навистина ова е неповторливо… “

Може слободно да се констатира дека двајцата галичани, таткото и синот Макарие и Кузман Фрчкоски, со возвишен нагон, со внатрешна духовна потреба и уметничка генијалност успеале со своите дела да ја извадат на површина и да ја овековечат единствената моќ и дарба на Македонецот, како преку уметноста се чува и јакне индивидуалниот и националниот идентитет и дух. Потребно е ние континуирано и посветено да ги вреднуваме, славиме и да ги одбележуваме великаните од нашата култура и историја и нивните значајни годишнини.

Затоа овој незаборав нека биде и отворен повик до нашата влада и новиот министер за култура да ги преземат сите мерки и активности за санација, реконструкција или поточно спасување на родната куќа на резбарите и зографите од родот на Фрчковски, единствениот објект од ваков вид, кој сѐ уште ги чува патината на длетата и мирисот на боите и четките. Скриен во бујното зеленило на старите оревови, дабови и кленови дрвја во Долното Мало во Галичник опстојува стотици години, но средбата со оваа градба прогласена за споменик на културата, за секого е тажна. Имено, куќата на неповторливите мајстори на македонската резба, на иконите и на црковните фрески е во многу лоша состојба. Куќата оставена на забот на времето без посебна грижа од надлежните државни институции се тетерави и е во распаѓање, со руинирани камени ѕидови и со покривна конструкција, која само што не се срушила.

Овој рурален објект од 19 век, изграден од автохтон материјал, камен, дрво и покриен со камени шкрилци, а меѓусебно поврзани со кал, претставува една мала камена палата – биоархитектура со импресивен изглед, кој ги плени погледите од секој посетител намерник. Освен скромните интервенции од страна на потомците на славните народни уметници, за жал, досега не е интервенирано со стручна заштита, туку овој вреден објект на македонското културно наследство е загрозен од природните непогоди, со голема опасност да исчезне ако не се преземат соодветни мерки за реконструкција и за реставрација. Со него ќе исчезнат и присетот, патината и духот на неповторливите мајстори, кои сè уште се присутни во овој објект и во неговата околина. Овој објект, кој е нераскинливо исконски поврзан со корените на големата лоза Фрчкоски, претставува скапоцена вредност што може да биде силна инспирација за сите нови градители и уметници. Ова е наследство што треба да нè насочува и да нè поттикнува на размислување за да се држиме доследно до континуитетот на нашата градежна и уметничка традиција. Ретки се сличните објекти поврзани со толкав број уметници, кои во нив се родиле, престојувале и твореле. Галичките копаничари заслужуваат да не ги забораваме.

Затоа на Петровден, во Галичник, на годинашната Галичка свадба, кога ќе бијат црковните камбани тие ќе бијат и за резбарите Макарие и Кузман, а кога тапаните и свирачите ќе ја изведуваат тажната мелодија за обредот канење на мртвите, тоа ќе биде повик и канење со нас да бидат и прославените резбари, нели е грев, како што вели нашиот Петре М. Андреевски, врската со нив да ја прекинеме.

Косто Граоркоски