Мостови

212

„Треба да ја преминеме реката“, Мак Диздар, босански поет

Дали ќе можеме, вели поетот понатаму во песната, о, дали ќе можеме. Ние дали ќе можеме, кога, еве, речиси како вчера, ни дојде порака од највисокиот врв на нашите политички, источни соседи, „да не ги рушиме мостовите“. Нашата политичка делегација, во улога на „северно македонци“, во смирување, додворувачки насмевки дури и нарекување (не од целата делегација се надевам) на бугарскиот врвен политичар, значи му изусти, а и нам ни изусти дека е тој за него „мој пријател, мој брат“, а македонскиов народ не знаел за тоа братство, дали е од чукун дедовство на ханот Аспарух или е како со боцкање на прстот (оној од левата рака, до малиот прст што е поврзан со срцето), се допираат истечените капки крв и се мешаат, заветно.
Ние сме веројатно тие што ги рушат мостовите, а тие нашите соседи од источната страна на Северна Македонија ги градат, а историјата е неумолива, таа кога било нас ќе нѐ посочи за виновници. Ова апсолутно нас не нѐ зачудува, па ние сме „дежурни виновници“ на балканскиве простори. Инаку, што се однесува до мостовите, сè се чини дека всушност тоа се оние познати „понтонски мостови“ што по потреба се местат, а по потреба се разместуваат.
Па, сега, поради „браќата“ и ненарушување на тоа „братство“, а и она што Европа го очекува од нас, нашите водачи во политиката даваат сè: од името, од земјата, од народот, од сè што Господ ни го дал (за тоа веќе пишував во едно предходно писмо) и Криволак е во тој невидлив список за кој нѐ извести и министерката за одбрана, се разбира среќна што таму ќе има оружја вакви, такви, секакви, а воздухот, а воздухот, загаденоста, ама кој мисли на тоа, важна е среќата на македонските челници, народот, ма каков народ. Тоа што нема да го земе „короната“, ќе замине ваму-таму.

Народот ќе влезе во Европа по тајни патишта, само да го нема, полесно да дишат и северномакедонците и Европејците и преостанатиот свет, а тие што по некој случај ќе останат, Скопје им е тука ќе се приберат, во новите населби со „луксузни градби“, а градовите и селата ќе го изменат демографскиот изглед. Секогаш ќе има некои нови луѓе, што ќе им ги земат местата на отидените. А некои од познатите скопски населби, (за кои пишуваше и Данило Коцевски) како Дебар Маало на пример, еден познат архитект, ветуваше дека ова скопско маало ќе биде зачувано, додека не го претвори во „гето“. А знаеме кој ги правеше гетата.
Нашите надворешни пријатели, како што љубат да ги нарекуваат северномакедонските политичари, во историјата навистина многу „добри“ примери оставија.

Еден од трагичните е и оној, кога рускиот последен цар Николај Втори, по избувнувањето на Октомвриската револуција, упатува молба до својот близок роднина на Британското Кралство, тогашниот крал Џорџ (да не ми замерат историчарите, не ставам кој по ред), му укажува на својот британски роднина за можноста од негово целосно ликвидирање, како и на целото семејство, царицата, принцезите, нивните ќерки и принцот, престолонаследникот Александар и го моли својот близок роднина, да ги прибере во Британското Кралство. Инаку овие двајца владетели биле познати по нивната поврзаност и извонредна блискост, која била позната и поздравувана од речиси сите крунисани глави во Европа. Но кој се замешал тука. Се разбира, политиката рекла „не“, поради ред причини се спротивставува на доаѓањето во Велика Британија на царското семејство од Русија. Така, Николај Втори и целото семејство се стрелани, а потоа и изгорени. Ете, кога ним не им помогнаа, а нашите северномакедонски политичари, а и нивните „другарчиња од интерес“
околу нив, забревтано нѐ уверуваат дека ќе ни помогнат нам.

Политиката во генерална смисла ни една држава не ја менува. Само нијанси се во прашање, таа останува, само политичарите се менуваат и ги продолжуваат поставените насоки.
До ден-денес политиката е поврзана со интересите на политичарите. Останува да раководи со животите на народите населени на најубавата планета во вселената. Дали вековната трпеливост и жилавост на македонскиот народ ќе нѐ зачува од „игрите без граници“ на политичарите, за да не го речеме она крајното: амин.

Гордана Михаилова Бошнакоска, писателка