Медијацијата не смее да се прекине еднострано

1462

Голем број добронамерници, вклучувајќи ја и целата дијаспора, веќе долго време се едногласни во барањето „преговорите за името“ веднаш да престанат. Иако зборот „преговори“ не е адекватен, неоспорно е дека сите мислат на медијацијата на Нимиц. Незадоволството од овој процес е апсолутно оправдано и објективно, ама барањето е контрапродуктивно и штетно за нашите клучни интереси. Сосема е сигурно дека еден таков едностран потег сериозно би ја влошил нашата меѓународна позиција и целосно би нѐ заглавил во спорот за името. Сосема со право, ќе се најдеме на нишан на сите меѓународни фактори заради неисполнување на обврските што сме ги прифатиле со резолуцијата 817/93 на Советот за безбедност (СБ), при приемот во ООН.

Голготите низ кои врвиме веќе четврт век воопшто не се случајни. Не треба да се залажуваме: тие се резултат на интересите и на политиките на САД. Грција е само спореден играч. Над 25 години сме изложени на разни насилни акти (долго непризнавање на државата, игнорирање на Повелбата на ООН, војната од 2001-та, Охридскиот рамковен договор, ултиматумот од Букурешт во 2008-та…), кои може да ги предизвика само голема сила. Во прашање е добро осмислен план за бришење на македонскиот народ, при што Нимиц е само извршител на наредби што немаат врска со СБ на ООН. Тој работи за и во име на САД.

Едностраното прекинување на медијацијата би значело тежок удар за носителот на сите наши страдања, кој дрма со целиот свет и одговор ќе мора да следува, бидејќи ќе има и основа – непочитување на резолуција на СБ на ООН. Би се довеле во безизлезна ситуација. Ваквата оцена, меѓутоа, не значи дека немаме простор за дипломатска акција со која автоматски се прекинува медијацијата и се бара правично решение за нашето оспорено име, на сосема легитимен начин. Нормално е да се очекува дека ќе биде жестока и неконтролирана реакцијата на тие што се намерачиле да го разнебитат македонскиот народ, ама за тоа нема да имаат никаква основа, освен употреба на сила. Ние, пак, должни сме да се бориме за да ги одбраниме нашите универзални права што ни овозможуваат опстанок и постоење.

Македонија беше присилена да ја проголта медијацијата, која на неверојатно лош, крајно неодговорен и штетен начин ја водевме сите овие години. Арно ама со нејзино еднострано откажување би игнорирале одлука на СБ на ООН. Такво нешто Македонија не смее да си дозволи. СБ е неформална светска влада, која поставува санкции, одобрува бомбардирања… Такви мерки против нас не се можни, ама ќе бидеме на тапет и целосно изолирани. Ќе се најдеме во крајно неповолна позиција, со непресметливи последици. Притисоците врз земјата ќе бидат неподносливи. Оправдани жестоки критики ќе има од Вашингтон, Берлин, Париз, Лондон… Сите ќе бидат против нас. За Брисел нема да постоиме.

За да излеземе од ќор-сокакот, треба да се подготви соодветен меморандум, со кој ќе се извести генералниот секретар на ООН дека медијацијата е веќе потрошена, предолго трае, не донесе никаков резултат, а штетите што ги трпи Македонија се огромни од секој аспект. Ќе се бара меморандумот да го достави до СБ со предлог да ни се врати уставното и историско име во употреба, за да се исправи неправдата од 1993 година. Во меморандумот ќе нагласиме дека сите причини за обезличување на Македонија, ставени тогаш на маса, при нашиот прием, се покажаа неточни. Безбедноста беше доминантна причина поради која ни беше суспендирано името, а помина четврт век во кој меѓу двете земји немаше ниту еден безбедносен инцидент…

Со поднесување на добро елаборираниот меморандум, по автоматизам завршува медијацијата, со целосен пресврт во борбата за името. Таа и понатаму ќе биде крајно нерамноправна, ама барем ќе имаме иницијатива и некакви шанси за успех. Ако сакаме да успееме, ќе мора да се издржи одлучното противење што ќе следува од главните меѓународни фактори. Во спротивно… Авторот на овој текст веќе има подготвено нацрт на меморандум. Во моментов, меѓутоа, таков исчекор е беспредметен, бидејќи Македонија интензивно преговара со Грција во потрага по решение. Власта е подготвена по секоја цена брзо да се најде излез, и тоа нѐ става во крајно неповолна позиција. Во целина, ваквото наше однесување личи на намера за самоубиство. Постапуваме како обични аматери за прашање од кое зависат и народот и државата.

Без никаков повод, на пример, премиерот јавно ги дава нашите незамисливи отстапки за некаква географска одредница, без какво било условување за контрапогодности. Таков потег е можен само при евентуално финализирање некаков прифатлив договор, а не порано. Чинот е крајно неодговорен подарок на другата страна, која, пак, мудро и искусно, цело време уценува и поставува нови услови. За разлика од нас, како „гест на добра волја“, тие „се откажуваат“ од безобразлуци што претходно ги ставиле на маса без нашите веднаш да ги одбијат со индигнација. Да не беше тоа жалосно, ќе беше смешно. Нимиц, пак, не е вклучен во овие собитија и само „мавтаат“ со него за одржување некаков легитимитет. За наша голема среќа, грчката страна не сака решение и тоа може да нѐ спаси од непринципиелните историски погрешни отстапки на кои е, како што изгледа, подготвена нашата власт. Надеж дека ќе се спасиме сѐ уште има, ама ќе видиме до кога. Од Вашингтон доаѓаат разни комбинаторики за можно фазно решавање на спорот, преку кои опасноста од наша капитулација останува актуелна.

Тие би значеле ужас без крај за Македонија. Ако ја преживееме и оваа бура, меморандумот треба да биде патот по кој ќе се движиме за спас на македонскиот народ и прекин на медијацијата. И во сегашните преговори со Грција, прв и основен во нашите консидерации мора да биде фактот дека со резолуцијата 817/93, крајно нелегално и со флагрантно кршење на Повелбата (Уставот), ни беше суспендирано уставното и историско име од меѓународна употреба. На ист неприфатлив начин, надвор од процедурите и регулативите, ни беше наметната и референца, или ознака, како да нѐ регистрираат и водат во книгите и на настаните, бидејќи нѐ оставија безимени. Приемот на Македонија во ООН беше класично политичко силување, зад кое стоеја САД, Германија, Франција, Велика Британија…

беше на маргините, ама најмногу профитира. Факт е дека никој во светот не се спротивстави на оваа невидена злоупотреба на моќ. Второ и клучно, во спомнатата резолуција се вели: „… се појави разлика за името на државата што треба да се реши, со цел да се зачуваат мирот и добрососедските односи во регионот“, за да се заклучи дека СБ „ги поттикнува страните да продолжат да соработуваат со…“ (медијаторите, кои тогаш беа двајца)… „за да дојде до брзо надминување на нивната разлика“. Така ни беше наметната медијацијата, која ние не можевме да ја одбиеме исто како и целиот погром сврзан со нашиот прием.

Од цитираните делови важни се два детали што се во наша корист, ама ние често самите ги игнорираме. 1. Во резолуцијата се зборува за „разлика“ (еднина) околу нашето име. Тоа значи дека проблемот е само името, а не и идентитетот на народот, јазикот…, како што сега се имплицира и злоупотребува. Иако поретко во последно време, и од страна на врвни политичари, кај нас се користи изразот – „разлики“, во множина. Сосема неодговорно самите си ја рушиме позицијата во наметнатиот спор. 2. Уште поголема грешка беше и останува што кај нас речиси сите и цело време зборуваа(т) за – преговори за името.

Во резолуцијата нема ниту може да има такво нешто. Впрочем, кој може некому да му нареди да преговара за сопственото име? Во ООН добро го знаат тоа. Фактот, пак, што намерно и плански ја урнисаа Повелбата на ООН, наметнувајќи ни дополнителни услови за прием од пропишаните (член 4), потврдува дека во случајот со Македонија беше користена политичка сила. Грција нема такви можности. Неоспорно е исто така дека ние дозволивме повеќе непростливи грешки во Привремената спогодба (ПС), каде што се зборува и за „преговори“ и за „разлики“, ама медијацијата има мандат од резолуцијата 817/93, а не од оваа погубна спогодба. За нашиот резил да биде целосен, придонесуваат и нашите пратеници кај медијаторот Нимиц. Тие, без исклучок (освен Наумовски), се претставуваат како „преговарачи“, сакајќи да си дадат на значење, иако со тоа ја рушат позицијата на земјата во наметнатиот спор. Според дипломатскиот речник, тие се офицери за врска со медијаторот и ништо повеќе. Сите имаа решение од претседателот на државата како негови пратеници кај медијаторот.

Никој од нив немаше, ниту можеше да има, какво било овластување да „преговара“ и сите беа обични поштари на ставови, предлози… од власта до медијаторот, и обратно. Впрочем, не само тие: никој во државава нема мандат да преговара за името на оваа наша држава, а Нимиц одамна на маса ги стави и идентитетот, јазикот…, додека ние спиевме. Откако министерот и премиерот отворено влегоа во преговори во Грција, при што е сосема евидентно дека на маса се и идентитетот, јазикот…, што тие јавно го признаваат, имаме флагрантно кршење на Уставот. Врз основа на какво овластување и од кого тие се осмелуваат да преговараат за името, идентитетот, јазикот…?

Прашање е дали таков мандат може да даде дури и Собранието со 2/3 мнозинство? Оваа дилема произлегува од фактот што промената на името неизбежно води во разнебитување на народот, што е и основната цел на меѓународниот фактор, која веќе не се крие. Кога ќе се отвори можност, со меморандум, предметот мора веднаш да го вратиме во СБ на ООН. Со Грција никогаш нема да се договориме за какво било решение што би ги штитело минималните интереси на Македонија. Бесмислени и беспредметни се и залагањата за некакво враќање на нашето уставно име преку Генералното собрание (ГС) на ООН, кои ги заговара Игор Јанев. Основата е јасна: не може да се бара од ГС да решава за нашето име кога проблемот е сѐ уште на дневен ред на Советот за безбедност. ГС нема никаква можност да презема некоја ингеренција на СБ, кое е главен орган на ООН. Ако некој се обиде да започне таква процедура, од СБ веднаш ќе ја спречат со објаснување дека „разликата за името“ сѐ уште е предмет на нивна медијација.

Тука ќе заврши оваа приказна, а срамот ќе биде наш. За да биде работата појасна, еве и сличен пример – ако судскиот предмет е кај апелација, основниот суд не може да расправа и да решава за него. Исто е и обратно. Многу просто, зар не. Тоа важи и за ООН во нашиов случај. Апсолутен главен фактор во СБ се САД. Тие се и носител на проектот за прекрстување на Македонија и најзаинтересирани тоа да успее и во никој случај нема да дозволат да бидат изиграни со некаква балканска итроштина. Тој што го форсира овој пат, кој е целосно погрешен, си игра мајтап со тие што го следат, бидејќи нему мора да му е кристално јасно дека таква можност за спасување на нашето име – не постои. Сѐ додека сме тема на масата на Советот за безбедност. Што се однесува до сугестијата за барање советодавно мислење од Хашкиот трибунал за нелегалноста на нашиот прием во ООН, од таквата постапка ние сме се откажале со Привремената спогодба.

Ристо Никовски
авторот е поранешен дипломат