Македонците во Албанија не се Бугари

493

Македонско друштво „Илинден“-Tирана и Македонското меѓународно движење за човекови права бараат Македонците во Албанија да не ги именуваат како Бугари, затоа што не се тоа.

Македонското национално малцинство во Албанија ниту било ниту ќе биде бугарско. Историјата и современоста го докажуваат тоа. Но докажуваат и нешто друго. Самопродавањето на одредени лица, желни за ситна заработувачка и „бесплатно“ школување во Бугарија, им овозможи на долгогодишните бугарски емисари во Албанија да најдат безрбетници среде Македонците во Албанија. Од друга страна, тоа ѝ овозможи на бугарската држава да го оствари долгогодишниот сон за „наоѓање“ на она што го нема во Албанија, а тоа се Бугарите. Кога на сето ова ќе се додаде и фактот дека Бугарија бараше во Законот за малцинства во Албанија да се внесе и непостојното „бугарско“ малцинство што Бугарите го остварија со бесрамното уценување на албанската влада со закани и оневозможување на евроаспирациите на албанската држава. Македонското друштво „Илинден“ од Тирана уште при носењето на срамниот закон за малцинства во Албанија реагираше и укажуваше дека признавањето на бугарско малцинство во Албанија е фарса. Но, истовремено, посочуваше на фактот дека Бугарите нема да запрат со свето „европско“ однесување и ќе го злоупотребуваат катастрофалниот Закон за малцинства во Албанија во секој сегмент.

Денес таквото „европско“ однесување на Бугарија се покажува на дело со актот преземен од страна на Софија, која преговара за испраќање бугарски наставници во Албанија. Доколку се оствари ова, тоа ќе биде најнасилното и најпонижувачко однесување на една европска земја кон малцинствата во една суверена држава како Албанија. За ваквата намера на Бугарија говори и изјавата на министерката за надворешни работи во националното собрание Екатерина Захариева. Таа изјавила: „Донесувањето на законот за заштита на националните малцинства во Република Албанија е само првиот чекор. Го очекуваме усвојувањето на други законски акти, во кои детално ќе се наведат начините на кои ќе се гарантираат правата на малолетникот во Бугарија… Неоспорен успех за билатералните односи е емитувањето вести од бугарски јазик во РТШ2. Наскоро ќе има проект ’Учам бугарски јазик’. Министерството за образование преговара и подготвува доставување услуги за наставници од Бугарија до областите каде што живее бугарското малцинство“.

Освен реакциите на Македонците од Албанија за насилното однесување на бугарските емисари и бугарската држава кон нив, не смее да изостане и реакција од матичната македонска држава за веќе докажаниот упад на Бугарите среде Македонците во Албанија. Наедно ги повикуваме и Хелсиншкиот комитет на Албанија и европските претставници во Албанија да го осудат чинот на насилно национално обезличување на македонското национално малцинство во Албанија со уцени и закани дека Бугарија ќе го стопира напредокот на албанската држава за влез во Европа.

Друштво ‚‚Илинден Тирана“ и МЧП