Македонскиот јазик и неговите корени

1465

Каков е македонскиот јазик и кое е неговото потекло? Власта и, за жал, многумина неупатени интелектуалци одговараат едноставно: јужнословенски јазик и ништо друго. Меѓутоа, во науката тој се определува и како балкански јазик (во сооднос со другите балкански јазици, како албанскиот, бугарскиот новогрчкиот, романскиот, ароманскиот, ладино па дури и турскиот).
Средиштето и жариштето на т.н. граматички балканизми е (југозападна) Македонија.
Едно од објаснувањата за балканизмите (на пр. удвојувањето на објектот, постпозитивниот член (инаку уникатно троен во македонскиот јазик, како и во ерменскиот на пр.), губењето на падежниот систем, категоријата засведоченост, употребата на глаголската именка, категоријата преодност итн.) е дека тие се должат на меѓудејство со стар, супстратен балкански јазик и дека се тие плод на јазичен контакт. Сите овие граматички системски одлики не се словенски.
Згора на ова, моите долгогодишни проучувања утврдуваат уникатна основна лексика во македонскиот јазик што е од супстратот. На пример; БАРА, ВРНЕ, ЗБОРУВА, ВИКА, ЧУКА, ВАДИ, ТУРНЕ, УРНЕ, ПРЕТА, БРКА, ДЕЛНЕ, СЕ ДУРМИ и понатаму БРЧКА, ГУРЕЛКА, ШАКА, БАЧ, БАМБАЛ, частиците ЛЕ, ДЕ, и БЕ исто и ДА, суфиксот -МИНА како во ПЕТМИНА. Во некои случаи станува збор и за јужнословенизми.
Кој е тој супстрат? Според моите сознанија, тоа е бригискиот јазик, кој во антиката се зборувал имено на територијата на Р. Македонија, поточно во нејзиниот западен и централен дел, од кој подоцна се развил пајонскиот. Според видните лингвисти Ј. Русу и А. Меје, старомакедонскиот има две компоненти: бригиска и атичка грчка (последнава преку контакт).

Така што нашите врски со старомакедонскиот не се за потценување.
ЗНАЧИ, МАКЕДОНСКИОТ ЈАЗИК Е ЈАСНО СВЕДОШТВО ЗА СТАРИТЕ БАЛКАНСКИ ЈАЗИЦИ. Тој понатаму позајмувал од грчкиот (од кој има 1.000 збора) и од турскиот (над 3.000 збора), а бил во важен контакт со балканороманскиот (латинскиот).
Најинтересното е што моите материјали укажуваат и на значително словенско присуство (околу Дунав или и понајуг во Централна Србија) на Балканот во стариот век. Сите мои трудови се објавени во угледни научни списанија и биле подложни на строга верификација. Во нашата јавност некои, особено од сегашната минлива власт, со презир гледаат на нашата стара историја со што ги газат нашите предци. Тука нема антиквизација, туку има јасна стварност.
Албанците сакаат да се поврзат со Илирите, Бугарите со Траките, Романците со Даките, Грците ем со Старите Грци ем со Старите Македонци (последново е лажен мит). Според нашите политичари и гласните негатори, само ние немаме такво право, а за нашиот автохтон слој има најмногу докази во македонскиот јазик, но и во фолклорот, носиите, архитектурата, музиката итн.
Значи: македонскиот е балкански и јужнословенски јазик со важен старобалкански слој и граматика. Голема почит, од срце, за нашите предци.

(Илија Чашуле, професор по лингвистика
на универзитетот „Меквори“ во Сиднеј, Австралија)