Магионичарот и плаштот

407

Сосема случајно, на еден од белосветските ТВ-канали гледав меѓународен циркус, и се воодушевив од магионичарот, кој со невидена леснотија зеде еден стаклен сад, го наполни со неважечки ливчиња, го покри со еден истуткан плашт и, кога повторно го откри садот, од него излета гулаб на мирот, а неважечките ливчиња во торбата на магионичарот станаа важечки.

Се разбира дека сето ова е глупост и наивна лага, ама во секоја лага има малку и вистина. Ќе пробам да ја обелоденам.
За никого во Македонија и во белиот свет не е спорно дека државата ни е заробена. Со неа раководи уценета власт, на која ѝ опонира уценета опозиција, а гласаат уценет народ и уценети малцинства. Уценувачот катадневно ѝ се заканува на власта дека мора да ги спроведе царските наредби, или ќе ги изгуби изборите. На опозицијата ѝ се заканува со доживотна робија, народот го советува да слуша, зашто во спротивно ќе му се повтори 2001 година, а на малцинствата им се заканува со Куманово 2017/2018. И, нормално, во една таква ситуација, во време на избори, народот треба да испорача изборни резултати какви што посакува уценувачот. Но како е можно тоа кога гласањето е тајно? Е, можно е. Целата финта е кај плаштот на магионичарот.

Еве како:во Македонија има илјадници избирачки кутии, можат да се набават и илјадници плаштови или пешкири покровни, има над два милиона гласачки ливчиња и само еден магионичар. Поради тоа не може секоја избирачка кутија да се покрие со посебен плашт, затоа што има очигледен дефицит на магионичари. Тоа значи за да успее магијата, мора да се користат само една избирачка кутија и еден плашт, а магијата на магионичарот да се изврши во сите избирачки кутии. Целата оваа лакрдија е можна само ако се работи за чудотворен плашт, кој на пример се вика попис на население.

Затоа што ако се одржи попис, ќе се открие волшепството на чудотворниот покров викан попис на население. Тоа најверојатно се бипатридите, трипатридите можеби и шестпатридите од Балканот. Претпоставувам дека изборната измама се креира вака: магионичарот преку многубројните анкети утврдува колку гласови се потребни за победа на омилената бинационална коалиција и во секоја избирачка кутија се внесуваат десетици идентификувани гласачки ливчиња од идентификувани лица во избирачкиот список, но за средината сосема непознати избирачи што имаат неколку државјанства, гласаат во Македонија, а по потреба и во другите соседни држави.

Тие имаат толку пасоши колку што има држави на ридестиот Балкан.И така, почитувани Македонци и немакедонци. Како што реков, магијата е во чудотворниот покров што се вика попис на население. Ако сакаме да се ослободиме од магијата, покровот мора да се отвори и да се прати на анализа. Само така ќе знаеме точно од која балканска држава колку избирачи сме добиле на подарок. Така ќе знаеме и ќе можеме да одговориме на прашањето како во Македонија има повеќе избирачи од вкупниот број на население. И на крајот, кога ќе знаеме се за магијата, наместо со аплауз, магионичарот ќе го наградиме со едно големо македонско УУУУУаааааа! Се расипа магијата. Се разбира, сето тоа до новите избори, кога магионичарот нема да ја покрие избирачката кутија. Едноставно, без броење ќе го соопшти резултатот, а уценетиот народ со надеж дека конечно ќе успее да вработи некого од фамилијата, ќе ги наполни македонските плоштади и ќе ја прославува големата победа на фер и демократски избори. Зар е важно кој ќе победи? Не е, и сами знаеме дека државата Македонија е само играчка во рацете на магионичарот и победничката бинационална коалиција. Нашите стари викаат „каков ум, таков друм”.

Жарко Петрески, Австралија