Кучешкиот измет опасно го загадува Скопје

234

Парковите во Центар во кои треба да си играат децата се полни со измет од домашни миленици и неодговорни сопственици

Вашиот весник неколкупати пишувал за кучешкиот измет во парковите и кај детските игралишта. Сакам и јас да се придружам и да го изразам својот револт поради проблемот што го предизвикуваат домашните миленици, поточно сопствениците на кучиња. Нема парк во Скопје што не е загаден од нивниот измет, поточно од неодговорноста на нивните сопственици. Мажи, жени, стари млади, шетајќи ги кучињата им дозволуваат да вршат нужда во паркови, на тротоари, на паркиралишта. Без никаква одговорност, а со голема ароганција си дозволуваат да го загадуваат Скопје и да шират разни причинители за детски и други болести.

Најзагрозени се секако малите деца – од едногодишна до петгодишна возраст, кои самите не знаат да се чуваат. А како и да се чуваат кога кучешки измет од миленичињата има на секој чекор. Ги има во Градскиот парк, во парковите во Капиштец, Карпош, сигурно и во сите други. Но парковите во Центар се најзагадени.
Не знам дали сѐ уште важи законот според кој сопствениците на кучиња, миленичиња задолжително треба да носат ќесиња и да го собираат изметот. Тоа, ако е закон, речиси никој не го почитува. Но ако тој закон е укинат од новите власти, сметам дека секој сопственик треба да има минимум совест и да не му дозволува на своето милениче да врши нужда на јавна површина, особено кај што играат деца.
Ги повикувам (да не речам ги молам) активистите на „Анима мунди“ и на другите кинолошки здруженија да поведат акција меѓу сопствениците за поголема, за апсолутна одговорност кон другите жители на Скопје и кон самиот нивни град, да не го валкаат, да не го загадуваат. Како што се загрижени од „Анима мунди“ за заштитата на миленичињата, така треба да бидат загрижени за другите свои сограѓани, особено за малите деца.

Ги повикувам градоначалникот на општината Центар, Саша Богдановиќ, и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, да ги преземат сите мерки за да се заштитат граѓаните од неодговорноста на сопствениците на кучиња, миленичиња и да ја спречат оваа опасна појава. Доаѓа лето, заразните болести се шират. Апел до сите – да го зачуваме здравјето на децата, да ја зачуваме градската хигиена. Насекаде во светот градоначалниците најмногу и најнапред се ценат според тоа дали градот е чист, дали парковите се слободни за деца и за слободни прошетки, а не по некои фикс-планови и идеи. Ослободете го Скопје од кучешкиот измет – тоа е ваша прва задача.

Бојан Ивановски, жител на Центар, Скопје