Кон какво општество тежнееме

183

Витомир Теофиловиќ

Во нашиот актуелен политички дискурс владее вистинска конфузија. Можната причина за ова нарушување е што никогаш не успеавме да воспоставиме рамнотежа меѓу трите столба на власта: законодавната, судската и извршната. Извршната власт отсекогаш доминира, па и несвесно ја перципираме како природна состојба. Многу граѓани не го гледаат европскиот систем на вредности и правосудството засновано на него како најдобра легислатива на светот, туку Европската Унија ја поимаат само како технички поразвиена средина, во многу нешто дури полоша од нашата. Затоа е важно да се потсетиме на некои од основните политички поими.

Денес во светот постојат два основни облици: реална и номинална демократија. Реалната демократија се темели на споменатите столбови на моќ и на нив заснованите независни институции, кои го надгледуваат државниот апарат за да работи според Уставот и законот. Номиналните демократски држави се нарекуваат и етатистички држави. Терминот етатизам се родил на почетокот на 19 век, а во нашиот политички дискурс го воведе филозофот Светозар Стојановиќ (1931-2010), посветувајќи му ја и книгата „Од марксизам до етатизам со човечки лик“. Главната одлика на ваквиот тип држава е првенствено грижа за самиот државен апарат.

Ова се поимски чисти модели, какви што постојат само во теоријата. И државниот апарат на секоја демократска држава тежнее кон сопствената хомогеност и монолитност – тоа е нужна одлика на секој тим за да функционира ефикасно, како што, од друга страна, и етатистичката држава мора да води сметка за интересите на народот за да владее спокојно; во спротивно населението би било незадоволно и потенцијално би го подривало апаратот на власта. Но разликите се огромни – Карл Попер, големиот мислител на 20 век, ефектно ги сублимираше во називите – отворено и затворено општество.

По падот на Берлинскиот ѕид, Фукујама во книгата „Крај на историјата“ ја изложи тезата дека е само прашање на време кога сите држави ќе станат правно уредени и демократски, односно дека сите други типови држави, со заеднички именител на етатизмот, ќе исчезнат од историската сцена, а сите односи меѓу државите ќе бидат исклучиво партнерски (натпреварувачки), а не и непријателски. Тоа уверување е втемелено на фактот дека демократскиот систем во секој поглед е незаменлив – дека е најхуман, економски најефикасен, најправеден, творечки најповолен… Набргу, меѓутоа, некои етатистички режими се консолидираа и се стабилизираа. Како беше можно тоа? Заземајќи ги јавните гласила, тие завладеаја и со јавното мислење – се покажа дека тоталитаристичкиот рецепт за придобивање на мнозинството е загарантиран со формулата: стопати повторена лага станува вистина, што важи под услов да нема поинакви мислења. Ова демагошко откритие не би било доволно за трајно одржување на недемократската власт ако нема извесен државен труд и за потребите на граѓаните. И етатистичките режими постојат за стопанството да напредува и да расте стандардот, а благодарение на популистичките мерки и монополот врз информациите често успеваат да изградат позитивен имиџ, дури и впечаток за компаративна предност над ривалскиот систем.

Ако стопанството е неминовен заеднички именител на двата типа држава, во што е разликата? Во тоа што во вистинска демократска држава слободната конкуренција постои во сите области на животот – политичкиот, стопанскиот, културниот… додека во етатистичките држави главниот акцент е на (само)одржување на државниот апарат. Иако и етатистичките држави имаат на хартија правни норми како демократските земји, правосудството функционира како куклен театар – Владата ги влече сите конци. Да се потсетиме на прочуениот советски устав од 1936 година. Сталиновиот секретар Бажанов го скицираше, а Сталин го пофали, со само една забелешка: во Уставот да ја внесе и слободата на печатот, зборот и договорот. Вчудовиден од барањето, Бажанов се правдал: „Луѓето ќе го злоупотребуваат тоа“, но Сталин му одговорил: „Ама ние нема да го дозволиме тоа!“. Тој устав е прогласен за најдобар во светот, а знаеме дека во практиката поинакво мислење се плаќало со робија во Сибир, а често и со живот.

Главната разлика на двата типа власт не е во теоријата – повеќето правни норми се слични – туку во практиката. Во етатистичките држави апаратот на власта, потпрен на службата за безбедност – а пресудно со неа како континуитет на поредокот и условен – функционира како господар, а не како сервис на општеството. Општествената динамика е сведена на нужниот минимум – замена на умрените или снеможените кадри; замена на помалку послушните со уште попослушни… Политичките мандати, благодарение на манипулацијата со јавното мислење и митот за водачот како од бога даден, незаменлив владетел, остануваат во исти раце – водачот ја сели својата семоќ без оглед на своето звање во државниот апарат.

Квалитетот на живот во демократските држави е неспоредливо подобар отколку во етатистичките – доволно е да се споменат само елементарните показатели: слободата на избор, слободата на јавниот збор, творечките слободи и личниот стандард. Правото на поинаквото нема замена. Поинаквото е душа на напредокот.

(„Књижевник“, Белград)