Кога неталентираните владеат со талентираните

655

Денес со сигурност знаеме дека патот на разумот, патот на логичното и чистото дискурзивно познание не може да ни ја открие тајната на животот, ниту да допре до автентичната реалност на човековиот свет

Кога во 20-тите години од XX век, Бретон заедно со поетите на парискиот надреалистички круг, го испрати познатото писмо до сите европски универзитети тие да се самораспуштат, бидејќи ги воспитувале младите по принципите на логиката и разумот, европската уметност ја приграби филозофијата како интуиција што во тоа време почнуваше да ја освојува западноевропската естетика. Ова е времето кога Фројд и Бергсон ги открија новите хоризонти во уметноста. Уметноста стана свет-сон и интуиција. Ваквото уметничко дејствување го подразбираше и имагинарното. Подоцна и Маркузе, во едни драматични мигови, му се спротивставуваше на Маркс во тврдењето дека материјата е бог и тврдеше дека фантазијата како духовен чин и како човекова вистинска димензија мора да се оствари пред материјалната манифестација. Тој Маркузе нѐ убедуваше како Ајнштајн и Тесла дека имагинацијата (енергијата) е онаа што ѝ претходи на материјата. Тоа е и она познатото во библијата „ќе видиш во оној миг кога ќе поверуваш“.

Студентите на Универзитетот на Сорбона во шеесеттите години на минатиот век, поттикнати од идејата на Маркузе, излегоа на улиците низ Париз, демонстрирајќи и извикувајќи: „Фантазијата да дојде на власт веднаш“. Тие сфатија дека сѐ што се случува, се случува како резултат на вечната апотеоза на фантазијата и токму таа е основа во создавањето грандиозни уметнички дела и дека имагинацијата е таа што креира еден богат инспиративен и исполнет живот.
Но свеста на човештвото во тоа време не беше подготвена да ја приграби оваа идеја и човекот се изгуби во макотрпниот труд, се случи мракот на идеите, а сето тоа им одеше во прилог само на оние што трупаа капитал.
Денес со сигурност знаеме дека патот на разумот, патот на логичното и чистото дискурзивно познание не може да ни ја открие тајната на животот, ниту да допре до автентичната реалност на човековиот свет.
Интуицијата не му помага на уметникот единствено во создавањето на уметничкото дело, туку комплетно му го одредува и неговиот живот. Интуицијата нѐ спроведува и нѐ детерминира да го живееме точно она за што сме дојдени на Земјата. Уметничката идеја го дофаќа уметникот за нејзино остварување, еднакво како што научната идеја го дофаќа научникот. А ние, луѓето со таквите идеи низ кои зборува креацијата ги гледаме како полубожества, градиме некоја фиктивна его-структура за вредноста на таквата личност, наместо да се окупираме со идејата на гласникот и да се задлабочиме во причината на нејзиното постоење.

Што се случува? Луѓето низ кои зборува креативната енергија стануваат крајно деструктивни, егоцентрични и нарцисоидни, почнуваат да тргуваат со својот талент за на крајот да ги напушти духот и наеднаш остануваат без идеи, (пример Фауст кога ја продаде душата на ѓаволот). Колку парадоксално да звучи, талентот, креативните идеи ни се дадени да им ги поделиме на другите. Љубовта кон себеси ни е дадена да му ја дадеме на другиот.
Задачата на уметниците е да го скршат постојното, тие треба да воведат нов космички систем, нова хармонија во нередот што го направиле медиокритетите и неталентираните, антиморалот и антикултурата. Талентираните имаат моќ да го реконструираат тој светлосен систем на земјата. Се разбира, заостанатиот систем ваквите индивидуалци ќе ги отфрли, затоа што се работи за две спротивставени групи, каде што никогаш не може да дојде до заемна симбиоза.
Општеството, медиокритетскиот морал и култура, вредности што катадневно ни се наметнуваат, се всушност компоненти за внесување неред во хармоничниот космички систем и одржување на власт на една структура.
Затоа логично е зошто државата не може да им помогне на талентираните. Во државата имаме збир на неталентирани играчи, кои, и да сакаат, не можат да го видат талентот кај другиот, затоа што самите не го поседуваат. Тие во идеите на талентираните не можат да видат некоја божја мисија, идеја за нов космички поредок, ниту имаат моќ да ја почувствуваат идејната креација – која води кон целосно остварување за општо добро.

Талентот за државата претставува опасност. Таа по никоја цена нема да дозволи да се спроведат идеите на натпросечните, затоа што тоа претставува опасност дека работите ќе се променат, а тие токму против тоа најгрчевито се борат.
Д-р Мимоза Рајл