Како да се спасат идните бруцоши од криминал на факултетите

315

Секој државен универзитет е сопственост на државата, значи на сите нејзини граѓани. Арно ама има професори/ки што таа институција ја практикуваат како своја компанија и прават што сакаат. Така, на еден факултет години и години сѐ се одвива по смислен план и редослед. Веднаш да напоменам, за да не се сфати погрешно, случајов нема национална конотација. Страдалниците се од повеќе националности.

Во прва, втора, трета и четврта година студентите се оставени – доколку вложат труд, да добијат позитивна оцена за секој предмет и така да дотуркаат до пред самиот крај. И кога мислат дека е готово, последниот испит или последните два испита се испречуваат како нерешлив проблем. Се редат сесиите и тешко некој да положи. И по 50 студенти се пријавуваат, но никој не положува. И тие што дотогаш ределе „деветки“ и „десетки“, нема шанса да добијат ниту „шестка“. Студентите паѓаат во очај, но кому да му се пожалат? Што да направат? Од нив се бара толку многу, за да не положат. Целта на професорот/ката е очигледна – сите да не положат. И најчесто речиси сите не положуваат. Сепак, одвреме-навреме некој положува. Но и тоа не е баш радосна вест. Тој или тие два-тројца што положиле не се знае како го постигнале тоа. Не се знае дали добиле тешки прашања како и сите други, какви одговори дале, дали ги знаеле предвреме прашањата… Сѐ е мистерија оти тие што положиле, тоа го направиле без присуство на други студенти, во затворена просторија. Чудното е што положува некој што претходно бил потпросечен студент. Како успеал, на каков начин се снаоѓал, си знае само тој и професорот/ката.

Така, тој или тие два-тројца што положиле – се спасуваат, а другите? Теоретски, имаат барем четири решенија:
1. Да го научат совршено материјалот за да положат.
2. Да бараат снаодлив, мистериозен начин како некој што положил.
3. Да се испишат од факултетот.
4. Да се помират со тоа дека треба да поминат години и години за да положат.
Ако првото решение е тешко достижно, второто мистериозно, третото бесмислено, преостанува само четвртото. Студентите ќе си продолжат години и години да трошат време, нерви и пари за плаќање пријави за испити, семестри… Со тие пари ќе се полни буџетот на факултетот, а од тоа полза веројатно имаат и професорите/ките. Тука можеби се крие причината за споменатиот однос на професорот/ката: пари, пари, пари. Ако студентите паѓаат во прва година, секако ќе се отпишат уште тогаш и факултетот ќе ги изгуби како плаќачи натаму. Затоа се пуштаат до пред крајот, кога испишувањето губи секаква смисла. Нема каде да бегаат и единствена судбина им е да бидат жртви.

Очигледен криминал. Итно мора да реагираат надлежните институции. Мој предлог е, меѓу другото, парите од уплата за испити, семестри и слично да не ги зема факултетот, туку да ги зема државата (ресорното министерство на пример), за факултетот да го нема мотивот за трупање пари преку грбот на студентите. Второ, да се задолжи секој факултет во државава да подготвува годишен преглед на резултатите од сесиите за секој предмет и испит одделно. Од тој преглед идните бруцоши ќе можат да добијат слика за тоа што нудат секој факултет и секоја група, што е многу важно при изборот пред запишувањето. Ако минатите генерации биле изложени на непотребни страдања, барем идните генерации да избегнат „мачка во вреќа“. Да видиме кој е тој студент што знаејќи ги сите информации од прегледот, т.е. знаејќи што го очекува, ќе се запише на факултет каков што е спомнатиов. Ален Малин, Тетово